Како да се однесуваме во природа – искуственик на еден фармер

kozi-david
Да придонесеме кон општото добро и хармонијата околу нас, како што тоа го прави природата © Кози, млеко, планина

Обично не пишувам вакви долги и опширни објави, но почувствував потреба и одговорност за креирање на истата. Објавава е наменета за сите оние кои ретко одат во природа, тие кои допрва пројавуваат желба за истото, но и за сите кои редовно се рекреираат и практикуваат прошетки во природа, бидејќи овде можеби ќе прочитате нешто на што претходно можеби и не сте обратиле внимание.

Мотивот и идејата за оваа објава се должат на горчливите искуства низ годините наназад, поттикнати од дел од проблемите со кои сум се соочил, сè уште се соочувам и допрва ќе се соочувам.

Но ова не значи дека треба да се намуртиме и да сееме мрак и нетрпение; напротив, ајде да се обидеме да го култивираме недоразбирањето и да придонесеме кон општото добро и хармонијата околу нас, како што тоа го прави природата.

„Природата не постои за нас, таа постои за да живееме во склад со неа.“

ЗА НОВИТЕ ТРЕНДОВИ И ОДНОСОТ КОН ПРИРОДАТА

Согласно ерата и околностите во кои живееме (пандемии, аерозагадувања, диви депонии) сосема е логично и природно да се стремиме слободното време да го поминуваме со блиските во природа. Сепак, би требало да имаме предвид дека планината, односно природата, е праведна и непристрасна, дека не препознава емоции и дека најмало невнимание и непочитување кон неа би можело скапо да нѐ чини како поединци, но и катастрофално во глобални размери.

Како фармер, сточар, убав дел од работно време го поминувам во планина, по шумите и пасиштата на с. Раштак (Скопска Црна Гора), па сѐ почесто сретнувам луѓе (во помали и поголеми групи), деца, ентузијасти, планинари, љубители на планинскиот велосипедизам, гурмани…

Затоа ќе се обидам да посочам дел од проблемите и опасностите кои се појавуваат во природата поради колективната невнимателност и да понудам решение за истите. 

1. КУЧИЊА

Кога шетам со козите, со мене секогаш се и моите кучиња. Тие се значајна алка во сточарството, десната рака и најлојалните пријатели на секој сточар. Моите пријатели ги чувам бидејќи на планина има предатори – волци и до сега се имам соочено со неколку загуби на кози и јариња (кога говорам за загуби, пред сѐ целам на добитокот од сентиментална вредност, а не материјална). Волците се реална опасност!

Како да постапите кога ќе Ве сретнат (нашите) кучиња? © Кози, млеко, планина

Прво, бидете среќни што Ве пронашло овчарско куче, разговарајте со нив и не плашете се. Доколку имате страв од кучиња – викајте по сопственикот; би било паметно при посета во планина ДА НОСИТЕ СВИРЧЕ, тоа може да Ви го спаси животот бидејќи постојат многу опасни ситуации во кои свирчето може да ви помогне, меѓу другото и ако се плашите од кучиња, а шетате во планина.

Кога зборуваме за кучиња, доколку имате куче-миленик не Ви препорачувам да го шетате на планина каде постои можност да наидете на стадо, бидејќи како што кажавме, со добитокот најчесто шетаат и кучиња. Кучињата се територијални животни и можно е да го сметаат Вашето милениче за закана.

2. ЖИВИОТ СВЕТ КАКО ЗАКАНА / ОПАСНОСТ

Овој дел пред сѐ е наменет за родителите кои сакаат да ги прошетаат нивните најмили во природа. Тие треба да бидат свесни дека природата е жива. Во зависност од сезоната, во природата има наезди на КРЛЕЖИ, БОЛВИ, СТРШЛЕНИ, КОМАРЦИ, ПАЈАЦИ И ДРУГИ ИНСЕКТИ, ЗМИИ и како што напоменавме во претходната точка, ОВЧАРСКИ КУЧИЊА.

Барањето виновник по несакана незгода нема да биде од полза © Кози, млеко, планина

Ви препорачуваме да шетате во поголема група или ВООПШТО НЕ ШЕТАЈТЕ ВО ДИВИНА (шетајте во близина на населено место или на места кои се доста фреквентни, како на пример планински чешмички), имајќи ги предвид работите кои ги набројавме погоре; бидете совесни, ПРЕВЕНИРАЈТЕ пред да создадете стрес кај децата.

3. ШУМСКИ ПЛОДОВИ, БИЛКИ И ГАБИ

Доколку немате познавање во врска со шумските плодови, билки и габи, воопшто не допирајте ги. Покрај лековитите и хранливи растенија, плодови и габи, постојат и нивни отровни двојници. Ви препорачувам доколку ги фотографирате и се консултирате за нивната можна употреба преку Вашите мобилните уреди, тоа да биде само од информативен карактер и секогаш земајте ги информациите со резерва. Исто така, не Ви препорачувам да ги барате шумските плодови шетајќи се со книга во рака во природа.

ДОКОЛКУ ИМАТЕ ИНТЕРЕС ЗА ШУМСКИ ПЛОДОВИ, БИЛКИ И ГАБИ, ИСТРАЖУВАЈТЕ ГО ТЕРЕНОТ СО ЛИЦЕ КОЕ ИМА ДОЛГОГОДИШНО ИСКУСТВО ВО ОБЛАСТА.

4. ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ

При прошетка во природа / планина / дивина, секогаш имајте ги предвид временските услови и шетајте кога времето е топло и пријатно (тука треба да напоменам да носите секогаш долги пантолони/тренерки).

Навистина е романтично гледањето зајдисонце на планина, но по неговото заоѓање брзо настапува МРАК.

