Преку 100 нобеловци против „Гринпис“

Париз – Повеќе од 100 научници од светски ранг, добитници на Нобелова награда, меѓу кои околу 40 за медицина, побара денеска од сите влади во светот да ја отфрлат кампањата на организацијата за животна средина „Гринпис“ против воведувањето на генетски модифицирани организми (ГМО).
Нобеловците се обратија преку отворено писмо до „Гринпис“ и нејзините активисти да ги “признат резултатите од релевантните научни истражувања, регулаторните тела за прехранбени производи и да се откажат од кампањата против ГМО во целина, особено против „златниот ориз”.
Ги повикуваат сите влади во светот да им овозможат на земјоделците пристап до сите алатки на модерната биологија. „Колку сиромашни треба да умрат пред да почнеме да го сметаме тоа за злосторство против човештвото“ – се вели во писмото потпишано од нобеловците.

Нобеловците сметаат дека ГМО може да биде извор на храна што ќе ги спаси и најсиромашните делови во светот: „Гринпис“ жестоко се противи на „златниот ориз“ со кој би можеле да се намалат, па дури и да се елиминираат повеќето болести што ги предизвикува недостигот од витамин А“ – порачуваат нобеловците.

Меѓу потписниците се Филип Шарп, добитник на наградата за медицина во 1993 година поради откривањето интрон, биологот Ренди Шекман, награден во 2013 година, како и британскиот научник Џејмс Вотсон, кој ја открил структурата на деоксирибонуклеинската киселина (ДНК).

„Гринпис“ веднаш им одговори на нобеловците дека нивните обвинувања, конкретно за „златниот ориз“, се лажни и неосновани, бидејќи, како што изјавија: „Станува збор за неуспешно решение и дека „златниот ориз“ не се продава на пазарот дури ни по 20 години истражување“. „Гринпис“ води кампања против ГМО, особено против примената на ГМО семиња на „златен ориз“ во Азија.
„Корпорациите го промовираат „златниот ориз“ и со тоа им отвораат пат на другите профитабилни ГМО-производи, наместо проблемот со храната во светот да се решава со еднаков пристап кон храна и екопроизводството“ – напиша „Гринпис“ во својата реакција до нобеловците.

Македонија во 2013 година ги забрани производството и прометот на ГМО-храна сѐ додека не стане членка на Европската Унија. Но во јавноста постојано е присутно прашањето колку ефикасно може да се спроведува оваа забрана.

Слоу Фуд на глобално ниво, но и во Македонија веќе неколку години ја води кампањата „Не за ГМО“ и дебатира на оваа тема. Клучни прашања во дебатите се: дали и колку таквата храна е штетна за луѓето и животната средина, какви би можеле да бидат последиците од нејзино производство и консумација, а доколку не е, како и колку таа може да помогне во справувањето со недостигот на храна, во услови кога една третина од храната се фрла.

Фото © www.greenpeace.org