10 работи што не смеете да ги пропуштите на Тера Мадре Македонија


Од вчера на Широк Сокак започна настанот Тера Мадре Македонија… започна уште една Слоу Фуд приказна… и ќе трае цел викенд… дојдете заедно да ја раскажуваме…

1. Избор на производи за дегустација
Дегустирајте, уживајте…..толку многу производи што чекаат на вас, да ги пробате. Производи кои мамат со своите бои, мириси и со своите приказни…..производи направени со многу љубов….тоа веднаш може да го почувствувате….Пробајте го слаткото од диви смокви, биеното несолено сирење од Дихово, ржаното лепче без квасец, кцаната сол, буковската пипер….и уште многу многу други нешта…

2. За пиење, многу пиво, вино
Разладете се со пиво, загрејте се со вино….пробајте најразлични вкусови кои никогаш не сте ги пробале, отворете се за нови вкусови и слушнете ги приказните на нивните производители…Задолжително бидете дел од дегустацијата на вина од Станушина. Виновата лоза Станушина потекнува од црноморското семејство на сорти грозје, тука се одгледува со векови, и секогаш на стрмните падини. Грозјето од Станушина се користи за правење на комињак вино, рубин црвено вино, со арома на јагода, малина и суво овошје, како и за правење маџун.

3.Да се вклучите во конференциите
Вклучете се во конференциите посветени на најразлични теми: биодиверзитетот на храна, млекарството на фарма, поддршка на малите производства, сирењата, пчелите, традицијата и ЕУ, климатските промени, македонскиот планински пејсаж. Слушнете што имаат да ви кажат предавачите, едуцирајте се, дозволете да ви отворат нови хоризонти…

4. Да се едуцирате на мастер курсевите
Мастер курсевите се посебна приказна и го заслуживаат цело ваше внимание. Одлична можност да научите нешто ново и да се отворите за нови можности. Мастер за занаетчиски пива, мастер за вино, мастер за мед….Едукација, заокружена со дегустација….Може ли да посакате нешто повеќе?

5. Едукација на децата
Додека уживате во дегустација на вино на прекрасниот Широк Сокак, на вашето дете не мора да му биде здодевно. За тоа е тука едукацијата за деца каде најмалите можат да видат како изгледа една зелена градина, да уживаат јадејќи овошје и да научат нешто повеќе за локалните семиња и нашата храна, подарокот од пчелите-медот, млекото, сирењето и многу други нешта. И сето тоа преку игра и тренинг на сетилата.

lepce-terra-madre-macedonia

6. Да ги погледнете изложбите
Во прекрасниот простор на битолската Магаза уживајте во изложбите: Македонските производи на Арката на вкусови, Слоу Фуд кафе; Откријате го светот на млекото; Дојранската гастрономија во делата на Ѓорѓе Узунов; Слоу фуд Македонија низ објективот на познати фотографи. Погледнете ги изложбите и видете како храната може да биде уметност.

7. Дебатите на кампот за млади
Младите се иднината. Во нив е силата за менување на нештата на подобро. Нив им е најпотреба едукација и подигнување на свеста, затоа што тие се нашата иднина. Во капот на млади ќе дебатирате за младите производители и потрошувачи на храна, за зачувувањето на старите сорти на семиња, за вино културата. Покрај едукацијата, дебатирањето, ќе имате можност и за работилници, дегустации, но и многу многу забава заокружена со журки во Бар чаршија.

8. Да погледнете филмови за храна
Гледање филмови во шатор под ведро небо, и тоа на Широк Сокак……и тоа филмови посветени на храната….целосно уживање! Погледнете ги кратките филмови, приказната за Слоу Фуд, како и Манрике Одисејата со кафето, Бито, вечното сирење и Нома точка на вриење. И сето тоа може да го правите со чаша квалитетно вино…На здравје!

9. Готвење во живо
Е ова, е дефинитивно најубавиот дел, кој никако, ама баш никако не смеете да го пропуштите. Врвни готвачи, само за вас, готват најразлични јадења, како зајак на пример…на отворено, на Широк Сокак. Пред ваши очи се случува цел тој процес, ја гледате сета таа љубов која готвачот ја истура врз јадењето и лиги ви потекуваат да пробате. Се разбира дека ќе пробате, штом ќе биде готово. Штом биде готово, се мора да се изеде! Ќе заборавев да ви кажам дека гледајќи готвење во живо, покрај што многу ќе уживате и дегустирате, ќе научите и многу корисни совети кои ќе ви помогнат да станете подобри готвачи или пак ќе ве инспирираат да почнете да готвите.

10. Да уживате на Широк Сокак
Широк Сокак е убав секогаш. Тоа го знаат битолчани, а уште повеќе го чувствуваат оние кои ни доаѓаат од страна. А посебно е убав, во најубавиот месец јуни. Дојдете да уживаме заедно, овој викенд, на Широк Сокак и заедно да раскажеме уште една Слоу Фуд приказна…

Слоу Фуд Македонија ја организира оваа манифестација со финансиска поддршка на Европската Комисија, преку проектот “Еколошко одржливсоцио–економски развој на руралните средини (ЕССЕДРА)„ и со поддршка на партнерите: Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југо источна Европа SWG, преку проектот  „Рурален развој преку интегрирано управување со шумските и соводните ресурси (LEIWW)”поддржан  од програмите на ABD и GIZ;  Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка;  Центар за развој на пелагонискиот плански регион, Општина Битола и приватни компании.

Tекст: Наташа Николовска Мустафа
Фото: © Беким Мустафа