ГОЗБА на Slow Food начин

Иако овој рецепт можеме да го именуваме со еден збор – гозба, тој е многу повеќе © Билјана Гвероска

Овој пат ви подарувам една слика насликана од малку бои, но во неколку нијанси. Но, така убаво искомпонирани, што ни овозможуваат вистинско уживање. Тие всушност се така грижливо избрани за најкомплетно да ја прикажат композицијата од вкус, убавина и здрава подготовка.

Иако овој рецепт можеме да го именуваме со еден збор – гозба, тој е многу повеќе.  Кон едноставноста на приготвувањето се редат –  уживањето на сите сетила заедно со здравје, знаење,  време, традиција, семејство.

Генерално, се користи најздравиот начин на подготовка на храната. Месото ем се вари, ем се пече.  Но, никако нема да се пресуши или препече. Дополнително, ќе ве поштеди од честото контролирање на печењето. Ќе си ги зачува сопствените квалитетни својства.

Не се додава воопшто масло, но месото се пече во сопствените маснотии, што значи, здрав начин на приготвување на храната.

Уживајте во Гозбата на Slow Food начин!!

Рецепт: Свински коленици во сос од печурки

Потребно:

  • Свински коленици
  • 0,5 – 1kg печурки
  • Бело вино и вода
  • Сув, мешан зачин
  • Мелен црн бибер и ловоров лист
  • 2 полни лажици брашно

Подготовка:

  1. Ги ставаме свинските коленици во земјена тава (секако, големината спрема бр. на парчиња). Ги додаваме и печурките и сушениот вргањ.
  2. Во тавата додаваме подеднакви делови бело вино и вода –на пр. по 1 чаша (или повеќе, повторно во зависност од големината на тавата и бр. на коленици).  Течноста треба да биде некаде 1/3 од висината на колениците. Доколку во текот на подготовката течноста испари, а месото не е готово, може да се додаде уште малку течност.
  3. Посолуваме и наросуваме со мелен бибер. Додаваме 1-2 лажици од сувиот, мешан зачин.
  4. Се покрива тавата со соодветен капак. Треба да биде добро затворена и да не се дозволува да испарува течноста.
  5. Ставаме во загреана рерна да се печат.  Во текот на подготовката може да се провери и да се додаде вода доколу е потребно, но внимателно со пареата при отворање на капакот! Пареата циркулира во садот овозможувајќи му на месото да се свари. Но, истовремено се создава и кора. Месото самото испушта маст, па всушност тоа, како што споменав, ем се вари, ем се пече.
  6. Скоро да забораваме на колениците 2-3 саати. Но, мирисот ќе не потсети да ја извадиме тавата и да ја завршиме подготовката за ручекот.
  7. Во мало саадче се размешува 1-2 полни лажици брашно во ладна вода (околу 300 ml). Потоа, таа смеса се додава во течноста во тавата со брзо, но внимателно мешање. 
  8. Се враќа тавата во рерната (сега откриени се колениците) да повари повторно.
  9. Во оваа постапка се остава тавата отворена. Така, колениците (кои со самото варење и се печеа) имаат формирано кора, вака ќе се потпечат уште малку и ќе заруменат. 
Количината, т.е бр. на колениците може да бидат според желбата. Исто така и количината на печурките, како и сушениот вргањ © Билјана Гвероска

Неколку совети:

  • За чудесна арома – околу 50g сушен вргањ
  • Не е добро сувиот зачин да се заменува со свеж, сезонски зеленчук, затоа што ќе се добие сосем поинаков вкус. Исто, доколку се употребат некои зачински растенија мирисот, но и вкусот ќе се промени. Вргањот го детерминира чудесниот мирис на оваа гозба.
  • Печурките може да се употребат сецкани или цели, суви или маринирани.
  • Количината, т.е бр. на колениците може да бидат според желбата. Исто така и количината на печурките, како и сушениот вргањ.

Така добивме прекрасен ручек од коленици во сос. Едноставно, практично, вкусно.

Мојот избор за пијалок секогаш е црно вино. Па овој ручек тоа и го заслужува!!!.

Уживајте!!!

Готви и пишува: Билјана Гвероска, Слоу Фуд Прилеп