МИА: Вир- напуштена волшебна приказна од Поречието

-Вир е село во општината Македонски Брод. Напуштено. До него нема ниту патоказ. Како воопшто да не постои. Ако не знаете дека кога одите натаму треба да свртите по едно мало, тесно патче низ Модриште, ќе го промашите.

Од Скопје, преку Тетово и Гостивар, до Вир ќе стигнете речиси за три часа, но доколку патувате од страната на Козјак, преку националниот парк Јасен, доволни ви се два.

Во Вир активно живеат само три куќи, главно сточарски семејства.

Селото изобилува со лешници, ореви, сливи, јаболка…. Природни, недопрени од човечка рака.

Климата е планинска. Есента доаѓа многу порано, а пролетта малку подоцна.

Во Вир е се поинаку. Како времето да застанало. Како да сте во друга димензија. Повремено се слуша понекое куче или клопотарец од стадото кози на мештаните.

-Ако се направи попис во селото, нема да има жители. Минатиот пати имало девет лица, некои од нив починале,а другите се иселени, вели Сашо Симјановски еден од жителите на Вир.

На пролет и лете, истакнува, полни се можеби шест-седум куќи со пензионери што потекнуваат оттука. Бегаат од Скопје за летните одмори.

-Вир нема млади луѓе, како и повеќето села во Македонија. Се наоѓа на околу  700 метри надморска висина, во подножјето на масивот што го затвора Прилепско Поле, меѓу Даутица, Караџица и Јакупица. Од падините над Вир се гледа врвот Бел Камен, висок над 2.000 метри, а оддалечен е од селото четири часа пешки. Околу се Лазје, Гражденик и Ридарци, раскажува Симјановски.

Со асфалтирање и довршување на патот преку Јасен, Поречје како да се раздвижи.

-Луѓето, обично Скопјани, повеќе доаѓаат на излет или на ручек во Извор, местото пред Модриште,   во селото Манастирец. Тука е и реката Треска. Доаѓаат и во Белица, на патот од Модриште кон Скопје, преку Козјак  каде што има ресторани на реката Белица, има и рибник, мотел, дури и вид зоолошка градина со дивеч од околината. Но, не сум баш сигурен колку од нив слушнале за Вир или го посетиле. Во Модриште, каде што се дели патот за Вир, требаше да има патоказ и да,поставија столче, но наместо знак за Вир има знак „стоп“, истакнува Сашо.

Зиме нема скоро никој, само тројцата жители: Сашо и неговите два соседа Деан и Бошко.

Сашо е скопјанец доселен во куќата на дедо му, а Деан и Бошко се од Вир. Сашо и Деан чуваат кози,а а Бошко овци.

-Неретко се случува да снема струја или вода. Еднаш, кога имаше дефект на далноводот во Кичево, струја немавме десетина дена. Инаку во селото нема ниту мрежа, ниту Интернет.

Мобилниот ѕвони само на одредена локација во ритчињата околу, додава Симјановски.

Кога има проблем со козите, не може да се јави на ветеринар или тоа изгледа приближно вака:

трча до ритчето, фаќа мрежа, го добива ветеринарот, па трча назад во шталата за да го примени советот. Ако му треба уште нешто плус, пак трк до ритчето и секогаш така.

-Ова е обично случај кога козите се јарат. Некои полесно раѓаат, некои потешко. Ако ми треба совет, трчанката нагоре по ридот, па назад. И така неколку пати, објаснува низ насмевка Сашо.

Вакви случки има еден куп.

Се смета дека Вир го добил името по тоа што има многу вода. Секоја куќа има бунар, но тие напролет, кога се топат снеговите, претекуваат, па уличките стануваат како речни корита.

Главната уличка, пак, се претвора во река. Тоа обично трае до Петровден, 12 јули. Потоа во бунарите има вода, но не протекуваат.

Поразговаравме, пробавме од козјото сирење, од домашното слатко и домашната ракија на Сашо. Неговата сопруга Маја не послужи и со ручек: полнети пиперки, мусака, салата од печени пиперки и лукче

Сакавме да тргнеме со време назад, за Скопје, да не не стемни. Не само за да не го утнеме патот, туку зашто е и толку тесен, што ако некој доаѓа од спротивната страна, речиси никако не можете да се разминете.

Мирјана Чакарова

Објавено на: 11/09/2018
Медиум: https://mia.mk/