Климатските промени ќе не остават без кафе

Президиум на кафе Хуехуетенанго (Гватемала) © Slow Food

Растот на температурата предизвикан од климатските промени ќе доведе до исчезнување на неколку од омилените производи на жителите на планетата Земја, како кафето, какаото, виното. Се проценува дека, дивите видови на кафе “арабика” би ги немале во рок од само 70 години, што се заканува на генетскиот опстанок на една од основните аграрни суровини, предупредуваат експерти на Кралската ботаничка градина Киу во Лондон.

-Комерцијалните одгледувачи на кафе и во иднина ќе можат да го одгледуваат на плантажите ако се обезбедат потребните услови, но загубата на дивите видови, кои поседуваат поголема генетска разновидност, ќе го доведе во прашање долгорочниот опстанок на таа култура, бидејќи борбата со болестите и паразитите што ќе го напаѓаат кафето ќе биде тешка – пренесува “Ројтерс”.

Британскиот тим во соработка со етиопски експерти дојде до заклучок дека до 2080 година ќе исчезнат од 38 до 99,7% површини поволни за одгледување на диви сорти на кафе “арабика”, кое е многу чувствително на климатските услови, па и промената од неколку степени Целзиусови, ќе биде фатално за тој вид на кафе. Експертите потенцираат дека наведените прогнози се дури и конзервативни, бидејќи со нив не се опфатени негативните ефекти од значајната дефорестација на која се изложени Етиопија и Јужен Судан, уште една област во која успеваат дивите видови на кафе “арабика”.

Култивираната “арабика” има удел од над 60 отсто во светското производство на кафе. Оваа година во светот се произведени околу 4,86 милиони тони “арабика”, чија големопродажна цена достигнува 16 милијарди долари. Извозот на “арабика” е од клучно значење за стопанствата на Бразил, Етиопија и Судан, земји во кои од оваа култура живеат милиони луѓе.

Слоу Фуд уште од 2009 година, работи на повеќе проекти за кафе, во земјите со најдолга традиција на собирање на дивите видови, како на пример кафето Хуехуетенанго (Гватемала) кафиња од Сан Томе и Принципе, Ибо (Мозамбик) Луверо (Уганда) Камапара (Хондурас), Харена (Етиопија); повеќе за овие проекти на страницата на Слоу Фуд фондацијата за биодиверзитет.

фото: Президиум на кафе Хуехуетенанго (Гватемала) © Slow Food