Соработка со Редландс, Калифорнија

Неделно попладне во Битола. Ја пречекуваме Стефани Ѓеоргиеф на договореното место за средба, плоштадот Магнолија. Со насмевка, што повторно е меѓу „своите“, како и минатиот октомври кога на Салоне дел Густо во Торино, кога првпат се сретна со Слоу Фуд од Македонија, земјата на нејзините дедовци. Уште тогаш, речено- сторено, и сега е тука пред членовите на Слоу Фуд Битола, како лидер, да ни го претстави и поврзи со нејзиниот конвивиум Слоу Фуд Редландс, Калифорнија и генерално со целите и предизвиците на Слоу Фуд САД.
Запознавајќи го поголемиот дел од тимот на Слоу Фуд Битола, за активностите и иницијативите на кои работи, преку своето излагање и дискусијата која следеше потоа. Не запозна со историјатот и промените во земјоделството кои се случувале во изминатите 300 години во Калифорнија, како добар пример, за се што се случуваше во текот на развојот и интезивирањето на производството со примена на науката и современите технологии и последиците кои следуваа. Главен акцент на состанокот стави нејзиното објаснување за биодинамиката во земјоделството, тема која побуди најголем интерес меѓу присутните. Биодинамиката значи одржлив развој во земјоделството, нејзините принципи се основата на денешното органско производство. Како практичен пример, за подобро да разбереме го посочи користењето на козите во одгледувањето на виновата лоза. Козите со нивниот афинитет кон млади и сочни тревки, го пасат плевелот од лозовите насади, а истовремено, бидејќи слободно се движат низ насадите, вршат и природно ѓубрење. Користа од оваа симбиоза е повекекратна, со што се исполнети принципите на биодинамиката за исклучување од употреба на вештачки ѓубрива и хербициди.
Друг важен принцип на биодинамиката е тоа да ништо не се фрла како отпадок. Како доказ за тоа послужија примероците кои ги дегустиравме, брашно од комина од Каберне и сушената кора од портокал. Звучи чудно? Да, сите гледавме со неверување додека Стефани го објаснуваше начинот на добивање и можните начини за употреба во пекарството, како природни адитиви и ароми. Дискусијата ја завршивме со болните теми на американскиот прехранбен сектор како ГМО и Монсанто. Паднаа и конкретни иницијативи и договори за соработка, за донирање на литература за одржливо земјоделство, одржување на конференции и предавања со предавачи од Калифорнија, соработка со специјализирани изданија во областа на храната, за промовирање на македонското гастрономско богатство и голем број други идеји.
Покрај активностите со Слоу Фуд, таа ја води радио емисијата „Империја на вистинската храна“ на националната мрежа НБС и пишува за локалниот весник, за теми посветени на здравата храна и подигање на свеста за благодетите што ги нуди традиционалната и органската храна. Една од нејзините задачи на мисијата во Македонија беше подготовката на репортажа со луѓето кои ќе ги сретне и за македонските производи.
Затоа, наредниот ден ја поведовме Стефани на гастрономска тура низ старата чаршија во Битола, го посетивме зелениот и пазарот за сирења, каде ги пробавме сирењата на локалните производители, а на крај да се освежиме со боза, која гостинката за првпат со задоволство ја проба. Потоа се преселивме во подножјето на Пелистер, во Ниже Поле, на неговите ливади, каде изворно од проф. Никола Козаровски можевме заедно да слушнеме за традицијата за одгледување на овци и производство на сирење, која е дел со генерации на некои семејства од Ниже Поле. Имаше што да се проба во домот на Вера Мушовска и Вера Наумовска, овчо сирење, урда и кисело млеко, зелник со зеље, сок од дренки и џем од шипинки, вкусови кои уште долго ќе го паметам. Оваа посета ја направивме со цел Стефани да ја запознаеме со богатството на вкусови и здрава храна од ова подрачје и неговите потенцијали за т.н селски туризам. Како успешен пример и ја претставивме и посетивме „Вила Дихово“, во чија рустикалност секој би се вљубил на прв поглед. Се освеживме со планински чај наберен на Пелистер и со домашно произведеното пиво на вредните домаќини. Заблагодарувајќи им се на гостопримливоста, Стефани го приврши делот за Битола од својата репортажа посветена на „бавната храна“ од Македонија.
Се надеваме дека и ние бевме добри домаќини и дека помогнавме да ја ставиме Битола на мапата на светскиот алтернативен туризам, со нејзините прекрасни предели и традиционалната храна, како благодети за уживање.

Никола Ѓорѓиевски