МИА: Македонскиот биодиверзитет на Тера Мадре Салоне дел Густо 2016

Македонските производители и оваа година ќе бидат дел од Тера Мадре Салоне дел Густо, најважниот меѓународен настан посветен на културата на храната  што го организира Слоу Фуд од 22-26 септември  во Торино, Италија.

На настанот ќе учествуваат 5.000 претставници од  160 земји, над 800 изложувачи, 300 президиуми  на Слоу Фуд и  500 заедници за храна на Тера Мадре.

Македонија ќе ги претстави президиумите Буковска пипер и слатко од диви смокви, но и грозјето Станушина, како и новиот президиум на Македонската  медоносна пчела  во рамки на заедничката презентација на президиумите од Балканот и Турција.

Годинашниот  11-ти Тера Мадре Салоне дел Густо ќе се одржува практично на улиците  на Торино зашто, според филозофијата на Слоу Фуд, „добрата, чиста и здрава храна  им припаѓа и треба да ја уживаат сите“ . Како што нагласуваат организаторите, токму од овие причини регионот Пиемонт и градот Торино ги отвараат вратите, овозможувајќи му на настанот да ги заземе  најубавите и најпрестижни места: Parco del Valentino, Borgo Medievale, Pallazo Reale, Teatro Carignano, Circolo dei Lettori I Reggia di Venaria….

Идејата е да се вкрстат храната, уметноста, историјата и традицијата, годинава под мотото „сакај ја Земјата“.

Посетителите ќе уживаат во производи (вкусови) од пет континенти, врвни органски вина, улична храна, а ќе може да присуствуваат и на најразличните настани посветени на богатството и различноста на кујните ширум светот, како и на конференциите  кои ќе отворат низа прашања од производството на храна.Организирани ќе бидат и  школи за готвење и едукативни форуми за деца и семејства.

Посебна конференција  е посветена на зачувување на биодиверзитетот на Балканот.На неа ќе се изврши евалуација на четирите години од проектот на ЕССЕДРА, благодарение на кој беа идентификувани над 300 производи на арката на вкусови низ целиот регион и беше изработена опсежна програма за поддршка чија цел е на помалите фармери да им обезбеди пристап до пазарите за пласирање на нивните  традиционални производи, како и идентификување на предизвиците што претстојат.

Слоу Фуд е глобална граѓанска организација чија визија е свет во кој сите луѓе имаат пристап и уживаат во храна добра за нив, добра за оние што ја одгледуваат и добра за планетата.

Вклучува повеќе од еден милион активисти, готвачи, експерти, млади, земјоделци, рибари и научници од над 160 земји, како и мрежа од околу 100 000 членови поврзани во 1.500 локални поглавја низ светот.

Објавено на: 29/08/2016
Медиум: https://mia.mk/