Аберџија: Лесново – место кое прераснува во туристички рај

Работев како конфекционерка во Пробиштип кога Зоран ги зеде во Лесново објектите под концесија и немаше трето – требаше или да го поддржам или да го оставам. Решив да го поддржам и животот комплетно ми се смени. Сега не да го сакам Лесново, а да не се децата таму, воопшто и не би одела во Пробиштип. Со овие зборови Весна ни раскажува како со сопругот се одважиле да почнат семеен бизнис во подзамреното село Лесново.

Весна и Зоран Петрови нудат храна и сместување за гостите-намерници и сега се речиси исто толку познати колку и прекрасниот манастир „Свети Гаврил Лесновски“ заради кој луѓето и доаѓаат во ова живописно село.

Со градски леб не се прави селски туризам

Со проект што го водеа локалните власти, а кој беше комплетно финансиран од ЕУ во Лесново е реновирано училиштето, кое во еден дел е музеј, а во другиот е преуредено за ноќевање. Во некогашната жандармерија и затвор од српско време, подоцна месна заедница, сега Петрови имаат продавница и меана која нуди традиционални храна – зелници, качамак, овчо кисело млеко, печено јагне и јаре, туршии, баклави, благи пити и колачи…. Менито е усогласено со постите и верските потреби на гостите на манастирот.

Долго време главен проблем им била водата, но сега и тој проблем е решен.

– Многу ме радува што неколку фамилии се враќаат овде во летниот период. Тоа се помлади пензионери кои се иселиле во Велес, Скопје и тие ни се нишан и надеж, оти младите луѓе не може да ги вратиме. Убаво е што почнаа да ги реновираат куќите. Становите во градовите треба да ги ослободат за децата и за внуците. Ни недостига средната генерација за да произведуваме храна. Доаѓаат туристи и бараат да купат табла јајца, а ние немаме ни 15. Од друго село морам да носам овчо млеко за да го потквасам за гостите. Селски туризам не се прави со градски леб. Идејата за „Зелникот на баба“ е на Зоран и на една комшивка, која исто така е повратник од Пробиштип – ни раскажува енергичната Весна, која на шега вели дека е прва дама на Лесново, бидејќи нејзиниот сопруг неколку години е кмет на селото. Таа ни вели дека животот на село ја препородил. Додека работела како конфекционерка, постојано била нерасположена и пред плачење. Сега, вели, наутро ја буди звукот на клепалото и манастирската камбана. Чува кокошки, одгледува зеленчук, собира коприви, штавел, лековити билки, прави слатка, сокови и компоти од диви плодови. На воденичен камен рачно меле триена, шарена сол и секој ден задолжително им вари кафе на бабите што ~ ги сукаат зелниците и другите специјалитети од тесто. Одгледува цвеќе, а член е на Федерацијата на фармерите, на „Слоу фуд“ и на други здруженија преку кои стекнува нови знаења, идеи и контакти. Зоран, пак, сменил повеќе професии работел во фабрика, во рудникот за неметали, а Лесново никогаш не го напуштил.

Расте и паѓа заедно со манастирот

Поради вулканскиот кратер во кое се наоѓа, Лесново е прогласено за споменик на природата. Некогаш имало 120 куќи, а во секоја од нив живееле по неколку фамилии со по 10-ина члена. Сега има 30 постојани жители, но 10 од нив се монаси во манастирот. Со векови главен извор на приход била изработката на воденички камења и секоја фамилија имала свои пештери во околината од каде што ги вадела.

– Нашето село некогаш било најбогато во овој крај поради вадењето воденички камења. Така било сè до електрификацијата во 1950 година. Мелниците почнаа да работат на струја, а селото да мигрира и населението опадна на една третина. Ова е карпесто вулканско подрачје и нема земја за обработка. Малкуте земја треба да се подѕидува, да се прават каскади како во Далмација. И стока ако се чува, пак за неа треба се да се купи, оти земјата не овозможува некое производството освен во малите бавчи околу куќите. А и високо е на околу 900 метри надморска височина. По последниот бран иселување во 70-тите години кога населението се спушти во Злетово и во Пробиштип, остана речиси без жители – се сеќава Зоран.

Во селото останале само старици, вдовици на лесновските рудари.

– Kога се вратија монасите, се поткрена манастирот и селото тргна кон поарно. Нивните судбини се неделиви. Сега освен добитокот што си го чува манастирот, само уште две три фамилии чуваат кози и на ред треба да се чека неколку месеци за да се купи козја урда. Тоа се релативно млади луѓе, паметни се, вратени се од околните места. Сакаат да си го продолжат векот и да произведат и за фамилијата и убаво го искористија селскиот туризам. Со Весна ги привлекуваме гостите, но не можеме сè сами да произведеме. За да ги анимирам неколкуте невработени од селото, им нудам да поставиме пластеници и да негуваме стари сорти домати и пиперки. Да пласираме убава свежо набрана храна со убава здрава ракија. Ние ништо не измислуваме само обновуваме за да не се заборави на кој начин нашите баби ја готвеа храната и како порано живееле и биле здрави и прави – вели Зоран.

Kлучно е средувањето на куќите

Kлучна за заживувањето на Лесново е финансиската инјекција од ЕУ, за која аплицирала Општина Пробиштип.

– Добивме два проекта – за средување на водоводот и канализацијата и за реновирање на училиштето и на старата месна заедница во места во кои ќе ги прифаќаме гостите. Тие се водат како привремени објекти, додека жителите не си ги средат куќите за во нив да примаат гости на ноќевање. А тоа треба да биде направено според стандардите на ЕУ. Амбиентот однадвор треба да е автентичен, но внатре треба да биде уредено според сите прописи. Тоа е селски туризам, каков што се практикува низ целиот Балкан. Мештаните треба комплетно да го пречекаат гостиниот, оти меанчиња има секаде – вели Зоран.

Петрови сметаат дека се подготвени да носат гости во Лесново.

– Најголем проблем ни е сместувањето. Во училиштето што Општината ми го издава под кирија има 12 кревети, а уште 8 во две куќи во кои може да се сместат гости. А секоја туристичка агенција се јавува дека ќе испрати автобус со 40-50 луѓе за кои се бара и ноќевање. Имаме капацитет да ги нахраниме и да ги угостиме, но нема каде да преспијат – вели Зоран.

Фудбалски натпревар – женети против ергени

– Славиме Еремија на 15 мај. Тоа е верски празник, но и празник за животните. Се собираме ние мештанките и секоја носи што има приготвено. Тогаш се дружат само жените. А на 28 јануари, кога е денот на Гаврил Лесновски слават мажите. Тогаш им правиме по кофа компири и кисела зелка, кифлички, две-три прасиња. На полноќ мажите излегуваат да играат фудбал на игралиштето. Играат два табора – женети против ергени. Потоа цела недела се бараат клучеви, картички, а некогаш чекаме и да се стопи снегот за да најдеме што е сè изгубено. Навивачи се началникот на полиција, јас, ќерка ми и уште неколку други деца, а од кога нашиот фудбал се прочу, играчи доаѓаат и од Скопје и од Битола – раскажува Весна.

Објавено на: 17/11/2013
Медиум: http://www.aberdzija.com/