Утрински: БИТОЛА КАНИ НА „ТРПЕЗА ФИЛМ-ФЕСТИВАЛ“

Од вчера, 20 јули, и денес, 21 јули, во Битола, во рамките на „Битфест 2014“, првпат се одржува „Трпеза филм-фестивал“ во Завод и музеј и во кафе-бар „Јагода“ во организација на „Слоу фуд млади Македонија“ заедно со „Слоу фуд Битола“. Речиси не постои филм во кој храната не се појавува во кадар, но ретки се филмовите во кои храната ја игра главната улога, или ние недоволно ја познаваме филмската уметност.

Има безброј приказни кои преку филм раскажуваат за храната, а таа, пак, раскажува за нас и нашето општество. Храната е култура, храната е идентитет.

Симболиката на трпезата каде што се собираме е културен настан и шанса за размена на идеи и ставови. Затоа и на ова прво издание на „Трпеза филм- фестивал“ на дебатите, форумите и работилниците кои се предвидени во програмата се дебатира за уништувањето на биодиверзитетот и животната средина, здравствените проблеми на консументите, злоупотреба на животните и нерамноправен пристап на глобалниот пазар.

Покрај проекциите на филмовите, кои во кадар ја ставаат храната и нејзината моќ да ги промени нашите перцепции, дебатите и форумите, „Трпеза филм- фестивал“ понуди и одлични постпроекциски забави. Во неделата се готвеше заедно со диџеј Соња Исмаил, а вечерва ќе се консумира музиката на групата „Гром“, кои ќе одржат свој концерт во „Јагода“.

Бидејќи силно веруваме дека помагањето не’ прави подобри, во двата фестивалски дена се одржува и готвачкото шоу, каде што парови готват заедно и ја пренесуваат пораката дека љубовта доаѓа преку стомакот. Како финале на манифестацијата е и акцијата за селекција и рециклирање отпад од амбалажи, заедно со „Пакомак“.
Извор: http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=971422A4CFF54340829B668FAFDE4908