Македонската медоносна пчела дава поквалитетен мед и е многу поотпорна на болести и поради тоа мора да се заштити од уништување, апелираат од невладината организација „Слоу фуд“. Пчелата која традиционално се одгледува во трмки, мали конусни направи изработени од слама, трева и кал, е пред изумирање бидејќи само уште неколку пчелари го користат овој метод на одгледување. Дополнителна причина е што и приносите се многу слаби, но медот е со одличен квалитет и освен за јадење се користи и за добивање восок за креми и свеќи.
Македонската пчела (апис мелифера македоника) е загрозена од се’ почестото одгледување на крањските и италијанските пчелни матици, кои со текот на годините го намалуваат бројот на нејзините колонии. Пчелите одгледувани во трмки развиваат поголема отпорност на патогени болести, поради што од „Слоу фуд“ апелираат до пчеларите да се вратат на овој метод и да спречат да изумре македонската пчела. Организацијата во 2011 година започна проект за истражување на техниките на производство со користење трмки, со цел да се обезбеди опстанок на нашата пчела.
„Нашите предци своите пчели ги одгледувале во трмки. Тоа е одржливо производство во еколошки услови без употреба на заштитните средства кои се користат при одгледувањето пчели во модерни сандаци. Со трмките не сме во можност многу да влијаеме на животот и развојот на пчелата. На тој начин тие се развиваат според нивните биолошки потреби, а човекот може многу малку да влијае па тие се развиваат како што им налага природата“, вели Игор Илков, претседател на здружението „Макби“, кое ги обединува пчеларите со цел да ја заштити и оживее македонската пчела.
Илков објаснува дека на еден од најголемите настани на „Слоу фуд“ минатата година „Тера Мадре“ во Торино, Италија, на дегустацијата на преку 100 примероци на мед од целиот свет, медот од македонската пчела освои второ место.
Здружението во моментов има 96 пчелни семејства од автохтоната популација на македонската пчела. Целта, како што потенцираат, е во иднина овој број да се зголемува преку вклучување други одгледувачи на пчели кои имаат мотивација да ја заштитат нашата пчела. Еден од најзначајните момент за заштита на македонската пчела, потенцираат во „Слоу фуд“, е нејзината приспособеност на климатските услови на македонското поднебје.
„Пчелните семејства од македонската медоносна пчела добро се приспособени на локалните услови, па кај нив е намалена потребата за користење интензивни и инвазивни методи за одгледување, како што се хемиските средства во борба со различните патогени и штетници, со што и животната средина помалку се оптоварува“, вели Горан Алексовски од здружението „Макби“.
Сања Наумовска
Објавено: www.utrinski.mk