МИА: Традиционалните производи чувари на идентитетот и културното наследство

Да ја негуваме традиционалната храна и да ги поддржиме локалните производители кои се чувари на биодиверзитетот, културата, идентитетот.

Ова е пораката од Тера Мадре Македонија-мрежата која ги обединува производителите  на храна, сточарите, готвачите, експертите и младите луѓе.Беше промовирана викендов во Битола каде над 200 учесници дебатираа на различни теми: улогата на младите во креирањето одржлив модел на систем за храна, млекарството на фарма како нов предизвик за науката и практиката, агротуризмот, климатските промени, пасиштата и сирењето, опстанокот на пчелите, астрономијата….Стана збор и за одржливото, органско земјоделство, а во фокусот беа малите фармери.

Како што беше речено на една од сесиите, негувањето на традиционалните производи воопшто не значи враќање кон минатото, туку зголемување на асортиманот и чување на културното наследство. Но, поради слабата промоција, немањето соодветна инфраструктура во руралните средини, недостигот на работна сила и инвентност, традиционланите производи се повеќе ја губат битката со индустријата и пазарот.

-Ако сакате да купите овчи кашкавал произведен по рецептите на нашите баби и дедовци, ќе мора да отидете директно на мандра. И другите традиционални сирења ретко се наоѓаат во маркетите. До нив може да се дојде само преку познати или директно на фарма,  истакнаа производителите.

Една од сугестиите за поголем маркетинг на традиционалните производи е здружување на производителите и отварање специјализирани продавници каде на едно место ќе може да се најдат, слатко, мед, сирење, вино, буковска пипер…

Во однос на цената, традиционалните производи не се разликуваат од комерцијалните иако ги задоволуваат исклучително строгите критериуми за органска храна. Се произведуваат рачно, во екололошки чиста средина, а процесот е долготраен и макотрпен.

Тера Мадре Македонија ги претставува локалните заедници што работат на воспоставување  систем за чиста храна, и е дел од глобалната мрежа Тера Мадре на Слоу Фуд. Изминативе три дена, под мотото „Мрежа која инспирира промени“, на едно место ги собра малите производители. На 30 штандови, на т.н Пазар на фармери, беа претставени слаткото од диви смокви, виното станушина, буковската пипер, сирења од мавровско-реканскиот регион, медот од македонската медоносна пчела…

Дел од програмата беа и Младинскиот камп, Мастер курсевите за пиво, вино, мед и сирења од сурово млеко, како и Павилјонот за деца со зеленчукова градина. Посебно место беше одвоено за Театарот на вкусовите каде познати готвачи и млади таленти подготвуваа традиционална кујна, директно пред посетителите.

Објавено на: 27/06/2016
Медиум: https://mia.mk/