МИА: Агробиодиверзитетот – основа за одржлива храна

Мед од еукалиптус или од кафе, црни краби од Колумбија, кола ореви од Сиера Леоне, млеко од камила, кафеав ориз од Филипини, мали банани со арома и вкус на јаболко од Уганда, јогурт со пепел од Кенија, црн ориз од Индонезија, какао од Брегот на слоновата коска, зачин од баобаб, вина од Грузија, шумски плодови од Казахстан, сол од Мароко, јаткасто овошје од Узбекистан, норвешка салата од харинга, зелено кафе од Гватемала,…
На сите овие и уште многу други производи, преку 10.000, кои доаѓаат директно од природата, од нивното изворно поднебје, „спремни“ за консумација без какво било процесирање, преработка и конзервирање, до скоро им се закануваше опасност од исчезнување, но сега се заштитени благодарение на Слоу фуд, меѓународната организација која две децении се занимава со зачувување на биодиверзитетот.
­
Зачувувањето на биодиверзитетот не е обична битка. Тоа е битка за иднината на Земјата. Во овој сегмент секој од нас може нешто да стори, на локално ниво, во својата заедница, секој ден, порачуваат од Слоу фуд.
Фокус на Слоу фуд, која брои 100.000 членови и има најмалку еден милион поддржувачи во 150 земји, е храната.
­
Сакаме да се избориме за свет во кој сите луѓе ќе имаат храна, но здрава, произведена врз основа на три принципи: Добро (квалитетно, вкусно и здраво), Чисто (производство кое не и штети на животната средина) и Фер (пристапно за потрошувачите во однос на цените, а исплатливо за производителите). Сметаме дека храната е во корелација со многу аспекти од животот – културата, политиката, земјоделството, околината. Преку изборот на храната што го правиме, колективно влијаеме на одгледувањето, продукцијата и дистрибуцијата. Тука всушност лежат најголемите промени, нагласуваат од организацијата Со цел заштита на биодиверзитетот, пред се во земјоделството, што е еден од приоритетите на Слоу фуд, основана е т.н. Арка на вкусови. Тоа е вид црвена листа на производи на кои им се заканува опасност од исчезнување, направена како каталог, достапен и електронски.
Всушност, претставува аларм за институциите на национално, европско и светско ниво да посветат повеќе внимание на зачувување на агробиодиверзитетот. Арката е воедно и алатка за промовирање на овие производи.
­
Арката на вкусови е стар проект на Слоу фуд, од 2001 година, повторно актуелизиран во 2012­та зашто стапката на губење на агробиодиверзитетот е голема, а активностите во светски рамки за негово зачувување, генерално, се многу слаби. Преку него практично апелираме до сите наши локални ограноци (конвивиуми), вкупно 1.500, да се зачуваат засега евидентираните 10.000 производи со нивно ставање на Арката, објаснуваат од Слоу фуд Македонија.
На Арката се наоѓаат и 15 македонски производи меѓу кои собра гравче, колешински кикиритки, планински чај од Галичица, калинки од Валандово, буковска пипер,…

Младите и потрошувачите ­ целни групи
За што поголемо актуелизирање на биодиверзитетот, храната, односот кон неа, но и нејзиното значење, интернационаната Слоу фуд особено внимание посветува на потрошувачите, нивната едукација и подигнувањето на јавната свест.
­
Каков би бил ефектот ако произведуватe „правилно“, без загадување на средината, чисто, здраво, вкусно, по традиционални рецепти, а потрошувачите за тоа воопшто не се свесни, не знаат и одбираат индустриски, конзервирани продукти полни со адитиви, бои, емулгатори, стабилизатори, засладувачи, згуснувачи? Затоа, тие се многу битна алка од синџирот, мора да ги информираме, да ги доедуцираме. Добро е да научат и да го поврзат задоволството од добрата храна со одговорноста, одржливоста и хармонијата со природата, нешто што потоа, сигурно, ќе го пренесат на своите следни генерации, велат од Слоу фуд.

Таргет се и младите кои во рамки на Слоу фуд ја промовираат храната на, за нив, посебен начин. Ја фузираат со музика, спорт, велосипедски трки,…, изнаоѓаат најразлични начини да биде што поблиска до нивните врсници. Организираат работилници, креираат иницијативи.
Подготвувањето оброци на јавно место како т.н. диско супа и нивното бесплатно делење на минувачи, се само некои од активностите.

Во оваа насока, Слоу фуд направи уште посериозен чекор ­ издејствува отворање Универзитет за гастрономија, единствен од ваков тип во светот, со што максимално го подигна нивото на своето дејствување. Унивезритетот се наоѓа близу Торино, а половина од запишаните студенти се од странство што е согласно идејата ­ да се „делува“ глобално.
­ Младинската организација е поавангардна, побунтовна, секогаш со бомбастични, рок&рол концепти за разлика од возрасната Слоу фуд која има посмирен, порационален пристап.

Затоа и настаните се такви. Додека возрасните членови уживаат во некое вино, одат во село да гледаат производство, дегустраат, младите алармираат за актуелни прашања како ГМО или максимално искористување на храната која денес 30 до 40 отсто се фрла поради неизбалансираност, потенцираат од Слоу фуд.
„Расфрлањето“ на храната е посебен проблем, и „третманот“ исто така ­ додека во западниот свет е стока на трговија и креирање профит, во африканските земји претставува средство за преживување.
­
Односот кон храната треба да се негува од најрана возраст. Затоа Слоу фуд формира ограноци и во градинките. Ваквиот пример треба да се следи и кај нас. Би им порачал на младите наместо хамбургери, да јадат јаболки. Знам дека тоа оди многу тешко, ретко кој сака да јаде јаболка наместо сендвич. Но, мора да бидеме свесни колкав е бенефитот, истакнува Дарко Ристовски.

