MИА: Формиран првиот конвивиум на Slow Food во Македонија

Гостивар, 4 мај (МИА) – Во долнореканското село Јанче се формира Фондацијата „Шарпланинска“, со што нашата земја стана членка на глобалната мрежа за заштита на биодиверзитетот и агро-биодиверзитетот “Слоу фуд” (SLOW FOOD).

На формирањето на фондацијата во долнореканското село Јанче, на која присуствуваа фармери и претставници на неколку нелвадини здруженија, претседателот на фондацијата Филипо Унтерхофер, нагласи дека во наредниов период ќе се работи на зголемување на членството.

– Членовите ќе имаат погодности при претставувањето на своите производи на светските саеми за храна. Фондацијата ќе работи на добивањето на сертификати кои ќе овозможат и користење на логото на Слоу фуд, што од друга страна овозможува повисоки приходи и застапеност на атрактивни пазари, рече Унтерхофер.

По формирањето, фондацијата ќе работи на маркетингот и промоција на производи и храна произведена на традиционален начин. Дарко Караколевски, претседател на меѓународното здружение на земјоделски и сродни науки ИААС, напомена дека меѓу карактеристичните производи од нашето поднебје се и доматот скопски јабучар, автохтони сорти на тутун.

– Во делот на гастрономијата, работиме на заштита на кратовската пастрмајлија која се прави со овча пастрма и во фурна на дрва и специјалитети од риба ловена со корморани на Дојранското Езеро, мавровското сирење, рече Караколевски.

Слоу фуд е меѓународна мрежа со над 84.000 производители на традиционални прехрамбени продукти и храна во 132 земји.

 

www.mia.mk