Река од трактори полни луѓе денеска се движеа меѓу сртот на селата Дрвош и Иловица во општина Босилово. Тешкиот и непрооден пат не ги спречи да стигнат до нивната крајна дестинација Бенли Таш – каменот на плодноста. Трета година по ред, се возобновени обичаите и верувањата поврзани со ова место со цел популаризација на богатата традиција во погражденскиот регион. Во колективната меморија на жителите Бенли Таш е камен кој дава плодност на оние кои ќе минат низ неговиот отвор во форма на капија.
– Моите покојни родители раскажувале дека уште како млади оделе преку каменот за еден со друг да се вљубат. Тоа е едната верзија. Но според другото предание веќе омажените парови, доаѓаат за да го решат проблемот со плодноста. Оваа традиција ја одржуваме за зачувување на фолклорните обележја на регионот, вели Никола Стаменов, претседател на Федерацијата на фармери.
Прославата на Бенли Таш има и културно- уметнички карактер. За промоција на етно кулинарството и на музичкиот фолклор организаторите обезбедуваат посебна трпеза со стари специјалитети, а културно-уметничките друштва го оживеаја мелосот.
– Качамакот е посебна одлика на нашиот крај. Затоа не можеме да замислиме овој настан да помине без него. Ние подготвивме и други рецепти кои сме ги научиле од нашите баби и прабаби. Убаво е да се одржува она што било карактеристика на жителите од општина Босилово кои секогаш се собирале на овој ден, објаснува Софче Јовчева, од Здружението на граѓани „Слоу Фуд Огражден“, Босилово, кои се и организатори на настанот.
За градоначалникот на општина Босилово, заживувањето на традицијата долгорочно може да обезбеди развој на руралниот туризам.
-Оваа традиција беше замрена. Општината со невладината организација реши овој настан да го продолжи својот континуитет. Ние како општина сме концентрирани на зачувување на културното-духовно богатство на нашата општина. Цел ни е да ги обновиме традициите кои во иднина може да дадат голем придонес за развој на еко-руралниот туризам. Сакаме во овие настани да е вклучено и локалното население. За дел од нив, долгорочно, може да биде и обезбедување егзистенција. Сега ги создаваме почетните услови, објаснува градоначалникот на Општина Босилово Љупчо Колев.
Објавено: http://strumicadenes.mk/