Консумирањето на свежа,сезонска и локална храна е вистинска промена во однос на климатските промени

mare-posen-petok
Во мојата кујна доминираат сезонски и локални производи, кои ги одбирам лично и внимателно © Maре Јаневска

#ПосенПеток со шеф Маре Јаневска: повторно зборуваме на темата храната и климатските промени, овојпат со шеф Маре Јаневска, член на Слоу Фуд Водно, активист за животната средина и страствен гастроном.

 Во продолжение кусиот разговор со инспиративниот кулинарен виртуоз околу темата, како и нејзините ставови во однос претпочитањето и консумацијата на локалната и сезонската храна како алатка во борба против климатските промени, но и во зачувување на традицијата.

Што Ве поттикна да се приклучите кон предизвикот #ПосенПеток?

Како член на Слоу Фуд, доволен ми е поттикот што сум дел од еден урбан круг во кој се почитува планетата, животната средина, храната и нејзините вредности, тоа што сум борец против климатските промени и што секојдневно настојувам да се консумира здрава и праведна храна, како за планетата, производителите, така и за консументите.

Какви состојки најчесто употребувате при подготовка на Вашите оброци?

Во мојата кујна доминираат сезонски и локални производи, кои ги одбирам лично и внимателно. Многу често користам производи од мали локални производители, кои наспроти конвенционалните, бидејќи имаат вистински квалитет, вкус и дух.

Производите се секогаш со врвен квалитет, што додава дополнителна вредност и квалитет во моите финални производи © Maре Јаневска

На кој принцип ги одбирате состојките кои ги употребувате во Вашите оброци?

Покрај професионалниот ангажман, приватно се заложувам за употреба на свежи производи, па со тек на време создадов круг на производители и трговци од кои исклучиво ги набавувам потребните намирници за готвење. Производите се секогаш со врвен квалитет, што додава дополнителна вредност и квалитет во моите финални производи.

Каде најчесто ги набавувате состојките кои ги користите при подготовка на Вашите оброци?

Свежото овошје и зеленчук најчесто го набавувам на пазар, но не ретко и директно од самите производители. Во тој случај, купувам помалку производи, но со подобар квалитет. Често набавувам производи и од трговци со шумски производи, како диви печурки, шумско овошје, чаеви, зачини.

Би препорачала да се купуваат помали количини на намирници, за да се избегне фрлањето на храна  © Maре Јаневска

Дали сметате дека промената на состојките во сопствените чинии може да направи вистинска промена во однос на климатските промени?

Сметам дека консумирањето на свежи и локални производи може да направи вистинска промена во однос на климатските промени, како на локално, така и на глобално ниво. Доколку секој од нас правилно ги користи природните ресурси, консумира локална и традиционална храна, кога би имало малку поголема информираност и зголемување на свеста на луѓето во однос на взаемната поврзаност на храната во нашата чинија и климатските промени, тогаш би се заштитиле себеси, културните вредности и секако, природата.

Што би ѝ препорачале на јавноста во однос на темата со климатските промени и примената во сопствената чинија?

Моја препорака е да се употребуваат сезонски и локални производи, да се намали употребата на производи од животинско потекло а да се зголеми употребата на мешункасти растенија во исхраната како одличен извор на протеини и минерали. Исто така, би препорачала да се купуваат помали количини на намирници, за да се избегне фрлањето на храна. Борбата со климатските промени продолжува, а иницијативата #ПосенПеток е одлична прилика сите да научиме и да покажеме дека промената е возможна, дури и со готвење и консумирање на посни јадења барем еднаш неделно.

Интервјуто го водеше: Катерина Јордановска, Слоу Фуд Водно