Секоја година, на 16 октомври, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации-ФАО, во повеќе од 130 земји во светот, заедно со националните партнери- Владите, Академијата, граѓанските организации, приватниот сектор, земјоделците, го слави својот роденден, преку глобална прослава позната како Светски ден на храната.
Целта за Светот без глад или SDG 2 (да се стави крај на гладта, храната да е достапна за сите, да се унапреди одржливото земјоделство) е во сржта на мисијата на ФАО и е една од 17-те цели за одржлив развој на Обединетите нации што треба да се остварат до 2030 година.
Колективниот напредок во многу земји за искоренување на гладот е успорен како резултат на воените конфликти, зголемувањето на екстремните временски настани поврзани со климатските промени и забавениот економски напредок на глобално ниво.
Според последниот извештај на ФАО, денес над 815 милиони луѓе страдаат од хронична неисхранетост. Во исто време, нивото на дебелина драстично расте во многу земји. Во 2017 година, 2,6 милијарди луѓе биле со прекумерна тежина (30 проценти од светското население), од кои 38 милиони- деца под петгодишна возраст. Оваа година, Светскиот ден на храната, под мотото „Нашите дејствија се нашата иднина“ повикува на посветеност на секој поединец како и политичка поддршка кон одржлив свет ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост. Тука се вклучува воведување на здрава исхрана во наставните програми, усвојување на методи за намалување на загубите и отпадот од храна, и олеснување на пристапот до локална, свежа и нутритивна храна произведена од малите земјоделци.
И кај нас денеска ќе биде одбележан Светскиот ден храната- локацијата е ООУ „Аврам Писевски“ во с. Бардовци во Скопје, со почеток во 10,30 часот.
Настанот го организира Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ООУ „Аврам Писевски“, граѓанските организации „Ајде Македонија“ и „Слоу Фуд Водно“.
Промоцијата на новата училишна градина- училница на иднината во „Аврам Писевски“, има за цел да ја подигне јавната свест поврзана со концептот на училишни градини. Така се зголемува знаење, љубовта и почитта на младите генерации кон одржливо производство на храна и здрава исхрана.
Објавено на: 16/10/2018
Медиум: https://7dena.mk/
