Училишните градини и филозофијата на давањето

uchil.gradini

Се вели:  „Раката што дава-не се суши“. Ова е мисла од нашиот македонски народен гениј, која се пренесува со генерации и кажува многу нешта, бидејќи е длабока и вистинита.

Навистина е така. Кога човек ќе сфати дека среќата е во давањето, тој не престанува да се дава и да дава, а среќата не престанува да биде негов сопатник. Ако се тргне да се спознава природата, може да се увиди дека не само што ќе научиме многу за неа, туку ние од неа ќе научиме сé за севкупниот живот, бидејќи таа е наша создателка, таа е јадро и единствен извор на вистината.

Физички не можеме да ги видиме сите природни убавини во светот, не можеме да ги посетиме сите градини, шуми, ботанички градини, плантажи и паркови, но можеме да имаме свое малечко парче земја, дел од природата кое и физички и духовно и емотивно ќе нѐповрзесо природата. И не е важно каде и колку. Една саксија на прозорецот од канцеларијата, една педа земја во дворот од куќата, еден агол пред зградата или една парцела во училишниот двор можат да бидат нашиот малечок рај.

Токму проектот „Зелен полигон  за едукација, алатка за подигнување на еколошката свест“ во рамките на програмата  Училишни градини  што ја води Слоу Фуд Водно, децата ги учи на вакви нешта, а иако наменет за децата во училиштата тој прави промени и кај наставниците, родителите и средината воопшто.  Досега во Македонија, има вкупно  десетина училишни градини кои се наоѓаат во Скопје и околината, а со новиот план предвидени  се уште десетина и тоа во пелагонискиот регион. Радува фактот што оваа иницијатива веќе е препознаена од училиштата и постојано нови училишта со голем ентузијазам стануваат дел од оваа благородна и корисна приказна.

Бројни се придобивките од волонтирање во градините © Slow Food Macedonia

Недоброј се придобивките од имањето на училишна градина: децата го спознаваат светот на растенијата од семе до плод, учат како природните фактори влијаат врз развојот на растенијата, децата научуваат за тоа што значи да се произведе храна и ја чувствуваат радоста на вкусувањето на она што сами го произвеле.

Но, исто така важно е што училишната градина има моќ да ги зближи и да ги сплоти сите: децата, родителите, наставниците, вработените во училиштата, граѓаните, пензионерите, фирмите, локалните власти…Така сите градат една заедница каде секој придонесува и секој има корист, а има ли поголема полза од тоа да се биде ведар, расположен, здрав и среќен?

Треба човек да научи да го цени моментот и да биде благодарен кога му се пружа можност нешто да даде, a токму на тоа нѐ учат училишните градини.

Кога директорот на училиштето или одговорниот наставник ќе ја соопшти веста дека во училиштето ќе се создава училишна градина, тој треба да укаже на сите придобивки и на сите активности што претстојат како и на евентуалните потешкотии кои можат да произлезат.

Учениците даваат свој труд и вложуваат физички напор применувајќи го практично она што го научиле © Slow Food Macedonia

Наставниците што ќе се вклучат, доброволно даваат свое време и им го посветуваат на учениците за да ги едуцираат и информираат, и го посветуваат на почвата, на растенијата. Даваат свој труд. Исто така учениците даваат свој труд и вложуваат физички напор применувајќи го практично она што го научиле. Некој од учениците од дома ќе донесе скасија што дома не се користи, друг ќе донесе семе или расад, некој наставник ќе донесе кофичка за залевање, училишниот хаус мајстор ќе ја направи оградата за градината, хигиеничарката ќе залева кога децата не се во училиште, некој родител ќе донесе природно ѓубриво, некој ќе помогне во правењето компост, некој пензионер ќе ја надгледува градината за време на летниот распуст, некоја фирма ќе донира боја за оградата или опрема за пластеникот, тука се и младите активисти и волонтери, кои ќе одржат некое предавање, ќе помогнат во засадувањето, во копањето или во бербата, тука се и новинарите кои ќе известат, локалната самоуправа која ќе даде материјална или друг вид поддршка и ќе ја истакне важноста на сработеното. Пример дека и властите на локално и на државно ниво се свесни за значењето и придобивките од ваквите активности е фактот што проектот „Зелен полигон за едукација, алатка за подигнување на еколошката свест“ е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање  на Р.С. Македонија, а претходно две години беше поддржан од Град Скопје.

И секој нешто со радост дал, со работа и со љубов придонел за градината. А што добил за возврат? Дали се се прави само за финансиски или друг бенефит? Дали се дава со цел да се чека да ни се возврати? Секако дека не. Самото давање е добивање, а природата е дарежлива и секогаш ќе не награди. Сме добиле повеќе часови на сонце и на свеж воздух, поголема дружба со соучениците, родителите, наставниците, вработените а нашата градина ќе не награди со вкусен зеленчук, сочно овошје, мирисливи ароматични растенија, шарени цвеќиња…

И така преку училишните градини, научуваме дека богат е оној што може да даде.

Текст: Филип Димкоски, земјоделски инженер, поет, активист и член на Слоу Фуд Прилеп

Статијата е во рамки на проектот „“Зелен полигон за едукација, алатка за подигнување на еколошката свест” кој го реализира Слоу Фуд Водно, Скопје со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на поддршката на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2020 година