Ваквите промени се случуваат многу побрзо отколку што мислите © Кози, млеко, планина

Следете го движењето на облаците; доколку забележите темни облаци, немојте да чекате, упатете се што побрзо кон населено место. Ослонувањето само на Вашиот телефонски уред во таква ситуација и не е баш пријатно чувство, а истиот може да предизвика удар од гром, привлекувајќи електрицитет.

Ваквите промени се случуваат многу побрзо отколку што мислите!

5. ОГАН

На оваа тема има да се пишува многу и сите знаеме дека не треба да палиме оган на планина, но ваквите информации не секогаш допираат до сите. Секоја година се соочуваме со локални пожари (досега не сум слушнал за пожар кој не е предизвикан од човечки фактор), а во текот на изминатите години имавме прилика да видиме пожари од огромни размери (Калифорнија, Австралија, Сибир…) и уште посликовито, морбидните резултати по нив.

Некогаш оганот служел како нужна потреба за опстанок на човекот и цивилизацискиот развој, но денес тој НЕ е неопходен за да поминеме неколку часови рекреативно во природа и кога можеме да ја подготвиме храната од дома.

Доколку сте приморани да запалите оган на планина, бидете многу внимателни © Кози, млеко, планина

НИКОГАШ НЕ ПАЛЕТЕ ОГАН ПОД ДРВО!!

(Коса на глава ми се крева кога ќе видам таков аматеризам и простотилак).

ПУШАЧИ, ЛОШИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ И МЕХАНИЧКИ НАВИКИ СО ЦИГАРИТЕ МОЖЕ ДА БИДАТ ФАТАЛНИ!

(Лично јас како пушач користам мало шишенце или тегличка или празна лименка како замена за пепелник. При секое гасење на цигарата од земја, се наведнувам и го собирам отпушокот во пепелникот).

НЕ ОСТАВАЈТЕ СТАКЛЕН ОТПАД ВО ПРИРОДА, НИТУ ДА ГО КРШИТЕ – ПОСТОИ РИЗИК ИСТИОТ ДА ПРЕДИЗВИКА ПОЖАР!

Се ужаснуваме при самото гледање хаварии од шумски пожари на ТВ и останатите уреди, но дали можете да замислите какво е чувството на терен?!

Лично сум учествувал при локализација на пожар предизвикан од дотрајана инсталација во објект, кој претставуваше опасност да ја зафати и шумата. Додека трчав со две кофи вода по угорнина се изнаголтав чад, околината беше обземена во паника и ужас, а луѓето, избезумени, трчаа насекаде… СТРАШНО.

6. ОТПАД

На темата отпад во планина/природа, сите сме едногласни, но сепак отпадот и понатаму претставува актуелен проблем. Едукацијата на оваа тема никогаш нема да биде доволна.

Во оваа точка ќе го поделам отпадот во неколку категории. Отпадоците од храна, односно органскиот отпад, ќе го третирам како прихрана и нема да го коментирам, бидејќи истиот не предизвикува никаква закана и опасност по природниот амбиент и животните; напротив, можеби некоја коза ќе се израдува на лушпите од банана, портокал, мандарина…

6.1. ВЛАЖНИ МАРАМЧИЊА

Ја разбирам практичната намена и позитивните хигиенски навики при користење на истите, НО кога се расфрлени во природа говорат за нечистата совест и сиромашниот дух кај луѓето. На влажните марамчиња им е потребно долго време за да се разградат, а притоа го гнасат целиот амбиент. Собирајте го ваквиот отпад со себе и фрлете го во најблиската корпа за отпадоци/контејнер.

6.2. ПЛАСТИЧНА АМБАЛАЖА И КЕСИ

Редовен проблем кој е широко распространет, не само во природата. Покрај тоа што го уништува природниот амбиент, од овој тип на отпад имам загубено неколку кози.

Како може да се случи тоа?

Најчесто амбалажата која ја среќаваме со добитокот е од слатки или солени производи (смоки, соленки, наполитанки, крем банани), а добитокот поради остатоците од слаткото / соленото на истата, ја проголтува и амбалажата, која се заглавува во желудникот. Животното по некое време престанува да јаде и често може да се донесе погрешна дијагноза и за жал, дури по аутопсија го наоѓаме проблемот.

 6.3 ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА, КАНТИ И КОНЗЕРВИ

При прошетка во планина, неопходно е да носиме вода со нас, а потоа сѐ друго. Тука подразабирам течности за освежување и уживање (сокови, пивце), но оставањето на нивната амбалажа во природа навистина го нарушува природниот амбиент и создава одбивност.

КОЈ САКА ДА СЕ РЕКРЕИРА, А ПРИТОА ДА СЕДИ ВО МОРЕ ОД ОТПАД?!

Често по некоја манифестација или викенд, на враќање од планина симнувам МИНИМУМ ЕДЕН РАНЕЦ ПОЛН СО ОТПАД. Дали имавте успешна и убава прошетка во  природа?

За мене (а верувам и за повеќето), успешен помин во природа е кога не оставате ништо зад себе, кога ќе ја оставите природата како што сте ја затекнале. 

Би ги пофалил и би им честитал на сите совесни посетители (кои ги има во поголем број) и ги охрабрувам да продолжат да делуваат благопријатно кон природата, без оглед колку и да изгледа демотивирачки кога ќе сретнете отпад во природа.

Дополнителен совет: доколку сте заинтересирани за посети во природа, Ве советувам да се приклучите во планинарски здруженија или извидници, каде ќе можете да научите повеќе за правилно однесување во природа.

Ви благодарам на вниманието.

Тимот на „Кози Млеко Планина“ Ви посакува убав престој во природа.

Автор: Давид Неделковски, фармер и Слоу Фуд активист