Со борбата против фрлањето на храна, се бориме против климатските промени

dosco-supa
Готвење без отпадоци © шеф Дејан Карапеев

Биодиверзитетот е основа на сигурноста на храната: консумирањето на разнолична храна, прилагодена на различни климатски услови, овозможува прилагодување на земјоделското производство во случај на промени во животната средина, што гарантира поголемо гастрономско уживање.

Сѐ почесто консумираме премногу храна и често купуваме огромни количини на храна. Доколку купуваме помалку храна, ќе потрошиме помалку, одбирајќи квалитетни производи.
Според принципите на Слоу Фуд, квалитетната храна мора да биде добра, чиста и правична. Храната е добра, доколку ги задоволува сетилата на консументите. Храната е чиста, доколку е одржлива за животната средина, и е правична доколку е произведена во услови за работа во кои што се почитуваат луѓето, нивните права и нивниот финансиски надоместок.
Со намалувањето на количествата отпад кој преостанува од храната ширум светот, би можело да се придонесе за намалување на емисиите на гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина, со што би се ублажило и влијанието на климатските промени, како што се екстремните временски појави и зголемувањето на нивоата на морињата, сметаат научниците во студијата објавена во списанието Environmental Science and Technology.

До 2050 година би можело да се избегне емисијата на околу 14 отсто од стакленичките гасови од земјоделството, доколку храната подобро се користи и се дистрибуира, покажува студијата на Институтот за истражување на влијанието на климатските промени во Потсдам (PIK).
Оваа храна нѝ одговара нам и на планетата и треба да биде консумирана во правилна количина, без отпадоци, кои што повлекуваат економски и еколошки трошоци, и без вишоци, кои може да се претворат во здравствени трошоци.
“Фрлањето на храната и создавањето отпад од неискористената храна, во прв ред, негативно влијае врз свеста на луѓето, скапо е и ѝ штети на единствената планета којашто ја имаме“, вели уште еден од учесниците во истражувањето, Ендрју Стир, претседател на институтот World Resources. Впрочем ⅓ од храната произведена во развиените земји се фрла, додека отпадокот од храна самостојно учествува со цели 10% во производството на стакленички гасови според Обединети Нации кои што исто така налагаат да ги промениме нашите конзумеристички навики.

Со таа цел, меѓународната Слоу Фуд Младинска Межа (СФММИ) годишно организира Светски ден на Диско Супата на 25ти април, кој претставува најголемо координирано движење за борба против отпадоците од храна и климатските промени.

Денот на Диско Супата е интернационален настан на кој меѓународната Слоу Фуд Младинската Мрежа (СФММИ) организира забави и го претвора отпадот од храна во диско супа, покажувајќи го забавниот начин за зачувување на храната, притоа размислувајќи за количината на храна која оди во отпад и можностите за искористување на истата.

Оваа година Слоу Фуд Водно заедно со Слоу Фуд Млади Македонија се приклучи на иницијативата, споделувајќи видеа од готвачите – членови во Слоу Фуд Водно, кои на необичен начин нѝ покажаа како можеме да приготвиме вкусни оброци, без притоа да имаме отпадоци од храна.

Во прилог видео од шеф Симона која сликовито објаснува како можеме да приготвиме супа од цела риба, без притоа да имаме отпадоци од истата:

Нашиот шеф Данче на уникатен начин нѝ посочи како можеме да го искористиме стариот леб за да подготвиме топеница и вкусна супа со остатоци од зеленчук:

Реномираниот шеф Дејан Карапеев исто така нѝ се приклучи на иницијативата, споделувајќи интересен начин за подготовка на кремаста супа без отпадоци од храна, низ слики и чекори:

Слоу Фуд Млади Македонија ги следи интернационалните трендови и настани поврзани со диско супата и фрлањето на храна и активно учествува во прашањата поврзани со овој проблем што ја засега и нашата земја. Борбата за зачувување на храната и намалување на климатските промени продолжува низ различни интерактивни средби и настани. Одиме на следен поход на Д-Фест во Дојран 2020, да спасиме повеќе храна, преку танцување и забава!

автор: Kaтерина Јордановска, Слоу Фуд Водно

Статијата е  дел од кампањата #ХранаЗаПромени, која има за цел да ја крене свесноста кај производителите и консументите за влијанието кое го има производството и консумацијата на храната врз животната средина и климатските промени. Истата е во рамки на проектот „Храна за промени“ кој го реализираат „Слоу Фуд Водно“, Скопје во партнерство со „Слоу Фуд Македонија“, Битола и „Слоу Фуд Млади Македонија“, Скопје
Финансиски поддржано во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ го имплементираат Еко-свест, CNVP Македонија и ДЕМ, а е финансиран од Европската Унија. Содржината на овој документ е одговорност исклучиво на авторот и во ниеден случај не може да се смета дека ги отсликува ставовите на Европската Унија.