Aгротим.мк: ИМЕ – Швајцарски проект во поддршка на македонскиот агрокомплекс: Грантови, техничка помош и можност за нови вработувања

Втората фаза од Проектот за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ започна со работа минатата година, а според активностите кои се во делот на земјоделското производство се издвои по добро осмислените и потребни мерки и програми за земјоделските производители, агробзинисмените и сите чинители во агросекторот.

За идеите, моменталните активности и плановите за делување на „ИМЕ“ разговараме со Габриела Митрикеска – Мицевска, експерт за одржлив агробизнис.

АГРОТИМ: Најнапред да го претставиме проектот, целта и што нуди програмата за зголемување на пазарната вработливост?

Митрикеска – Мицевска: Целта на Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ е да ги поддржи бизнисите во секторите одржливо земјоделство, активен туризам и компјутерски технологии да остварат зголемени приходи и да отворат нови работни места. Во секторот одржливо земјоделство ги поддржуваме бизнисите кои работат во потсекторите свежо овошје, зеленчук, грозје, како и преработки од овие производи.

Програмата нуди неколку инструменти со кои помага на бизнисите преку финансиска и техничка поддршка да воведат нови модерни технологии, нови иновативни производи барани на странските пазари, нуди услуги за поврување со локални и странски купувачи, маркетинг и промоција на произоводството, воведување на стандарди и пристап до финансии.

АГРОТИМ: Колку години е проектот ИМЕ, дали сте задоволни од тоа како се развивате односно одговарате на задачите кои ги има поставено проектот? Какви се вашите планови и стратегија за следните години?

Митрикеска – Мицевска: Целокупното времетраење на Проектот за зголемување на пазарната вработливост во Република Северна Македонија е 11 години, со вкупен буџет од 15,5 милиони швајцарски франци обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка. Тековната фаза на ИМЕ, имплементирана од компанијата „Паладиум“, започна на средината на 2019 година и ќе трае до 2023 година, со вкупен буџет од 6,2 милиони швајцарски франци. 

АГРОТИМ: Можете ли да ни кажете кои проекти во областа на агросекторот ги има работено ИМЕ и какви резултати имате?

Митрикеска – Мицевска: Од август 2019 година, нудиме поддршка со кофинансирање преку неколку инструменти :

  • Преку инструментот Фонд за можности, компаниите може да добијат финасиска поддршка до 50% од вкупната инвестиција, но не повеќе од 20.000 швајцарски франци. Имаме поддржано директни инвестиции во воведување на нови технологии, модернизација на бизнисите и подобрен пристап до нови пазари во Фуд Бар, Аронија Здрава Храна, Фруктана, Ларс, Аграр Ко, Конимекс, Нелкоски Органик, Македонија Експорт, Винарија Лазар.
  • Преку Инструментот за Организации за деловна поддршка, работиме со повеќе асоцијации и здруженија активни во агросекторот кои нудат можности за промоција и креирање на поволни услови за развој на бизнисите. Македонската асоцијација на преработувачи – МАП ја поддржавме во процесот на анализа на состојбата во секторот и потенцијалот за извоз и анализа за мерките кои нудат поддршка на компаниите во агросекторот за надминување на кризата со Ковид-19. Го поддржавме Слоу Фуд Македонија во процесот на креирање на првилникот за флексибилност за мали производители/преработувачи на производи од растително потекло. Поддржавме организација на саемот „Органска Трпеза“ преку Здружението „Живот“ и „Денот на вранецот“ и Асоцијацијата „Вината од Македонија“. Здружението „Еко Лешник“ го поддржавме во процесот на создавање т.н. „БиоСвис село“ односно што поголем број македонски лешникари да преминат кон органско производство за швајцарски пазар, да добијат обука за органско производство на лешник согласно швајцарскиот БиоСвис стандард и да се поврзат  со пазарот.
  • Преку Инструментот плаќање по учинок (P4P) кофинансиравме 5 компании да воведат нови стандарди за квалитет и безбедност на храна барани од нивните купувачи. Со истиот инструмент, преку кофинансирање на консултанти кои им подготвуваат деловни планови или развојни проекти, помогнавме на 12 агробизниси да пристапат до дополнителни финансиски средства од банки или други извори.

Нашите активности се фокусирани и на поврзување на бизнисите со странски пазари меѓу кои најпознати се фирмата Гринјард која снабдува повеќе ланци на супермаркети во Европа и швајцарскиот ланец на маркети Кооп.

АГРОТИМ: Дали нашите земјоделци и агробизнисмени имаат доволно информации за вашите повици, односно на кој начин ги информирате?

Митрикеска – Мицевска: Нашите повици се објавуваат на нашата официјална веб страница www.ime.org.mk и на нашите социјални медиуми и се споделуваат до сите комори, асоцијации, федерации и здруженија на граѓани кои се активни во производство на свежо овошје и зеленчук, како и преработки на овошје и зеленчук и винарии во нашата земја. Минатата година организиравме и отворени инфо сесии, но за жал поради новонастанатата состоја со Ковид 19, годинава не организиравме информативни состаноци со физичко присуство.

АГРОТИМ: На кој начин доаѓате до информации што треба да поддржите, како процес, мерки, законски измени или нови закони? Дали имате контакти со земјоделски здруженија, асоцијации и задруги?

