Малешевската кујна презентирана пред Слоу Фуд

Беровскиот „буламач“ контра популарниот хамбургер. Специфичниот млечен производ, подготвен по рецептите на старите Малешевци, претендира да биде дел од семејството на храна заштитена од светската организација „Слоу фуд“ , која има мисија да ги заштити традиционалните и регионалните кујни како алтернатива за брзата храна.
Овој специјалитет со векови се произведува во семејството на 43-годишната Лидија. Таа не е вработена и единствената егзистенција и е од традицијата што лежи во сточарството и земјоделието.
-Буламачот се прави од последните млека од овчо млеко, се вари и се остава и се брка(меша), рецептата е од старите баба и дедо, не е тешко и го бараат туристите, вели Лидија Гугушевска, производител.
Малешевците типуваат на овој специјалитет, но и на малешевското сирење и компир и на производите од шумски плодови кои заедно со останатите специјалитети од традиционалната малешевска кујна беа сервирани на трпезата пред претставниците на италијанската организација „ Слоу фуд“ кои треба да се уверат во специфичноста на малешевските производи и да одлучат кои од специјалитетите ќе го носат знакот на Слоу фуд.
– Сметаме дека можеме да се приклучиме кон оваа мрежа на Слоу фуд со повеќе специјалитети кои понатаму ќе станат президиуми на слоу фуд, и ќе се востанови една точна рецептура по која тие ќе се произведуваат, по која ќе бидат препознатливи не само во нашиот регион, туку општо во 700- илјадното семејство на„Слоу фуд“. Со тоа нашиот крај би бил препознатлив, вели Дафинка Муцунска, директор на хотел Манастир –Берово.
-Развојот на туризмот оди заедно со понудата за храна и е многу важно да се понуди храна локално, всушност нема поинаков начин на развој ако не оди кон корените на постоењето, вели Микеле Румиц, координатор на „Слоу фуд“ фондација од Италија
„Слоу Фуд“ е интернационално движење со 100.000 членови од 153 држави кои ја поддржуваат здравата храна. По три години дејствување во Македонија формирани се 8 ограноци, а Малш – Берово е 9-та. Досега има 4 македонски традиционални производи кои го носат заштитниот знак на „Слоу фуд“.

Даниела Такева
Канал 5