АРТ КУЈНА: Кога ќе наследиш буре со историја

Нашиот соговорник работи како енолог во винарија, а голема страст му е производството на ракија. Ја продолжува семејната традиција и горд е на своето наследство – буре од 40 литри со кое н еговиот дедо Пано одел да продава вино во Солун

 Енологот Лазар Плетварски е веројатно единствениот кој на Винскиот салон во Битола немаше вино, туку ракија. Потоа разбравме дека освен добра ракија, за свои потреби и за гости прави и Пелинковац, а си експериментира и со некои овошни ракии кои кај нас ретко кој ги прави. На пример, ракија од дуњи и кајсии. Еден ден, вели, можеби ќе почне да ги прави и во поголеми количини, за продажба, но засега привилегијата да ги пробаат ја имаат само домашните и најблиските пријатели.

Се разбира, Лазар е кавадарчанец, а во неговото семејство производството на вино и ракија е традиција.

„Производството на вино и ракија е константа во мојата фамилија. За татко ми, дедо ми и прадедо ми сум сигурен дека се занимавале со винарство, за поназад незнам. Од прадедо ми Пано Плетварски ми е пренесена мала симболична оставнина, буре од 40 литри со кое одел во Солун да продава вино. Инаку, поголемиот дел од опремата ја наследив од татко ми Блажо, на кој сум му бескрајно благодарен за насоките и довербата“, ни раскажа Лазар.

Тој е особено горд на својата тригодишна ракија, која е одлежана во буриња, поголем дел од македонски и неколку од француски даб.

„Целта на оваа ракија е да се задржи македонскиот традиционален вкус и препознатливост. Ова е ракија за уживање, мислата при нејзиното правење секогаш ми била една слика на двајца блиски (или далечни) пријатели како седат, пијат од ракијата и велат: ‘ова е добра ракија’.

Исто така посебно внимание и труд имам вложено во белата ракија. Горд сум на оваа ракија зато што успеав да ја соберам целата магија на рафинираниот комплекс и со оваа ракија сакам да кажам што можеме и умееме.

Што се однесува до делот со ликерите и овошните ракии тоа останува предизвик за во иднина, а тука можностите и предизвиците се неверојатни“, раскажува нашиот соговорник.

Тој е уште еден пример дека за да се работи во производство на ракии, човек треба да има исклучителна пасија, бидејќи резултатите најчесто доаѓаат после 3 до 5 години.

„Моето производство е мало, а сепак е неверојатно колку време и средства знае да одземе. Оваа работа никогаш нема крај, а овошјата се многу и само чекаат да бидат дестилирани. За мене лично ова не е работа, а не е ни хоби, за мене ова е начин на живот и единственото нешто што знам да го работам“, вели Лазар кој истовремено, освен во својата дестилерија 10 години работи и како енолог во винарија.

Дипломирал во 2005.година на Универзитетот за храна (УХТ- Пловдив), Бугарија, на Катедра Високоалкохолни пијалоци, а во 2011. магистрирал на Земјоделскиот институт во Скопје, со тема на специјална технологија од областа на винарството.

Вели дека одлично искуство за него биле и неколку берби на кои учествувал надвор од земјата, од кои ги издвојува оние во Калифорнија и Нов Зеланд.

Ракиите на Плетварски сега можат да се најдат во „Вајн Каунтер“ во Скопје и кај нашиот пријател Мики во „Папас фуд“ во Охрид. Наскоро планира да ја прошири продажбата и во Битола и Тетово, а секако, можат да се порачаат и директно од дестилеријата.

Од Свети Трифун годинава тие се отворени секоја сабота за посета на дестилеријата.

„Дестилерија Плетварски е природно очекување на старите генерации за обновување на традицијата за производство на ракија. Имплементирањето на современите технологии кои резултираат со префинет вкус и врвен квалитет е нашата генерациска задача“, вели Лазар кој официјално ја регистрирал дестилеријата во 2021.година.

„Целта е нашата визија за финеси и перфекција да ја преточиме во најфината арома и вкус во нашите ракии. Инаку, производствениот погон се наоѓа во централното градско подрачје во Кавадарци, а капацитетот на производство достигнува 2.500 литри на годишно ниво. Погонот од 80 м2 е изграден со цел задоволување на сите стандарди и поставување пример во сегментот на малите производители на жестоки алкохолни пијалаци.

Процесот на ферментација поминува во иноксни садови а процесот на одлежување во дабови буриња каде се создава магијата на рафинираниот комплекс и аромата на ракијата. Процесот на дестилација се врши на мал традиционален дестилационен уред (казан) со цел да се зачува целиот ароматски потенцијал од грозјето.

И на крај, нашите производи се создадени со многу љубов, бавно и внимателно, за пријатели и за добри луѓе“, завршува нашиот соговорник.

Автор: Драгица Христова