Митрикеска – Мицевска: Дел од вработените во ИМЕ програмата работат во секторот повеќе од 15 години и континуирано го следат прогресот и потребите на бизнисите во агросекторот, вклучувајќи ги и малите земјоделски производители, здруженијата, земјоделските задруги, големите компании од секторот, но и институциите кои работат на креирање и имплементација на политики и мерки во земјоделството. Покрај тоа, редовно го следиме напредокот на нашата држава во процесот на усогласување со ЕУ и се обидуваме заедно со социо-економските партнери на МЗШВ да влијаеме на креирање на поволни услови за развој на бизнисите.

АГРОТИМ: Кои се нивните барања што да помогнете и да поддржите како проект. Колкави средства имате како проект и дали се тешки апликациите?

Митрикеска – Мицевска: Како што напоменавме и претходно, вкупниот буџет на програмата до 2023 година е 6.2 милиони швајцарски франци. Преку инструментите за поддршка, буџетот по апликант може да достигне максимум 20.000 швајцарски франци за апликација од Фондот за можности и 10.000 франци за Организации за деловна поддршка.

Апликациите се кратки, 3-5 страници и во нив апликантот треба да објасни на кој проблем во секторот ќе се фокусира, како ќе го реши проблемот со поддршката од нашата програма и како сето тоа ќе влијае на зголемување на приходите на конкретниот апликант, но и на другите чинители во ланецот и пошироко во секторот. Најголем дел од апликантите сами ги подготвуваат апликациите, бидејќи во секој дел има објаснување за полесно пополнување, но сепак, дел од компаниите одлучуваат да ангажираат консултант кој им помага во разработка на проектната идеја. Единствено ограничување е тоа што апликациите се подготвуваат на англиски јазик, бидејќи процесот на одобрување на секоја апликација има три нивоа: најпрво го одобрува локална комисија во нашата програма, потоа комисија во канцеларијата на Паладиум во САД, а трет чекор е одобрување на апликацијата од Швајцарската Агенција за развој и соработка при Амбасадата на Швајцарија во нашата земја. Овој процес во просек трае околу два месеци по затворање на повикот.Се трудиме да бидеме ефикасни и да помогнеме на бизнисите брзо и едноставно да дојдат до потребната поддршка за нивен развој.

АГРОТИМ: Дали може да се достигнат критериумите и условите од страна на заинтересираните?

Долку идејата е иновативна и овозможува креирање нови работни места, секако ќе биде сериозно разгледана и евалуирана. Сепак, финансиските сретства на нашата програма се ограничени, па предност добиваат компании кои имаат иновативни бизнис идеи за зајакнување на конкурентноста, отвораат работни места и продажба кај другите чинители во секторот (производители, трговци), а особено ако веќе имаат обезбеден купувач за производите или услугите кои се развиени со новата инвестиција. Особено ни е важно да поддржиме апликации кои креираат можности за вработување на жени и млади.

АГРОТИМ: Знаете мислењето на земјоделските производители кога станува збор за вакви проекти е дека е тоа комплицирано, недостижно?

Митрикеска – Мицевска: Малите земјоделски производители може да добијат директна финансиска поддршка од нашата програма преку Фондот за поддршка на микро и мали бизниси, но може да бидат и дел од проектите на коморите и здруженијата кои имаат за цел поддршка на малите бизниси. Во моментот работиме со Слоу Фуд Македонија, Импакт Фондација и Комората на органски производители во чиј мандат е поддршка на малите бизниси да ги подготват своите производи во согласност со барањата на пазарот и да им помогнат во продажбата.

АГРОТИМ: Дали и каква соработка има проектот ИМЕ со институциите и Владата?

Митрикеска – Мицевска: Иако нашата програма е наменета директно за бизнис секторот, сепак, со цел да го помогнеме процесот на креирање услови, политики и мерки за развој на секторите, соработуваме и со владините институции. Вообичаено поддржуваме и саеми или манифестации кои се исто така поддржани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на барање на бизнис секторот. Нашата поддршка се однесува на подобрување на промотивниот настап на бизнисите, организација на состаноци со потенцијални купувачи од земјата и странство, организација на тркалезни маси и работилници за време на промотивните настани итн. Покрај тоа, на барање на бизнис секторот, поддржуваме и развој и промоција на стратешки документи кои го поддржуваат развојот на секторот. На пример, минатата година го поддржавме Слоу Фуд во процесот на изработка на Анализа на законската рамка за преработени производи од растително потекло во поддршка на малите бизниси со храна која беше користена при подготовката на Правилникот за продажба од куќен праг на производи од растително потекло[1], а поддржавме и неколку активности за промоција на истиот.

Промоцијата на мерките за поддршка на Владата секако останува наша редовна активност, а на иницијатива на бизнис секторот планираме да работиме и на прилагодување на закони, правилници и креирање дополнителни мерки за поддршка на бизнисите кои ќе резултираат со системска промена и побрз развој на секторот.

АГРОТИМ: За крај, дали може да најавите кои повици и за која целна група ќе има набрзо?

Митрикеска – Мицевска: До крајот на 2020 година, ќе објавиме повици за двата инструменти: Фондот за можности и Фондот за организации за деловна поддршка. Повиците како и секогаш ќе бидат објавени на нашата интернет страница и социјални медиуми, а ќе бидат споделени и со нашите партнери, како и сите активни асоцијации, комори и останати чинители во секторот.