Во организација на “Slow Food Македонија“, ЈП „Пазари“ Битола и општина Битола на еден интересен начин беа презентирани производи од локални производители кој го привлече вниманието на сите оние кој пазаруваа во Новиот пазар.
На повеќе штандови во централниот дел на пазарот се готвеа, служеа, дегустираа и промовираа производи и локални специјалитети. Секој производител на свој посебен и креативен начин сакаше да му го доближи својот производ на консументите, а можеше да купат дел од понудените производи.
-„Пазарот на Фармери“ поддршка има од ЈП „Пазари“ и општина Битола и ние ќе ја продолжиме оваа соработка со „Slow Food“ организацијата и се надеваме дека нашите локални производители ќе ги презентираат и промовираат своите производи со цени прилагодени кон нивните конзументи, ни изјави Александар Касапов, директорот на ЈП „Пазари“.
Тука беа презентирани разни видови на сирења и кашкавал, путер од лешник, ајвар, мед, вино. Некои производители на зеленчук на своите штандови готвеа различни традиционални јадења и специјалитети, а некои беа донесени готови од дома како домашни пити, ѓомлезе…
-Целта на овој настан е информирање за значењето на производите од локалните производители и нивно доближување до конзументите, ни изјави претседателот на организацијата „Slow Food“ од Битола Николче Николовски и продолжи:
-Оваа организација која е во светски рамки се појави како пандан против консумирање на „fast food“ и се залага за промовирање на значењето на здрава храна од домашни производители која припаѓа на локалното поднебје и клима. Заради тоа и промоција на т.н „Распоред на сезоните“ едуцира конзумирање на храна во зависност од сезоната како што кажувале и нашите мудри луѓе порано „се јаде тоа што сега раѓа, а не лубеница и грозје во зима“. Оваа мудрост има многу длабоко значење за да се купува тоа се сади, расте, потекнува од наше поднебје.
Со организирањето на вакви настани и во иднина во соработка со ЈП „Пазари“ планирано е тоа да се случува на 2 недели ќе го запазиме тој распоред на сезоните и купување и конзумирање на производи тој период од сезоната.
Штанд со природна козметика го привлече вниманието заради убавите аранжираните сапуни, кремови, мелеми и путер за тело со цвеќиња претставувајќи природни состојки во нив.
Во еден дел група ученици се едуцираа за значењето на здравата храна, различните вкусови на храна и нашите сетила. А, најмалите преку цртежи се изразуваа за да ги доловат боите на здравата храна. Музика која ја пушташе ди-џеј го дополни амбиентот кој изгледаше многу примамливо и заради фактот што нашата македонска традиционална храна има многу богат колорит и е позната нашироко.
Организаторот на настанот е “Slow Food“ –Битола како дел од меѓународната организација „Slow Food“ во која членуваат 150 земји од цел свет кои се спротиставуваат на брзиот начин на живот и појавата на брза храна. Идејата проникна од потребата на локалните производители кои произведуваат органска храна, оние мали производители што произведуваат храна на традиционален начин да најдат пазар и полесно да го пласираат својот производ до крајните потрошувачи.
Инаку, според информациите со кој располага „Slow Food“ Битола, во овој регион функционираат околу 95 производители што се занимаваат со органско производство и над 40 производители кои произведуваат храна на традиционален начин како што се : сирење, изварка, месо, јајца, домати, пиперки….
Ж.Ристевска
Објавено на: 16/09/2018
Медиум: https://bitolanews.mk/