Македонските традиционални прозиводи како белото овчо сирење од реканскиот регион, маџун од Тиквешијата, валандовско слатко од диви смокви, толчена сол од Kратовско и уште многу други, ќе бидат дел од меѓународен саем за традиционална храна „Салон дел густо – Тера Мадре“ од 23-ти до 27-ми октомври во Торино.
На саемот кој годинава одбележува 30 години постоење, учество најавиле преку 900 изложувачи од целиот свет, а во фокусот е семејното земјоделство.
Зад учеството на македонската делегација на „Салон дел густо – Тера Мадре“ стои „Слоу фуд -Македонија“, која го поттикнува одржливото земјоделство и работи на заштита на вкусовите и на биодиврезитетот.
За време на саемор ќе бидат организирани повеќе од 80 работилници, дебати и презентации, обуки и предавања за вкусовите, за разликите меѓу природната, бавно подготвената и брзата храна.
Посебен дел е посветен на манифестацијата „Арка на вкусовите“ каде што се раскажуваат индивидуални приказни за потеклото, начинот, квалитетот и за приготвувањето на прехранбените производи, нивното влијание врз културата, историјата, обичаите, навиките, менталитетот. Посетителите ќе може да дегустираат и разни пијалаци, специфични за поднебјето од каде што доаѓаат изложувачите. Предвидена е и посебна соба за пиво, која ќе нуди белгиски, шпански, британски, германски, скандинавски и новозеландски пива.
Оваа година во рамки на саемот новитет ќе биде школата за готвење, во чии рамки директно ќе се приготвуваат јадења од разни земји и култури.
Извор: http://www.kurir.mk/makedonija/vesti/172387-Makedonija-del-od–Megunarodniot-saem-za-tradicionalni-proizvodi-vo-Torino
