Светскиот ден на пчелите во училишните градини

На 20 мај се одбележува Светскиот ден на пчелите. Овој датум е поврзан со раѓањето на Антон Јанша, словенечки сликар и пионер во модерното пчеларство.

Тој бил академски сликар и дворски пчелар на дворецот на Марија Терезија. Иако многу цртал, тој откако дипломирал графика на Ликовната акдемија во Виена, се посветил на својата уштe поголема љубов-пчеларството. Промовиран е за прв царски инструктор по пчеларство. До својата смрт, патувал по австриските земји и држел предавања за одгледување на пчелите. По неговата смрт словенечките пчелари, подигнале плоча на неговара родна куќа која ја ставиле под заштита заедно со сите негови кошници за пчели.

Денес живееме во време кога се соочуваме со климатски промени, предизвикани од различни фактори, кои покрај другите промени и штети, предизвикаа и масовно умирање на благородниот и многу значаен инсект-пчелата. Токму затоа, одбележувањето на дваесетти мај, добива многу голема важност и значење.

Годинава организацијата Слоу Фуд со нејзините конвивиуми, со различни активности го одбележува овој ден. За таа цел денес, токму на Денот на пчелите, Слоу Фуд Прилеп го посети ООУ „Никола Карев“ во Крушево, кое е дел од проектот Слоу Фуд училишни градини и се наоѓа во првата фаза заедно со уште неколку училишта од пелагонискиот регион.

Покрај дидактичките материјали потребни за работа на овој проект, учениците и наставниците од ова училиште добија пет садници сончоглед, што ги посадија во саксии, очекувајќи тие да пораснат и да процветаат, а со тоа да ги привлечат пчелите.

Директорката на училиштето, заедно со координаторката на проектот, наставничката Персифони Богдановска, со другите вработени и со неколку ученици, подарените сончогледови садници ги пресадија во саксии кои се поставени на училишната тераса.

Да потсетиме, во одбележувањето на Денот на пчелите, беа вклучени и прилепските основни училишта „Климент Охридски“, „Блаже Конески“, „Кочо Рацин“ и „Кире Гаврилоски-Јане“ кои веќе ги засадија своите сончогледи.

Слоу Фуд Прилеп покрај со подарување на садници на училиштата, овој ден го одбележа и со посета на пчеларот Ѕвонко Петроски во с. Клепач, статија за пчелите напишана од членот Филип Петкоски кој исто така се занимава со пчеларство, а дел од членовите деновиве ќе направат и цветни бомби со кои „ќе ги бомбардираат“ голите површини во своите градини и во околината со цел на тие места да изникнат култури кои ќе го оплеменат просторот и ќе ги привлечат пчелите.

#ДаГиЗачувамеПчелитеиПчеларите

Aвтор: Филип Димкоски, земјоделски инжинер и член на Слоу Фуд Прилеп