Карло Петрини: „Овој вирус ќе нè принуди да го подобриме нашиот свет“

Карло Петрини © Slow Food архива

„Која е поентата да се прави сè како порано? Треба да им дадеме поголем простор на заедниците и да се вратиме на производство на храната која ја јадеме “

Ви предлагаме да го прочитате интервјуто со Карло Петрини на новинарот Даниеле Мичионе објавено во La Gazzetta dello Sport на 20 март 2020 година.

Добро утро г-не Петрини, како е да се биде затворен дома?
„Сега е 10.30 часот и јас само што се разбудив. Ги сменив времињата, па сега денот ми е пократок. Се грижам за нашиот универзитет за гастрономски науки за што е неопходно да се продолжи. Дали знаете дека стотина студенти од целиот свет останаа во Бра? Им се јавувам, прашувам дали им треба нешто, им давам книги. Размислуваме и за меѓународен мастер курс преку интернет. И пријавите за нови студенти продолжуваат со добро темпо, но работите не се враќаат толку брзо во нормала. Живееме ден за ден, но мора да се подготвиме за промени“.

Разговорот со Карло Петрини е здив на свеж воздух што ги одвлекува мрачните мисли. Бидејќи основачот и претседател на Слоу Фуд секогаш гледа кон иднината. А, кога ќе го прашате како ќе излеземе, тој сигурен одговара: „Подобро од порано“.

г-не Петрини кога станавте свесни дека коронавирусот е ужасно сериозна работа?
„Постепено, како и сите Италијанци. Кога видов дека здравствениот систем не може сам да ја реши состојбата, ми стана јасно дека сериозна и треба да се следат сите совети на авторитетите“.

На почетокот се пренесе пораката дека само постарите лица се во опасност.
„Тоа беше смешна ситуација. Дали знаете дека за прв пат се чувствував стар? Минатата година наполнив 70 години, но дури и со своите заболувања, продолжив да го живеам вообичаениот живот. Кога рекоа дека над 70-годишна возраст мора да останете во затворено, јас си реков: „Тие зборуваат и за мене. Тогаш и јас сум стар! “. Тоа не е нешто за што се подготвувате, тоа доаѓа наеднаш“.

Што ќе се случи по вирусот?
„Ќe има намалување на либералните политики. Имам доверба во поодржлива иднина, во делови на новата економија да не мора се да се мери преку БДП. Каква смисла би имало да се изгради сè како порано? Дадена е можност да направиме промена во моделот. Да се постави систем што ќе им даде повеќе простор на териториите и заедниците. Мислам дека прашањата за одржливоста и суверенитетот на храната ќе станат вообичаени “.

Суверенитет на храна? Мислите ли дека ни треба нова политика во производството на храната што ја консумираме?
„Повеќе не можеме да сметаме на тоа дека храната треба да ни ја произведува само една компанија за сите. Ние им ги одземавме полињата на селата, ќе мора да им ги вратиме за да можеме да ја поставиме примарната економија во служба на локалните заедници “.

Во една статија во Ла Стампа, вие ги нападнавте супермаркетите и споделивте размуслувања за важноста на локалните продавници.
„Кога зборувам за замена на профитабилната економија со економија на обични добра и услуги, зборувам за одржување во живот на други реалности покрај „Амазон“ и супермаркетите, како локалите или малите продавници во соседството. Каде одат старите што живеат во селата на Ланге во овие денови? Сите во Алба во супермаркет? ».

Како мислите дека локалните продавници можат да опстанат денес?
„Мора да се потрудиме со повеќе имагинација. Мислам на модерна верзија на продавници, кои ги водат млади луѓе. Со пристап до интернет, со цела низа услуги, каде можеби ќе можете да ја подигнете и пензијата. Потребни се нови идеи. Разновидноста ќе нè спаси “.

И рестораните се дел од нашиот земјоделски ланец на снабдување со квалитетни производи. Многу од нив ќе згаснат?
„Мора да се подготвиме за неколку тивки години. Нема да продолжиме повторно со истиот обрт како што немаме ни волшебно стапче. Ние мора да се подготвиме за трнлив пат, обидувајќи се пред сè да ги обезбедиме работниците. На пример, ние сме приватен универзитет, ќе мора дел од персоналот да отпуштиме, додека другите ќе треба да го одржи универзитетот во функција. Сепак, побарав да воспоставиме заеднички фонд за да ги осигураме оние што ќе бидат отпуштени од работа. Ова е тоа чувство за заедницата за која што зборувам, за повеќе човечка димензија и солидарност. Секој со свој мал придонес може да создаде заедница: во соседството, во земјата“.

Зар оваа криза нема да ја стимулира трговијата преку интернет? Сите се затворија во своите домови, избегнуваат да излегуваат и да се стават во опасност …
„Човекот е по својата природа социјален. Без сомнение, е-трговијата ќе биде зајакната, но внимавајте, ќе има позитивни ефекти, бидејќи централизираните ресурси на овој начин ќе преминат од рацете на неколкумина во рацете на оние кои имаат многу малку. Мислам дека ова размислување за ревитализација на заедниците ќе оди под рака со развојот на интернетот. Затоа што постои емоционална безбедност во заедницата што не се наоѓа на интернет. Во Бра сите сме затворени во домовите и кога ќе излезам да одам во канцеларијата не гледам никој. Еве ја заедницата што ми недостига “.

Што читате деновиве?
„Митовите од нашето време“ од Умберто Галимберти. Ме тера да размислувам на прашањето, дали овие митови сепак ќе бидат веродостојни по оваа војна“.

Г-не Петрини како ќе излеземе на крајот?
„Нема да биде како порано, туку подобро од порано“