MИА: Наутлија, ширден, ѓомлезе,… дел од традиционалната македонска кујна

Дури не се испотиш не е благ, треба да се испотиш повеќе и така ќе ти биде повкусен, е една
од многуте анегдоти што се раскажуваат за ѓомлезето – традиционално јадење во Охридско.
Под вршник или сач, неколку часа се потребни за да се направи овој специјалитет. Мајстори за ѓомлезе има се помалку, велат охриѓани, но тие што останале сакаат рецептот да го предадат на идните генерации. Ширденот за кој важи познатата „прсти да излижеш” е типичен прилепски специјалитет, голем предизвик за вистинските гурмани.

Тајната на ова извонредно јадење е во изборот на месо кое се состои од три различни видови. Според домаќините, не може секој да го прави. Денес ретко се готви и е многу скапо. Наутлијата, пак, лепче од пченично брашно и слануток, потекнува од неготинскиот регион. Не може да се најде на пазари, се подготвува исклучиво дома, за семејството, традиционално на празниците Мала и Голема Богородица. Главна состојка е наутот, чие семе дава специфичен и уникатен мирис и вкус.

Наутлијата порано била далеку позната и секој дојденец во градот прво сакал да го проба лепчето. Денес редовно се подготвува за празници како Пресвета Богородица. ¬ Ова се само некои од производите на македонската традиционална кујна, рецепти од бабите и дедовците кои мора да ги зачуваме зашто претставуваат наш основен белег. Традиционалните производи се тесно поврзани со културното наследство, нивното производство и продажба претставуваат значаен извор на финансиски средства, можност за развој на селскиот туризам како кохезија на минатото, културата и традицијата, обележје на нашите предци, место каде традицијата и културата на локалната заедница се уште се „чисти“, велат од Слоу фуд Македонија. Според здружението, иако барани на пазарот, традиционалните производи и специјалити се повеќе ги губиме. ¬ Традицијата е карактеристична за Македонија и претставува се она што се консумира локално или регионално со генерации наназад. Мора да им помогнеме на производителите во руралните области, да се заштитиме преку зачувување на традиционалните производи кои се незаменливо богатство, да поставиме на нашите трпези специјалитети препознатливи за нас, да пуштиме на пазарот производи кои ги има само во нашите предели, да кажеме „тоа го научив од баба и дедо”, производите да останат наши како што ги оставиле нашите предци, посочуваат од Слоу Фуд.

Се почесто ги слушаме ваквите заложби, но Слоу Фуд конкретно работи на заштита и промоција на македонските производи. По досегашните активности, формирањето Арка на вкусови, учеството на најголемиот светски саем за традиционална храна Салоне дел густо во Торино каде македонските специјалитети се „рамо до рамо“ со производите од цел свет, спроведувањето кампања за заштита на биодиверзитетот на млекото и традиционалното производство на сирења,…, здружението за петок, 27 март, во Кавадарци, најавува конференција за заштита на географското потекло на производите. Наутлија, зелник, тараненик, јајчаник, морозна погача, дроп сарма, пашино ќофте, рвенија, свадбинска алва, пандиспањ, р`ч ели, тиквеник, се само некои од превкусните јадења што ќе бидат презентирани на конференцијата.

Слоу фуд е поддржана од гастрономи кои работат на откривање нови гастрономски култури специфични за локалните подрачја со една цел – нивно приближување до секој човек, особено до трагачите по вистинскиот вкус. Истражувачкиот тим е составен од врвни експерти, мапира преку 50 локални производи, растителни сорти, животински видови и традиционални техники на производство, на кои им се заканува опасност засекогаш да исчезнат и да бидат заборавени од „пост модерните” генерации.

МИА Мирјана Чакарова