АРТ КУЈНА: Во чест на планетата Земја: Да ги претвориме прозорците, терасите и градините во простори за конструктивен протест

Ако и не беше спремен за пандемијата на корона вирусот, светот мора да се спреми за климатската криза, велат организаторите на Earth Day 2020, а македонските граѓански здруженија Зелената арка и Слоу фуд порачуваат: Иако сме затворени по домовите, да бидеме погласни од порано! Сега е време за креативна борба во услови на ограничено движење, да се менуваме со нови начини за надминување на неодржливиот систем.

Широк дијапазон од уметнички проекти, иницијативи во зачеток и семинари се наоѓаат на картата на светот за Денот на планетата Земја. Во 1990.година, точно пред половина век, движењето се рашири од САД на глобалната сцена, а овојпат, акцијата има акцент на поврзувањето преку социјалните мрежи и на личниот придонес.

Ако и не беше спремен за пандемијата на корона вирусот, светот мора да се спреми за климатската криза, порачуваат организаторите на одбележувањето на Денот на планетата Земја.

Овојпат, ветераните на борбата за заштита на животната средина, поновите генерации активисти и сите оние кои сакаат сигурна иднина ќе се соберат денеска преку онлајн платформите. Исто така, тие ќе се сконцентрираат на она со што можат да придонесат како поедници во своето непосредно опкружување.

И ширењето на заболувањето КОВИД-19 и климатските промени се со катастрофални размери, соопштено е заедно со предлозите за одбележување на половина век од првиот Ден на планетата Земја. Социјалната дистанца не не спречува да подвикнеме, поврзани подобро од било кога со помош на дигиталните мрежи и да се фатиме во костец со глобалното затоплување, порачуваат од Earth Day 2020.

Кај нас, граѓанските организации Зелената арка и Слоу фуд, во заедничка соработка што произлегува од сличните вредности и цели на проектите – „Агриколаб – платформа за колаборативни агроеколошки пракси“ и „Храна за промени како одговор на климатските промени“ – што двете организации соодветно ги спроведуваат, денеска (22.април-среда) во 18 часот организираат онлајн вебинар на Зум и повикуваат на заедничко одбележување на Денот на планетата Земја.

На овој онлајн вебинар на Зум, ќе бидат разгледани причините и начините за задоволување на дел од прехранбените потреби со јадливи растенија одгледани и приготвени во домашни услови, поточно на балкон и во стан. Посебно внимание ќе биде обрнато на тоа како се одгледуваат и приготвуваат мешунките, пред сѐ, како извор на протеини.

„Здравствената, еколошката и економската криза, деновиве ни посочуваат колку суштински сме поврзани како заедници, многу повеќе отколку што ни дозволува бруталниот економски систем да си замислиме.

Иако сме затворени по домовите, да бидеме погласни од порано! Сега е време за креативна борба во услови на ограничено движење, да се менуваме со нови начини за надминување на неодржливиот систем.

Да ги претвориме прозорците, терасите и градините во простори за конструктивен протест, одгледувајќи јадливи растенија дома, да развиеме локални алтернативи на неефикасните канали за дистрибуција на храна.

Да изградинариме солидарност и да осмислиме делотворни начини за споделување храна со заедницата, соседствотото и блиските, да ги поткрепиме и осилиме ранливите.

Да набавуваме храна од локалните семејни земјоделски стопанства и задруги, а не од меѓународните супермаркетски синџири! Да купуваме храна непосредно од земјоделците, локалните пазари и продавници“, порачуваат организаторите.

Објавено на: 22/04/2020
Медиум: https://artkujna.mk/