7 ДЕНА: Ај фил фуд. Slow food салон: Сите вкусови на најјако

Одам пешки кон хотелот „Александар Палас“, уморна сум од претходните гастрономски активности, но за ништо на светот не би го пропуштила првиот „Слоу фуд салон“. Викендот-18 и 19 октомври е резервиран за нив.

Искрено кажано, одењето пеш, или- рекреацијата се должи на кризата на идентитетот на октомври. Луѓе, кој видел мај во октомври? Со поглед ги прашувам минувачите и ги развлекувам чекорите радувајќи се на- што би рекол Зилахи- михољското лето. И да не си поет, ќе станеш стихољубец од напливот на оваа убавина.

Веќе знам – „Добра, чиста и правична храна, за сите!“- е мотото што Слоу Фуд го промовира во обединувањето на активистите, производителите, експертите, новинарите, готвачите…, а овој салон е пробивање на мраз за тие што не знаат – да дознаат. Умно, нели?

Само што стапнав на местото на настанот и веднаш – гушкања. Земам акредитација, се поздравувам со подмладокот на Слоу Фуд, евидентно е дека сме си фалеле, заклучувам по интензитетот на прегратката, и така „засилена“ влегувам во салонот.

На масата се флаерчиња, лепенки, има шаренило од нив во најразлични контексти, и за да го применам виденото од сличните настани- од еко торбичката на Слоу фуд ја вадам винската чаша. Да се најде. Потоа, се поздравувам со организаторите, ми се видоа малку уморнички но среќни: да се застане на нозе ваков проект, секако е за огромен предизвик и – за поздравување.

Толку од официјалности, тргнувам во авантура, а ме води некој внатрешен глас, кој никогаш, ама никогаш не ме излажал.

Всушност, целата приказна со Слоу фуд се совпаѓа со филозофијата што ја поддржувам, тука, на ова место да се презентираа македонска автентична и висококвалитетни храна, од месо до чоколадо, а производителите во „тет а тет“ средби со гостите, да ги раскажат своите искуства и приказни.

Носот ми е опасен. Навистина, ете така ги издушкав тартуфите на Сашо Стојчески кој со семејството од Тетово, го послуша својот љубопитен карактер: испровоциран од приказните за овие скапи печурки, дресирал куче и тргнал во потрага – чекор по чекор… Еве го сега, неколку години подоцна- црниот тартуф е 200 а белиот 2000 евра а се изложено, од путер до мед со тартуфи.., е нивно дело. Пробувам, се засладувам, си се потсеќам на стари добри миризби, и ми доаѓа да летам од убавина.

Веднаш од него- Нацо Јовчевски од Дихово со својот сладок адут, мед и комбинации- мешавини од мед и таан, поленов прав, млеч и прополис… Запазена е дегустација со дрвени лажичиња, медот е со богата текстура, наликува на себе си а вниманието ми е на Дихово. Не сум била во тој – рај на земјава, ама од таа почва запознав и други медари – Дичо и Цвета Димковски, а во солената варијанта кашкавалите и биеното сирење на Игор Поповски.

Мераци.

Бидејќи и очите ми се навлечени на убавина, приоѓам на штандот обвиткан со винова лоза, а на него – се од кози. Се разбира, дел за Давид Неделковски, и веќе познатото „Кози, млеко, планина“. Му велам- Давид, како се снаоѓаш со претпознатливоста, па ти си веќе славен“- а тој како да сака да се одбрани со погледот. „Кога ми велите така, ми станува незгодно“. И ме нуди со козјо сирење, намаз, па биено козјо…

И бидејќи вкусната прошетка по Слоу фуд салонот немаше логичен, туку- интуитивен ред, пред мене се најдоа две моми во носија, со широки насмевки и уште поширока чинија полна со сувомеснати производи Гаврилоски.

Колбас, пршута, сланина… Неповторлив вкус, „а ла чиста природа“ а Дамјан Гаврилоски, раскажува дека со сланината три години по ред освојува златен медал на Сланинијадата во Качарево, Србија. Секогаш е така, првин ќе те разберат надвор а дури оптопосле- дома. Браво за нив.

Време е да се засладам. Тука на половина пат к’цаната афионска сол на Владимир во две бои и детален опис на корпус деликти- во теглички.

Здогледувам шипинки како декор, и знам на вистинското место сум. Тегли со мармелад од шипинки и слатко од капини на брачната двојка Анѓелески. Луѓе, посакав да си ставам столче до Мирјана- гали со муабетот, засладува со „олд фешн“ благото.

Време е за течност, размислувам каде да се окрепам, бидејќи има неколку излагачи на вина а тоа е дефинитивно мојот пијалак.

Арно ама, тука е и Марјан Костадиновски, организатор на пивските салони кој ми наздравува од неговата лимитирана експеримантална серија. Ја кревам чашата, затоа што и јас „Сакам пиво“ па на момент се префрлувам на оваа течна храна.

После пиво,зошто да не: долче вита и чоколадо а за неа главен „виновник“ е Пеце Клечкароски, кој излага прва занаетчиски произведена чоколада во Македонија.

Облици – најразновидни, распостлани до семките на какао, предизвик што го повторив неколку пати. Чоколадо во вистинска смисла на зборот, не преслатко, таман, се лепи помеѓу непцата и остава неповторлив вкус.

Тука се и превкусните производи на „Леска“, комбинации на мармелад со чоколадо. Декаденција за паметење.

Лепчиња од хељда, житарка за овој век, и ракии со и од коприва на мајсторот на убавиот збор Страшко Милошевски, кој поведен од чиста љубов го произведува и лутото слатко, оцетот од диви јаболчиња, и – македонска вијагра, од овдешни продукти, коприва како база и којзнае, можеби уште некоја таинствена состојка.

Никита Арт со прекрасен, навистина светски кашкавал, а вкусната домашна зимница-ајвар, малиџано, лутиче, зелена паштета,… на Александра Лозановска од Демир Хисар, потоа, овчото сирење со пиперки ама и „клот“ од Пештера од Виница, а на нивниот дел и јајца од домашни и диви кокошки- различни и по боја и по големина…

Полека ги собирам впечатоците и си резимирам во главата.

По ова единствено искуство повторно одам пеш- нурнав во лелеава октомвриската ноќ, меѓу прстите пребирајќи ги неколкуте зрна на како.

Сакав следното утро нив да ги видам преобразени во дијаманти, но ми текна дека дијамантите веќе ги вкусив.

На Слоу фуд салонот.

Вања Тодоровска

Фото- Верче Стефановска