#БидиСлоу – со солидарност и акција да ја пребродиме кризата

фото кредит © Real Stories Lab / Slow Food Macedonia

Глобалната мрежата на Слоу Фуд се мобилизира, во контекст на актуелната состојба со пандемијата на коронавирусот. Сега, повеќе од кога било досега, веруваме во важноста на солидарноста и на улогата на локалните заедници.

Сакаме да испратиме порака на надеж до сите оние кои се погодени од оваа криза. Во неодамнешното интервју Претседателот на Слоу Фуд, Карло Петрини понуди зборови на надеж и охрабрување:

„Дадена ни е можност да направиме промена во моделот. Да се рекреира систем што ќе им даде повеќе простор на териториите и заедниците. Предвидувам дека во иднина прашањата на одржливост и суверенитет на храната ќе бидат на врвот на агендата. Повеќе не можеме да сметаме дека храната треба да ја произведува една компанија за сите. Превземените полиња од селата, мора да ги вратиме за да започнеме со примарната економија во служба на локалните заедници “.

Во овие недели, нашето движење ги става во функција овие принципи.

Како да дадете придонес?
Слоу Фуд Македонија ги повикува своите членови да ја споделат својата приказна за тоа како ги поминуваат овие денови, кои се нивните активности поврзани со храна и да ги инспирираат и другите да го сторат истото. Направете нешто добро за себе и заедницата. Потоа да ги покажеме сите наши идеи и инцијативи, споделувајќи ги на социјалните мрежи: со текст, фотографија или видео:

#СедиДома, следете ги препораките на надлежните институции и споделете ни ги вашите приказни и домашни активности: свирете, запејте, читајте поезија за храна, oбјавете цртежи од вашите деца…

#СлоуФудСолидарност преку мобилизација и споделување на вашите искуства во овие денови потребна ни е солидарност и меѓусебна поддршка во Слоу Фуд заедниците. Иницирајте солидарни активности, како поддршка на постари лица од соседството, споделете храна со оние на кои им недостасува…

#ЕдуцирајСе, препорачајте ни ги вашите омилени филмови и книги за храна, ние ќе ви дадеме наши предлози. Сега е вистинско време да научите да готвите или да засадите ароматични билки или зеленчук на вашиот балкон или двор.

#ГотвиСлоу, споделете ни ги рецепти кои ги подготвувате за ручек на вашите најмили. Рецептите од мама и баба или од некое далечно патување… а ние ќе ги споделиме со целата заедница.

#КупувајЛокално, изберете добра, чиста и правична храна, во поддршка на домашната економија и малите производители. Доколку сте производител рекламирајте ги вашите производи, така ќе стигнат до повеќе потенцијални купувачи. Заедно да изнаоѓаме канали за промоција и дистрибуција.

#ХранаЗаПромени Секогаш правете вистински избор на храна. Бидете свесен и одговорен консумент, со изборот на храна влијаете на животната средина и климатските промени. Повеќе совети и повисока свесност, се секогаш добредојдени.

Ние сакаме да се поврземе со секој член и следбеник на Слоу Фуд. Споделете ги ваши искуства, предлози и идеи. Како ги поминувате овие денови во вашиот дом? Што готвите и која е вашата храна деновиве? Од каде ја набавувате? Како е вашето производство и продажба?
Дали вие и вашата локална заедница сте стекнале иновативни начини да им помогнете на луѓето да најдат добра, чиста и правична храна? Дали имате порака за солидарност?

Ние сакаме да ги споделиме вашите приказни за отпорот и храброста- без разлика дали сте готвач или производител, наставник или активист, без оглед на вашето знаење и искуство, дадете им пример на сите во мрежата на Слоу Фуд како реагираате на оваа криза и да ги инспирирате другите да го сторат истото.

Како можете да ја споделите вашата приказна?
Споделете ги вашите пораки, идеи, видеа и слики на социјалните медиуми, користејќи некој од нашите хаштази, а задолжително #БидиСлоу и означете нè. Не заборавајте да ги снимате вашите видеа хоризонтално и проверете дали има добар аудио звук.
Ако имате подолга приказна што треба да ја споделите со нас, ве молиме контактирајте не на: info@slowfood.mk

Ние ќе ги споделиме на каналите за комуникација на Слоу Фуд Македонија и секојдневно, ќе ви донесеме приказни од разни краеви на Македонија, фрлајќи светлина на нашите локални заедници и нивните напори да ги инспирираат и охрабрат луѓето да продолжат понатаму.

Следете не на нашaта веб страница, е-њузлетерите во вашите емаил сандачиња и профилите на: Facebook, Twitter, Instagram, LinkedIn, Youtube.

Останете дома во убаво расположение, опкружени со најблиските, со мирисите од кујната и заедничките активности. Да бидеме трпеливи, вредни и сплотени, баш како пчелите во кошницата.