Кој ја краси корицата на првиот водич „Слоу Фуд гостилници 2021“?

Домаќинскиот дух  и гостопримството најдобро „дише“ преку македонската жена. Тоа беше идејата водилка кога се креираше првото издание на водичот „Слоу Фуд гостилници 2021“. Уште од самото појавување на водичот, многумина ни гоупатија прашањето која е дамата на корицата и кој е нејзиниот автор?

Уметноста е храна, а храната уметност − оваа симбиоза има значајна улога во уметноста со милениуми и токму затоа насловната страница на водичот ја красат репродукции од познатите македонски уметници.

Тука е сѐ – темата, објектот, изразот и симболиката поврзана со храната. Патем, целта не е презентирање на уметничките дострели, туку истакнување дека македонските ликовни уметници никогаш не ги напуштиле ниту игнорирале изворите од кои се напојувале, инспирирани од традицијата, народното творештво и севкупната етнокултура на својот народ.

Делото „Ресенчанка“ (1939) на Катја Ефтимова (1910 – 1996) е сопственост на НУ Завод и музеј Битола. По добиеното одобрение и авторизација за користење на делото Concept production имаше сериозна задача истото да го сними и скенира со специјални камери со цел да се добие висококвалитетна фотографија, која потоа OrthoGraf ја превзеде задача за корекција на бои и контрасти кои му дадоа живот на делото и одлично да се вклопи на насловната страница на крајниот производ.

Домаќинскиот дух и гостопримството во нашите Слоу Фуд гостилници најдобро можеме да го илустрираме преку македонската жена, а првото издание го краси „Ресенчанка“ (1939) на Катја Ефтимова (1910 – 1996), сопственост на НУ Завод и музеј Битола. Станува збор за доајен на македонското сликарство, една од првите македонски сликарки, претставничка на постимпресионизмот и реализмот. Ефтимова дипломирала на Уметничката академија во Софија во 1932 г., а во ликовната историја е запишана како прва жена академски сликар која во 1945 година во Битола ја имала првата самостојна изложба, што беше пионерски чекор и за Македонија.

Самостојно излагала во Битола, Гостивар, Тетово и Скопје, учествувала и на повеќе групни изложби. Нејзините дела „Циганка“ (1933), „Кринови“ (1947) и „Отешево“ (1957) имаат впечатлив идентитет и белег.