Тера Мадре Македонија: Заедно да инспирираме промени

Мрежата Тера Мадре Македонија, под мотото „мрежа која инспирира промени“ за првпат се собира и презентира на едно место од 24-26 јуни 2016 година, во Битола.

Ова е првиот голем национален настан на Слоу Фуд во Македонија, од отворен карактер кој претставува одлична можност за презентација на македонскиот биодивезритет на храна и автентичните прехранбени производи. На овој настан ќе земат учество повеќе од 200 делегати од Македонија и Европа. Претставници на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Агенција за промоција и поддршка на туризмот и Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, заедно со 30 експерти од водечките научни и образовни институции во земјата и претставници на 30 локални организации ќе дадат придонес во презентацијата и дебатите за актуелните прашања поврзани со системот на храна во Македонија.

Република Македонија е земја со долга традиција во земјоделството и голема гастрономска култура, Тера Мадре Македонија претставува едно несекојдневно патување низ Македонија со помош на вкусовите каде овој настан се одржува со цел да се навратиме на старите вкусови, да ги едуцираме новите генерации дека со комбинација на задоволство, добра храна и одговорност, го гарантираме опстанокот на многу сорти, раси, производи и методи на преработка, со што се обезбедува поддршка на малите фармери и на одржливиот развој на руралните средини.

Во две конференциски сали, сместени во галеријата „Магаза“ и на плоштадот „Магнoлија“, во 10 сесии, дебатите ќе се фокусираат на биодиверзитетот на храна и малите производители, традиционалното производство на сирења, одржливото и органско производство, иднината на пчеларството, агротуризмот во функција на руралниот развој, улогата на младите во изградбата на одржлив модел на систем на храна.

Во најубавиот месец во градот на плоштадот „Магнолија“ на 30 штандови ќе се протега Пазарот на фармерите, каде ќе се претстават и петте президиуми на Слоу Фуд во Македонија, 20 производи од Арка на Вкусови, производи од органски производители и производи од традиционални и занаетчиски производства. Слаткото од диви смокви, виното од станушина, буковската пипер, сирењата од мавровско-реканскиот регион, мед од македонската медоносна пчела… се само дел од производите за кои сте слушале, а можеби не сте имале можност да ги дегустирате.

Она што е интересно и ќе привлекува внимание, а на што Слоу Фуд во Македонија става се повеќе акцент е едукацијата за храна и новитетот од овој настан, Мастер курсевите. За време на настанот ќе бидат промовирани мастер курсеви за занаетчиски пива, вино, мед и сирења од сурово млеко. Мастер курсевите на овој настан ќе бидат место каде консументите ќе се сретнат директно со експертите од овие области и производителите, заедно ќе се едуцираат и ќе ги дегустираат производите. Од едукативната програма за најмладите ќе биде организирана обемна програма во павилјонот за деца, во чии рамки ќе биде поставена и зеленчукова градина.

Слоу Фуд Млади Македонија, организира своја агенда на настанот, во форма на младински камп, каде младите ќе се едуцираат и ќе дебатираат за проблемите со постојниот систем на храна и ќе предлагаат решенија во насока на одржливо производство и одговорно консумирање на храна. Во вечерните часови ќе бидат организирани кино проекции, со филмови од двете изданија на Трпеза Филм Фестивал и журки. Кампот е планирано да заврши со Диско супа настан на плоштадот „Магнолија“.

Посебно место во програмата зазема и „Театарот на вкусовите“, каде познати готвачи, млади таленти и верни чувари на традиционалната кујна ќе ги презентираат своите готвечки вештини пред поширок аудиториум.

Кампањите и проектите на Слоу Фуд Македонија исто така ќе бидат презентирани преку неколку изложби. „Откријте го светот на млекото“ како дел од кампањата „Биодиверзитет на млеко“ на оригинален начин ќе ни ги доближи некои помалку познати факти, македонските производи на „Арката на Вкусови“ ќе бидат презентирани во дворот на галеријата „Магаза“.

Она што се очекува од овој настан е да се истакне потенцијалот на македонските автентични производи како во функција на руралниот развој и можноста за нивно зачувување, нагласување на спецификите на секој регион на Република Македонија во однос на храната, побудување на интересот за нивна посета, како и запознавање и едукација на консументите со производството на тие производи, како и покревање на свесноста кај малите производители на традиционалните производи за важноста на нивната улога во зачувувањето на биодверзитетот и идниот развој на локалните економии.

Слоу Фуд Македонија ја организира оваа манифестација со финансиска поддршка на Европската Комисија, преку проектот “Еколошко одржливсоцио–економски развој на руралните средини (ЕССЕДРА)„ и со поддршка на партнерите: Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југо источна Европа SWG, преку проектот  „Рурален развој преку интегрирано управување со шумските и соводните ресурси (LEIWW)”поддржан  од програмите на ABD и GIZ;  Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка;  Центар за развој на пелагонискиот плански регион, Општина Битола и приватни компании.

Тера Мадре мрежата на глобално ниво, се состанува на секои две години во Торино Италија и претставува еден од најважните настани посветени на малите производители на храна и претставува меѓународен форум за размена на знаење и искуства. Последното издание кое се одржа во Торино во октомври 2014 година и привлече 220.000 посетители, над 3.000 делегати од околу 160 земји, и 1.200 изложувачи на производи од 100 земји, вклучувајќи 300 Слоу Фуд Президиуми, производители од 400 заедници на храна од Тера Мадре мрежата.

фото: производител на к`цана сол во Кратово © Рудолф Абрахам