Училишните градини се градини на среќата

ug-gradini-na-sreka
Способноста за физичка манипулација со нозете и рацете е важна за сите активности во текот на животот © Slow Food Macedonia

10 придобивки од Училишните градини во развојот на децата

Драги деца, сте размислиле ли колку би било убаво кога во вашиот училиштен двор би имало и една училиштна градина? Mеѓународната еко-гастрономска непрофитна организација Слоу Фуд која постои и кај нас во Македонија е иницијатор на ваквите градини во училиштата во Македонија.  Досега конвивумот Слоу Фуд Водно постави десет училиштни градини во десет училишта во Скопје и околината, но тоа не значи дека тука завршува. Секое училиште што има желба може да се вклучи да создаде своја училиштна градина. Пред да ви ги пренесам придобивките од работата во училиштните градини, би сакал накусо да ве запознаам со тоа како дошло до идеја за реализација на овој проект. Во 2001 година Слоу Фуд Америка го промовирала проектот „Од градина до трпеза“ и во рок од две години биле создадени триесет училиштни градини базирани врз принципите за „добра, чиста и правична храна“. И додека во Италија се работи на тоа да се создадат 100 училишни градини, во Африка во 2014 е започнат проектот за создавање 10.000 училишни градини и проектот се уште трае. Па, да видиме зошто се толку важни овие градини.

  1. РАЗВОЈ НА МОТОРИКАТА

Детето во градината, преместува, фаќа, копа, ја допира почвата, низ раце дроби грутки земја, користи алати. Со сите тие активности правилно се развива моториката кај децата благодарение на активноста во домашната или во училиштната градина. Способноста за физичка манипулација со нозете и рацете е важна за сите активности во текот на животот.

2.СТЕКНУВАЊЕ РАБОТНИ НАВИКИ

Кога активностите се испланирани и контролирани од страна на одговорниот наставник за училиштната градина, детето може да стекне многу корисни работни навики. Младите градинари научуваат дека треба да се работи за да се произведе, треба да се прави тоа  вредно и посветено. Работата во градината е практична потврда за народната изрека: „нема леб без мотика“.

Младите градинари научуваат дека треба да се работи за да се произведе © Slow Food Macedonia

3.СТЕКНУВАЊЕ ОДГОВОРНОСТ

Да се стекне чувство за одговорност, значи да сфатиме дека не сме сами и дека треба да градиме чувствителен однос и грижа кон се околу нас. Цвеќето не може да се залева кога ние сакаме, туку тогаш кога треба. Зеленчукот треба да се бере тогаш кога ќе созрее но додека да созрее ние речиси секојдневно треба да се грижиме за него. Така преку моделот Училишни градини, сфаќаме дека како што се грижиме за растенијата, треба да се грижиме и за животните, за семејството, за луѓето воопшто и за самите нас. Ако сме одговорни кон другите значи дека сме одговорни и кон самите себе.

4.ДОБИВАЊЕ ПРАКТИЧНИ СОЗНАНИЈА ЗА ПРИРОДАТА И ПОЈАВИТЕ

Природа не е само предмет во училиште. Природа е многу поширок поим. Таа е се што не опкружува, но и самите ние сме дел од неа. Природа-тоа сме ние. Спознавајќи ги разните растенија во градината учиме многу. И не учиме само за растенијата, туку учиме и физика, и хемија и биологија и математика на еден практичен, применлив и впечатлив начин. Ваквиот начин дава вистински резултати и трајни знаења. Учиме како сонцето, дождот, ветерот влијаат врз растењето и развојот на културите во нашата градина.

5.OТКРИВАЊЕ НА РАСТИТЕЛНИОТ СВЕТ

Огромен е бројот на членовите на растителниот свет. Секако ни најголемите биолози и ботаничари не успеале да ги пронајдат и да ги проучат сите растенија. Но доволно е, во зависност од просторот на нашата училишна градина да се запознаеме барем со неколку овошни, зеленчукови, цветни или ароматични растенија. Убаво е да ги истражиме автохтоните сорти на нашето македонско поднебје, да ги откриеме и одгледуваме старите сорти и со тоа да ги сочуваме.