Тој ја пренесе заедничката порака на младите од Слоу фуд – „ако се зачува храната што се фрла, нема да нахраниме една милијарда гладни, туку многу повеќе“.
Нивната креативност беше исклучително впечатлива и на годинашниот саем „Салоне дел густо“ што се одржа во октомври. Секој ден се организираа различни настани меѓу кои и вечерта „Од глава до опашка“, посветена на максималното искористување на суровините.

Присутните имаа можност да пробаат еден невообичаен чоколаден десерт, со крв од крава.
­ Сметаме дека ако се знае, може и треба максимално да се искористат суровините за добивање храна, независно дали се од животинско или растително потекло. Не смееме да си дозволиме „расфрлање“ кога има илјадници гладни, мора да научиме да бидеме рационални не само заради нас, туку и заради природата, порачуваат младите активисти на Слоу фуд.

„Салонe дел густо“
„Салонe дел густо” е неповторливо доживување. Нуди производи од преку 140 земји. На штандовите може да се дегустираат сончоглед, портокал и чај од Јапонија стар преку 1.000 години, житарки од Перу, кафе од Мали, Индија, Хондурас и Гватемала, мед од Јемен кој „ја исцелува душата“ или кафеав мед од Кенија, смокви и суво грозје од Авганистан, сушено овошје од Пакистан, храна на фараоните од Египет за која никогаш не сте слушнале или евентуално сте прочитале, но не сте помислиле дека воопшто ќе ја „вкусите“. Особено се интересни приказните кои „ликот зад штандот“ во секој момент е подготвен да ви ги раскаже.
­ Каков е овој покот­јогуртот со пепел, уште познат како „храна на овчарите“?, прашувате и пробувате од „смесата“ пред вас, ставена во хартиена чаша со чудна, сивкаста боја.

Помислувате, „ќе ми отече устата, ќе се исфрлам со црвено­бели дамки по телото или организмов ќе го прифати „специјалитетот“­ Јогуртот се произведува само во неколку семејства во областа Западен Покот, Кенија, во селата Тарсои, Тартур, Литион и Шоне, од млеко (кравјо или козјо) помешано со пепел од автохтоното дрво „кромво“. Јогуртот од кравјо млеко е повеќе за мажите, додека оној од козјо млеко, со интензивна арома и вкус, е за жените и децата. Мирисот варира зависно од времето на ферментација. Животните кои се молзат, се хранат исклучиво со паша. Млекото се собира во традиционални претходно испразнети тикви и се остава најмалку три дена. Тиквите имаат дебела кожа и за да се направи од нив вид „контејнер“ во кој ќе се собере млекото, се издлабуваат од внатре, се сушат, а потоа и се пушат на дрвото крмво од кое потоа, при приготвување на јогуртот, се користи пепел. Кога сурутката ќе се исцеди убаво, тиквата се затвора и се меша со соодветни движења. На крај, во готовиот јогурт се додава пепел чија цел е всушност дезинфекција, уникатен ароматичен вкус и карактеристична светло сива боја, насмеано објаснува црномурестиот соговорник.

Не помалку љубезен е и фармерот од Брегот на слоновата коска кој директно, пред вас, по којзнае кој пат демонстрира како се добива какао За власецот од Мопти во Мали ќе слушнете дека го прават илјадници години старите, антички Догон луѓе кои живеат во суровите услови меѓу Мопти и Тимбукту, во куќи од камен и колиби од кал на ланецот од црвени песочни карпи. Полињата со власец се покрај брани, мали насипи изградени во 80­тите години од минатиот век за да се обезбеди повеќе вода и да се зголеми приносот. Ова растение е познато по својот сладок вкус и арома на карпеста земја. Се јаде сушено или свежо.
Догон жените од цветовите, листовите и плодовите кои ги одгледуваат (просо, ориз, пченка, кикиритки, зеленчуци и легуминози), прават зачини ­ сушена киселица (се употребува како вариво, салата, зачин, сос, заире за пита), сушена бамја, сушени листови од баобаб.
„Салоне дел густо“, согласно целта, определбата и настојувањето да се зачува балансот во природата, традицијата, различното, импресионира и со концептот на саемските хали. Сите пет ги запазуваат стандардите на одржливост и нула влијание врз животната средина зашто материјалите кои се користат, од греди и столбови до чаши и прибори за јадење, пиење чај и
кафе, се направени од дрво, картон, целулоза, од материјали кои повеќекратно се употребуваат, односно реупотребуваат за други намени.

„Тера мадре“ ден
На 10 декември, секоја година, Слоу фуд го одбележува Денот на мајката земја­„тера мадре“.
„Се слави“ локалната храна со фокус на традиционалните производи, од Австралија до Русија, Хелсинки, Нигер, Мексико,…

Актуелни состојби
Околу 60 отсто од храната денес, во светски рамки, базира на три жита (пченица, пченка, ориз) и нивните хибриди. Според ФАО, веќе се неповратно изгубени 75 проценти од растенијата што човекот некогаш ги јадел, илјадници сорти кои порано се одгледувале во Индија, Кина, Мексико,…
Експертите предупредуваат дека не е само биодиверзитетот под сериозна закана од исчезнување, туку евидентно е нарушена и рамнотежата во природата. Изумирањето на видовите е природен процес, но не и ако се одвива со вакво, застрашувачки брзо темпо за кое, без сомнение, е виновно човештвото. ­ Не смееме да се осврнуваме на она што веќе е изгубено, мора да се фокусираме на она што се уште може да се спаси, е пораката на Слоу фуд.

Мирјана Чакарова
Извор: http://www.mia.mk/mk/Inside/RenderSingleNews/256/132410473