Да го менуваш светот не ти паѓа на памет, зашто ти си изградил нов свет

По запознавањето со членовите на семејството и кучката Берта, чајот го испивме на чардакот прошаран со сонце © Филип Димкоски

Расцветаа бадемите и кајсиите во рамнината. Пролетниот ветрец нивните цветови ги носи кон планината поттикнувајќи ја да ја облече пролетната руба.

Таму, пак горе, расцветал само дренот, а пчелите како давеник за сламка ги окупирале неговите цветови. На втората автобуска постојка кај угорнината, со насмевка не пречека Давид, за да не воведе во неговиот свет.

А неговиот свет е многу богат. По запознавањето со членовите на семејството и кучката Берта, чајот го испивме на чардакот прошаран со сонце. А, по чајот патот не поведе кон најважните жители на фармата-козите.

Штом го слушнаа гласот на нивниот пријател, почнаа да блеат и јарињата и нивните мајки, за да го поздрават стопанот. Тука се и верните чувари на стадото-кучињата Бура, Маша и Медо. И забавата почнува, онака одеднаш, ненадејно, како ненадеен ветер во рана пролет, како дожд во жешко лето. Хранење со зоб, па со детелина, па доење на јарињата, па поење…

Има ли пари со кои може да се купи задоволството од контактот со природата и нејзините жители? © Филип Димкоски

Има ли пари со кои може да се купи задоволството од контактот со природата и нејзините жители? Има ли метро со кое се мери насмевката на козарот кој со љубов и посветеност ги одгледува сите свои кози? Има ли кантар кој го мери меракот што ти се прави на душата кога ќе ја видиш поддршката од семејството кон главниот јунак Давид?

Додека Тамара го гали вчерароденото јаре и размислува какво име да му даде, Владимир носи вода за поење, а јас им делам детелина на Бела и на Марица, им помагаме на Давид и на татко му во секојдневните обврски. Е добро де, можеби повеќе им пречиме одколку што помагаме, ама желбата на миг да се биде дел од приказната е голема…

На чардакот на по една жолта и на дегустација на козјо сирење © Филип Димкоски

Пред зајдисонце, следи починка крај изворот и муабети за шумските тревки, волците и птиците, а потоа прудолу по патот па пак на чардакот на по една жолта и на дегустација на козјо сирење, таман како за пред вкусната мусака. И разговараме за се и сешто како да се знаеме сто години, а тоа е така оти се чувствуваме и се разбираме…

Заладува. Се стемнува. Се испраќаме со желба за повторна средба, за дегустација на сирења, зимници, вина и ракии, за одење на ливада со козите…Шеесет и петката доаѓа да не земе нас, но богатството од спомени останува во нашите души, глави и срца…

Филип Димкоски, агроном, писател, новинар, член на Слоу Фуд Прилеп

Фото кредит: лична архива на Филип Димкоски