АРТ КУЈНА: Прв собир и дегустација на пиво произведено во домашни услови

Утре (04.11), во Битола, во организација на задруга АРТИКУЛТУРА, од 12 до 18 часот е предвидено правење на пиво во живо, дискусија со дел од производителите и дегустација на пива од домашни производители од Скопје и Битола.

Првиот собир на домашните производители на пиво ќе се случи утре (4 ноември), во Битола. Во рамките на овој еднодневен настан предвидено е да се промовираат и дегустираат пива од тројца производители од Скопје и тројца од Битола, а секако ова ќе биде и отворен повик до сите оние кои се заинтересирани за ова хоби кое бара многу љубов и посветеност.

Пивата се произведени во домашни услови и во мали серии и затоа дегустирањето ќе биде лимитирано со оглед на малите количини кои ќе бидат донесени. Целта е преку овој настан да се поттикне културата на дегустирање на овој древен пијалок и да се даде пристап на едно повисоко ниво.

Настанот е во организација на задруга АРТИКУЛТУРА, кои менаџираат со простор за дружење и поттикнување на независната алтернативна култура во Битола, а поддржан од порталот Сакам Пиво.мк кој функционира како портал за промоција  на пивото и пивската култура и поттик и поддршка на домашните производители на пиво, „Слоу Фуд Битола“ и Фејсбук групата „Домашно Пиварство Македонија“ .

Настанот почнува од 12 часот и ќе трае до 18 часот а предвидено е готвење т.е. правење на пиво во живо, дискусија со дел од производителите, размена на искуства.

После настанот предвидена е и проекција на тематски филм за развојот и подемот на крафт револуцијата во Америка. „Пивска Култура“.

Сличен настан се предвидува да се случи и во Скопје до крајот на годината и очекуваме да биде оваа бројка уште поголема, за што ќе бидете известени.

И не заборавајте, умерено конзумирање на пиво е добро за вашето здравје.

Објавено на: 03/11/2017
Медиум: https://artkujna.mk/