6.ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЕКОЛОШКАТА СВЕСТ

Интензивното земјоделство во светот најмногу страда од климатските промени и од еколошките катастрофи, но истовремено и најмногу придонесува за нив. Затоа Слоу Фуд со проектот Училиштни градини е насочен кон развојот на органското производство каде се зачувува природното кружење на материјата во природата. Секој растение, секој инсект, секое животинче е божествен и неопходен дел од нашата планета Земја и заслужува почит, грижа и внимание.

7.СФАЌАЊЕ НА ЗНАЧЕЊЕТО ОД САМОСТОЈНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА

Без храна не можеме да живееме. Како што е важно да се знае да се пишува, да се чита, како што се убави вештини спортот, сликањето, пишувањето или пеењето, знајте дека многу важна животна вештина е умеењето самостојно да се произведе храна. Храната што ние сме ја произвеле во нашата градина знаеме на кој начин сме ја одгледувале, како сме ѓубреле, како сме прихранувале, дали сме прскале, колку сме залевале. Дури има анализи кои покажуваат дека храната што ние сме ја произвеле многу повеќе ни го зголемува имунитетот  и на нашиот организам влијае не само како храна туку и како лек.

Грижата, социјализацијата, комуникацијата со растенијата и со луѓето нѐ прави емотивно зрели и духовно стабилни © Slow Food Macedonia

8.СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА

Едукацијата преку програмата Училишни градини овозможува зголемено ниво на социјализација затоа што работата во градината бара сплотеност, заедништво, меѓусебна помош, поддршка и разбирање. Кога тие нешта ги применуваме и вон градината, тогаш ја гледаме важноста во воспитувањето што ја овозможува таа.

9.ФИЗИЧКИ И ПСИХОЕМОТИВЕН РАЗВОЈ

Равотата во градината бара физичка активност. Со тоа се подобрува циркулацијата, се затегнуваат мускулите на телото, коските зајакнуваа. Сонцето и ветрето нѐ прават посилни и поотпорни на настинки и грип. Грижата пак, социјализацијата, комуникацијата со растенијата и со луѓето нѐ прави емотивно зрели и духовно стабилни-нешта што се многу важни за целиот наш живот.

Грижата, социјализацијата, комуникацијата со растенијата и со луѓето нѐ прави емотивно зрели и духовно стабилни © Slow Food Macedonia

10.УЧИЛИШНИТЕ ГРАДИНИ-МЕГДАН ЗА КРЕАТИВНИ ИДЕИ

Од самиот почеток на создавање на градината, таа претставува креативен предизвик. Треба да се најде содветно место во училишниот двор, треба да се осмили како ќе изгледа, дали и каква ограда ќе има, што ќе се сади…А откако градината ќе го добие првичниот лик полето на креативноста уште повеќе расте. Можеме да ја бојадисаме оградата, да ставаме украсни знакчиња за тоа каде и што сме насадиле и посеале, да вметнеме градинарски украси, да изработуваме посебни алати, а натаму да правиме фигури од произведените овошје и зеленчук, да правиме вкусни оброци, салати и зимници…Ако пак немаме почва, пред нас е предизвикот да создадеме урбана висечка градина, од рециклирана амбалажа да направиме саксии и слично…

И сега што велите? Сакате ли градина во вашето училиште?

Aвтор: Филип Димкоски, дипломиран земјоделски инженер, поет, активист и член на Слоу Фуд Прилеп

Статијата е во рамки на проектот „“Зелен полигон за едукација, алатка за подигнување на еколошката свест” кој го реализира Слоу Фуд Водно, Скопје со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на поддршката на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2020 година