eMaгазин: Валандовско слатко од смокви, сирење од мавровско, колешински кикиритки на саем во Италија

Валандовско слатко од диви смокви, сирење од мавровско-реканскиот регион, рчели (тиква варена во маџун) од Тиквешијата, собра грав од Струмичко, колешински кикиритки и буковска пипер од Малешевијата, се производите што Македонија ќе ги промовира на 9. меѓународен саем за традиционална храна „Салон дел густо“ и 5. конференција „Тера Мадре“ во Торино.

Во фокусот на двете манифестации кои се одржуваат истовремено, од денеска до 27-ми октомври, е семејното земјоделство. Како што јави известувачот на МИА, се очекува учество на преку 900 изложувачи од целиот свет меѓу кои и сточари од Кенија и Сибир, одгледувачи на овошје од Калифорнија и Перу, рибари од Холандија и Кореа,…

Според програмата, ќе се одржат повеќе од 80 работилници, дебати, презентации, обуки, предавања за вкусовите, за разликите меѓу природната, бавно подготвена и брзата храна.

Посебен дел е посветен на т.н. Арка на вкусови каде што се раскажуваат индивидуални приказни за потеклото, начинот, квалитетот и за приготвувањето на прехранбените производи, нивното влијание врз културата, историјата, обичаите, навиките, менталитетот.

Посетителите ќе може да дегустираат и разни пијалаци, специфични за поднебјето од каде што доаѓаат изложувачите, предвидена е посебна Соба за пиво, која ќе нуди белгиски, шпански, британски, германски, скандинавски и новозеландски пива, претставени ќе бидат и Слоу фуд вредностите во светот на брзата храна и Глобалното движење за едукација за храна, Миланскиот протокол: Политика за храна 2015, а најавена е и проекција на наградениот документарен филм за семејно фармерство „По зимата, пролет“.

Термин е одвоен и за т.н. Конференција за Балканот во чии рамки ќе се промовираат и дегустираат производи од осум земји од регионот.
извор: www.emagazin.mk