Етногастрономија за прилагодување кон промените

Со континуираното исчезнување на малите земјоделски производители исчезнуваат и многубројните автохтони растителни и животински генетски ресурси © Slow Food Macedonia архива

Традицијата за одгледување на автохтони видови и сорти на растенија и раси на добиток кои се отпорни на локалните климатски промени постепено се губи, етногастрономијата исчезнува со секоја нова генерација која не го одржува знаењето за прехранување во непогодни услови, собирано од локалното население со векови наназад, а губењето на овој вид на колективна меморија е деструктивна за човечкиот род, доколку сакаме да ги преживеееме глобалните климатски промени.

Празните потпорни столбови во Нагоричката рамнина кои некогаш ги крепеле преполните винови лозници, денес немо шепотат за изобилните гроздобери кои се изведувале во овој период, до пред само неколку децении.

На што се должи заборавот на традицијата, заборавот на локалното, на домашното? Дали сево ова се должи токму на климатските промени, или можеби тоа не е единствената причина за тивкото, но континуирано исчезнување на малите земјоделски производители и многубројните автохтони растителни и животински ресурси?

Глобалните почвени и водни ресурси се искористуваат во “досега невидени размери”, предупредува минатогодишниот извештај од Обединетите Нации, кои во комбинација со климатските промени создаваат огромен притисок врз способноста на човештвото да се прехрани.

Извештајот, подготвен од повеќе од 100 експерти од 52 држави ширум светот, открива дека просторот за “адресирање” на проблемот секојдневно се намалува. Половина милијарда луѓе веќе живеат на места кои се претвараат во пустини, а степенот на ерадикација на почвата е помеѓу 10 и 100 пати побрз од стапката на создавање на почвата.

Климатските промени ги засилуваат заканите по животната средина, како што поплавите, сушите и другите видови на екстремни климатски услови се закануваат да го нарушат, а со текот на времето и намалат глобалниот синџир на производство на храна. Досега дури 10% од светското население е неухрането, а некои научници во извештајот предупредуваат дека недостатокот на храна може да предизвика масовни миграции во потрага по услови за преживување.

Како што климатските услови стануваат се повеќе непредвидливи, сушите, поплавите и гладтта ги тераат луѓето да ги напуштаат своите домови, ние исто така ќе бидеме сведоци на растечка хуманитарна криза – климатска миграција.

Исто како што луѓето бегаат од војна и насилство, така луѓето бегаат од глад. Иако некои региони во светот имаат способност да се прилагодат кон климатските промени, тие ќе бидат соочени со неизбежната миграција на луѓето од посиромашните региони.

“Климатските промени влијаат на зголемувањето на годишните просечни температури во Македонија, но ќе има и уште поголеми температурни варијации”, изјави за медиумите професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје.

“До 2100 година се очекува годишните суми на температури во Македонија да пораснат на ниво на суптропска клима.”

Тој исто така додава дека Македонија нема да биде класично суптропска земја, туку ќе се добијат такви суми на температури, поради покачувањето на температурите во летото.

Традицијата за одгледување на автохтони видови и сорти на растенија и раси на добиток кои се отпорни на локалните климатски промени постепено се губи, етногастрономијата исчезнува со секоја нова генерација која не го одржува знаењето за прехранување во непогодни услови, собирано од локалното население со векови наназад, а губењето на овој вид на колективна меморија е деструктивна за човечкиот род, доколку сакаме да ги преживеееме глобалните климатски промени.

Затоа, да се обидеме заеднички да ги негуваме и култивираме автохтоните видови на растенија и сорти на добиток кои се карактеристични за нашето поднебје и се природно отпорни на климатските промени. Да ја зачуваме традицијата и колективното знаење со реоткривање на техниките за производство на храна и нивно усовршување во согласност со новите технологии. Да ја препознаеме вредноста на старите рецепти, “облекувајќи ги во ново руво” како нови гастрономски деликатеси, како обид за подобрување на локалните, а воедно и глобалните климатски услови.

Да започнеме со “освежување” на меморијата преку собирање и зачувување на рецепти и традиционални начини на производство на храна од нашите мајки, баби, тетки, соседи и нивно повторно претставување на нашите трпези.

Токму со таа цел, на денешното мени на Слоу Фуд Ви ја презентираме култната „Жетварска салата“ која името го добила токму поради најчестата консумација за време на некогашните жетви, на плодните полиња ширум Македонија. Покрај нејзината хранливата вредност, таа има освежувачко и благопријатно дејство врз организмот.

Имено, салатата се состои од само три состојки: вода, лук и краставица.

Најпрво, во длабок сад истолчете 3-4 чешниња лук во пире. Излупете ја краставицата, исечкајте ја на ситни коцки и додадете ја во садот. Наполнете го садот со свежа вода до самиот врв. Зачинете со сол и оцет по вкус и уживајте во несекојдневната салата со која крепеле сили нашите предци во долгите августовски лета.

Држејќи се до колективните знаења и ресурсите со кои нашето поднебје располага, можеме да си ја олесниме борбата против климатските промени. Законот на природата вели дека не секогаш преживува најсилниот, туку оној кој најлесно се прилагодува на промените. Адаптирајќи се на новите предизвици кои ги носи бремето со отпор кон изумирање на колективната меморија, можеме заеднички да ја кренеме свеста за влијанието на климатските промени во нашите животи.

Автор: Катерина Јордановска, Слоу Фуд Водно

Статијата е  дел од кампањата #ХранаЗаПромени, која има за цел да ја крене свесноста кај производителите и консументите за влијанието кое го има производството и консумацијата на храната врз животната средина и климатските промени. Истата е во рамки на проектот „Храна за промени“ кој го реализираат „Слоу Фуд Водно“, Скопје во партнерство со „Слоу Фуд Македонија“, Битола и „Слоу Фуд Млади Македонија“, Скопје
Финансиски поддржано во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ го имплементираат Еко-свест, CNVP Македонија и ДЕМ, а е финансиран од Европската Унија. Содржината на овој документ е одговорност исклучиво на авторот и во ниеден случај не може да се смета дека ги отсликува ставовите на Европската Унија.