Корона кризата не враќа кон основата

Од мали нозе да учиме што е здрава, природна храна и колку се важни локалните производители © Slow Food архива

Воспоставените училишни градини на територијата на Град Скопје можеби навидум се пусти, но тие трпеливо го чекаат моментот кога учениците повторно ќе се вратат во школските клупи, но и во „училниците на иднината“.

           Здрава, избалансирана храна за правилен раст и развој, но и за подобар имунитет – за што поголема отпорност кон болести. Тоа им е најпотребно на децата. Колку е ова битно,изминатиов период нè потсети новата реалност – вирусот КОВИД 19. Корона пандемијата како да нѐ врати кон основата, кон она што значи вистинска вредност.

 Витамини, минерали, природни шеќери, вода – се она што е клучно за задоволување на дневните потреби, а го внесуваме токму преку храната, преку овошјето и зеленчукот. Вирусот пред кој клекна целиот свет, наметна многу прашања и отвори куп дилеми, но едно е јасно – дека од мали треба да научиме што е здрава храна, како се произведува, што значи да се биде дел од тој процес и во каква корелација е тој со средината околу нас.

 Од мали треба да научиме и да правиме разлика меѓу бојата на индустриски произведениот пипер со оној во селските леи, меѓу хамбургерите и дома подготвените сендвичи со здрави намирници, меѓу цедениот, природен сок и кока-колата.

 Треба да научиме што е природен мирис и вкус.

 Ваквата определба и мисија ја имаат училишните градини кои полека, но сигурно стануваат дел од нашиот образовен систем. Суптилно, овозможувајќи им на децата во основните и средните школи практично да го продлабочат своето знаење од природните науки, ги доближуваат до земјоделството, до она што подразбира производство на храна, рационално користење на ресурсите и зачувување на животната средина и биодиверзитетот. Но, освен тоа, и физички ги активира без воопшто да почувствуваат: копаат, садат, плеват, кројат. И најважно, се дружат.

  • Дружењето во време на КОВИД не е препорачливо зашто се коси со неопходното држење дистанца. Сепак, на децата им е неопходна социјализација, а училишните градини токму тоа го нудат. Во нив има доволно простор за соодветна оддалеченост на децата кои во исто време би биле и заедно. Но, моментно, дворовите во школите зјаат празни, зашто такви се протоколите. Зјаат празни и училишните градини, онаму каде што се воспоставени. Се надевам дека ситуацијата  многу скоро ќе се смени на подобро, − вели Сунчица Јовановска, професор и член на Слоу Фуд Водно, дел од тимот кој ја воспостави првата училишна градина во Средното угостителско училиште „Лазар Танев“.

 Таа укажува дека училишните градини се предзвик и за учениците и за наставниците. Двете страни учат.

− Многу е важно да се знае дека секој наставник може да учествува во креирањето и одржувањето на градините. Воопшто не мора да предава природни науки. Доволно е, на пример, да постави макар и саксиички или жардиниери со зачини кои децата ќе ги засадат, а потоа и ќе можат да ги собираат и да ги користат во секојдевната исхрана. Во однос на Корона-панедмијата, пак, дополнително би истакнала дека училишните градини поттикнуваат и физичка активност, а сите знаеме дека колку си физички поактивен, толку повеќе придонесуваш за сопственото здравје и имунитет. Не е лошо да се потсетиме и дека секое трето дете последниве години, според статистиката, е со прекумерна тежина што потенцијално значи нарушено здравје, − потенцира Јовановска.

 Во овој контекст таа дополнува дека допрва сите ќе увидиме, токму поради Ковидот, колку е, всушност, значајна локалната храна.

  • Актуелната пандемија до сега во голема мера го смени нашиот досегашен начин на живот и најчесто во негативна насока, но ако се обидеме да погледнеме од друг агол, голем дел од нас ја разбраа потребата за локално производство на храна и нејзин одржлив систем. Во позитивна смисла можеби ова е нашата шанса да направиме повеќе за нашата околина преку преземање конкретни чекори и акции кои се важни и суштински, тука и сега. Таква една иницијатива, почната пред пандемијата, е идејата за училишни градини која треба да опстои и да се поддржи и во вакви услови. Впрочем тоа е одлична шанса децата да поминуваат поголем дел од времето на отворено каде што ќе се здобијат со безброј бенефити: физичка активност, приближување кон природата, практично учење и подобро разбирање на природните процеси. Основната причина, секако, е она што многу недостига кај децата во урбаните средини, а тоа е немањето можност да го видат одблиску производството на храна и да разликуваат природна од процесирана храна. Ова води кон размислувањето за навиките кон храната и развивањето на интересите и вкусовите кај децата, но и зголемување на нивнот интерес кон целиот систем за храна, − потенцира Билјана Митровска од Слоу Фуд млади Македонија.
Училишните градини служати како алатка за сплотување на заедницата, засилувајќи ги врските меѓу активните чинители во нивното создавање и управување, тие претставуваат мултидисциплинарен модел за подобрување на општеството, почнувајќи од унапредување на образовниот систем  © Stock photo

Според Катерина Јордановска, дипломиран инженер агроном, член на Слоу Фуд и еден од креаторите на училишните градини, воспоставените училишни градини на територијата на Град Скопје можеби навидум се пусти, но тие трпеливо го чекаат моментот кога учениците повторно ќе се вратат во школските клупи, но и во „училниците на иднината“.

− Во моментите кога нишките на социумот, вклучително и образовниот процес, се разнишани од ударите на глобалната пандемија, училишните градини се појавуваат како светло на крајот на тунелот. Служејќи како алатка за сплотување на заедницата, засилувајќи ги врските меѓу активните чинители во нивното создавање и управување, тие претставуваат мултидисциплинарен модел за подобрување на општеството, почнувајќи од унапредување на образовниот систем, − вели Јордановска. Зачувувањето на традициите и знаењата од постарите генерации, заштитата на автохтоните сорти и биолошката борба со штетници, промоцијата на консумирање локална и сезонска храна, како и физичките активности на отворено (засадување, плевење, правење леи), − додава Јордановска, се само дел од можностите што ги нудат овие алтернативни училници. Потребата од нивно постоење е од несомнено значење, но должноста да ги поддржиме е наша. Волонтирањето во училишните градини, донацијата на автохтони семиња и материјали кои може да бидат рециклирани во градиви елементи, можеби изгледа безначајно, но е доволен поттик во насока на облагородување на духот на најмладите и нивна едукација.

Несомнено е дека ќе продолжи развивањето на училишните градини во земјава, но со каков интензитет, можеби ќе се знае подобро по корона кризата. Концептот е веќе препознаен и тука нема дилеми. Јасен е и бенефитот од потенцијалната интеракција што ја нудат градините − поврзување на потребите за прехранбени производи во училиштата со локалните производители, што придонесува за социоекономски развој на заедниците.

Пишува: Мирјана Чакарова, Слоу Фуд Водно