AРТ КУЈНА: Пешови: Органски производители со голем ентузијазам и првокласно овчо сирење

„Еден период чувавме над 700 грла овци, но потоа, поради недостаток на работници, ги намаливме. Затоа засега не можеме да си дозволиме да чуваме повеќе овци и да имаме поголемо производство на сирење, ама со секој оброк на масата имаме по една грутка сирење“, велат Петар и Даниел Пешови од фармата „Пештера“.

Семејството Пешови од Виница се производители на органско овчо сирење и засега имаат два вида, со пиперки и без.

Можам да ви кажам, иако не сум љубител на вакви комбинации како што е сирењето со пиперки, вкусот е фантастичен. Нивното бело органско овчо сирење е навистина првокласно. Фармата ја нарекле Пештера, прво, затоа што така се вика регионот на кој се наоѓа, а второ, затоа што си нашле некаква сличност со нивното презиме – Пешови.

Главен мајстор за сирењето е Румена – мајката на Петар, односно, бабата на Даниел. Таткото, односно, дедото Огне, го почнал бизнисот пред околу 20 години. За ова, за овците, фармата и сирењето, но и за кокошките и домашните јајца, зборувавме со нив на Салонот на Слоу фуд кој се одржа во хотелот „Александар Палас“.

„Пред повеќе од 20 години откако татко ми остана стечаен работник, проба неколку други работи, но потоа се одлучи да го работи тоа што го работиме денеска. Фармерство. Прво почнавме со кози, потоа одреден период чуваше крави и на крај завршивме со овците“, се смее Петар и вели дека сега, откако неодамна се пензионирал, и тој посериозно влегол во овој семеен бизнис.

„Со голем ентузијазам ја направивме нашата млекарница која  е опремена по сите ХАСАП стандарди. Млекарницата е во градот, а фармата надвор од градот, во селото Виничка кршла. Јас 30 години работев во МВР и по вокација сум дипломиран криминалист, но откако се пензионирав решив заедно со синот, со мајка ми и со татко ми, посериозно да се зафатиме со семејниот бизнис. Мајка ми е главен мајстор за сирењето, татко ми е поангажиран во фармата и одгледувањето на животните, како и во организацијата, јас им помагам во сето тоа, а син ми Даниел е задолжен за финансиите. На некој начин сме вклучени сите“, објаснува Петар.

 Младиот Даниел пак вели дека иако досега никогаш самиот не направил сирење, ја знае основата бидејќи често ја гледа баба си како го прави сирењето, но помага и околу животните. Сепак, најмногу се наоѓа во делот кој се однесува на продажбата и финансиите, но и на промоцијата и брендирањето.

„Студирав финансиски менаџмент и се пронаоѓам во оваа работа. Младите не мора секогаш да мислат дека треба да измислат топла вода за да успеат во бизнисот, туку може да се најдат себеси и во традиционалните бизниси и нешто што веќе постои, да го унапредат работењето, да применат некои современи техники на маркетинг, на брендирање и да имаат производи кои ќе бидат прифатени на пазарот кај нас, но зошто да не, и надвор“, вели Даниел. Тие сѐ уште имаат мало производство, но се надева дека во иднина ќе можат да ги пласираат и подобро, евентуално, како производ кој би бил дел од асортиманот во некоја продавница кадешто се продава органска храна.

Пред еден месец станале членови на еко задругата „Еко-Овчеполка“ во која членуваат 10 производители на овчо сирење.

„Се здруживме пред неполн месец, за да можеме заеднички да го стандардизираме производството, заедно да набавуваме репроматеријали и храна со што би добиле подобра цена и квалитет, но и да настапиме заедно  од продажен аспект и сите сирења да ги продаваме под ист бренд, за да можеме да добиеме извоз како задруга“, објаснува Даниел.

Тој е горд на нивните производи и вели дека сите негови другари ги пробале и ги јадат нивните сирења и на сите им се допаѓаат, а и за него е секогаш најбитно во фрижидерот да има сирење бидејќи тоа ‘одлично оди и со макарони и со ајвар и со сѐ’.

Инаку, семејството на својата фарма од неодамна чува и кокошки.

„Имавме мал број живина за наши потреби, но кога видовме дека има интерес за квалитетни јајца, купив неколку различни сорти на кокошки и ги пуштив на фармата. Ги храниме со јачмен, пченка, овес, пченица, си правиме т.н. концентрат од наши смеси, поточно, од најразлични житарки кои се мешаат за да има разновидност во нивната исхрана. Имаме и една сорта за која незнам ни јас што сорта е, а ги купив бидејќи ми беа интересни на изглед. Е тие кокошки се диви кокошки, и за разлика од другите кои се прибираат за спиење, спијат на покривот од фармата или некаде наоколу и не можеш да ги фатиш. Нивните јајца ги наоѓаме во грмушките, наваму натаму, но и не несат многу, туку само 20-30 јајца во текот на годината, и толку, колку да се продолжи видот. Сами се изведуваат пилињата, па се случува некогаш да видиме наеднаш кокошка која си води 10-15 пилиња“, раскажува Петар.

Засега тие продаваат само по нарачка и преку пријатели и познајници, на луѓе кои со години веќе го знаат нивниот производ, а и по некои ресторани. Најголем проблем им е недостатокот на овчари.

„Еден период чувавме над 700 грла овци, но потоа, поради недостаток на работници, ги намаливме. Колку и да ги платиш никогаш не е доста и многу е тешко да најдеш луѓе од доверба, сигурни работници. Ќе му текне утре си оди и потоа мораш да се снаоѓаш. Затоа и не можеме засега да си дозволиме да имаме повеќе овци и поголемо производство на сирење“, вели Петар и со насмевка додава: „Не произведуваме многу, но дома секогаш имаме грутка сирење. Сѐ друго потоа е лесно да се искомбинира“.

Објавено на: 23/10/2019
Медиум: https://artkujna.mk/