МИА: Конференција за заштита на македонските автохтони семиња

Скопје, 4 декември 2014 (МИА) ­ Во организација на Слоу фуд млади Македонија денеска ќе се одржи конференција на тема „Нашите семиња, наша иднина“. Целта е промовирање и заштита на македонските автохтони семиња.
Ова е прв настан од неколкуте планирани на оваа тема на кој заеднички ќе дебатираат производителите, експертите, граѓанските организации и претставници на институциите, за актуелните прашања и можностите за примена на домашните семиња од страна на малите фармери, како и за политиките кои го засегаат овој сектор, велат организаторите.
Според нив, Македонија е вистинска ризница на автохтон генетски растителен фонд.
­
Автохтоните семиња се наше гастрономско богатство, нераскинлив дел од нашиот идентитет. Губејќи ги нив, губиме дел од нашите белези како народ кој живее на овој простор.
Зачувувањето на автохтоните семиња и нивното засејување на македонските полиња нека бидат наш одговор, отпор кон индустриски произведените хибриди и генетски модофицираните семиња кои се реална опасност за губење на нашата автентична храна, на нашата слобода и право на добра, чиста и правична храна, велат од Слоу фуд.
Настанот се реализира во рамки на кампањата на Слоу фуд млади Македонија „Не за ГМО!“ и
проектот ЕССЕДРА, финансиран од ЕУ. мч/бак/08:00

извор: http://www.mia.mk/mk/Inside/RenderSingleNews/404/132406747