IN STORE: Македонија: Заврши „Tера мадре Македонија“

Во изминатите три дена, повеќе од 10.000 посетители уживаа во дегустација и презентација на македонски традиционални производи во рамките на манифестацијата „Тера Мадре” – Македонија, што се одржа битолскиот плоштад.

Слаткото од диви смокви, виното од станушина, буковскиот пипер, сирењата од мавровско-реканскиот регион, медот од македонската медоносна пчела, беа дел од производите поставени на 50-тина штандови, во организација на „Слоу фуд” – Македонија.

Првиот национален настан „Tера мадре Македонија” ја исполни примарната цел – да ги презентира македонскиот биодиверзитет на храна и автентичните прехранбени производи. На едно место, собравме и презентиравме стари вкусови и едуциравме нови генерации за традицијата. Доколку се комбинираат добрата храна, одговорноста и задоволството, тогаш се гарантира опстанокот на многу сорти, раси, производи и методи на преработка, вели Емилија Неделковска од „Слоу фуд” – Македонија.

Таа истакна дека акцентот на настанот е на вмрежувањето на малите производители во една национална мрежа, која во иднина ќе служи како платформа за воспоставување дијалог со претставници на институциите, експертите, граѓанските организации, производителите и другите чинители.

На дел од штандовите беше презентирано и македонското органско производство, како и производи од традиционални и занаетчиски производства.

На првиот „Tера мадре Македонија”  се одржаа многу конференции, на кои се дебатираше за храната и за традиционалните производи, а на младинскиот камп се презентираа петте президиуми на „Слоу фуд” – Македонија. На настанот учествуваа гости од Италија, Шпанија, Турција, Бугарија и Албанија.

Манифестацијата е организирана со финансиска поддршка на Европската Комисија, преку проектите „Еколошко одржлив социо-економски развој на руралните средини” и „Зачувување и маркетинг на традиционални сирења од фарма”, како и во соработка со партнерите: Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југо источна Европа (поддржана од програмите на ABD и GIZ), Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, Општина Битола и неколку приватни компании.