Кампањата Grow на Cheese 2011

Бра, Италија – За време на Фестивалот Cheese 2011 во фестивалското кафуле, се одржа конференција на тема GROW, храна, живот, планета, на која, меѓу другите, со свое излагање учествуваа Нада Караиванова, координатор на Слоу Фуд Президиумот Слатко од дива смоква и Александар Димовски претставник на производителите на сирења од Мавровско Реканскиот регион исто така Президум на Слоу Фуд.

Глобалната кампања на меѓународната организација Oxfam под наслов Grow (Расти) претставува почеток на глобално движење за подобрување на начините за растење, споделување и живеење заедно. Координаторката на Oxfam проектот, Elisa Bacciotti го образложи концептот на кампањата, зборуваше за тоа дека денес во светот илјадници луѓе гладуваат и потребни се нови начини и сили за намалување на сиромаштијата. Сето ова е со цел решавање на нефункционалниот систем за храна со што ќе може да се стави доволно храна на масата за секого. Со кампањата Grow, се подржуваат малите производители, локалното земјоделство, борбата против злоупотреба на обработливото земјиште како и водење сметка за климатските промени. Притоа потребни се радикални реформи во системот на храна, а во фокусот на кампањата е намалување на агро-бизнисите што акумулираат огромен потенцијал на расположливи ресурси за сметка на сиромашните рурални семејства.

Веќе неколку години Oxfam поврзува групи на мали производители од Балканот кои се пример за производители на квалитетно земјоделство базирано на одржлив развој. Оваа кампања има за цел да придонесе кон намалување на сиромаштијата и гладот преку практични примери како што се Президиумите на Слоу Фуд.

Oxfam веќе реализира неколку проекти на Балканот, а во следниот период ќе започне и со имплементирање на Европски проект со партнери од Италија, Мексико, Босна и Херцеговина и Македонија. Носител од македонска страна на проектот ќе биде Слоу Фуд Конвивиумот Водно. Ќе се работи на промоција на македонските мали квалитетни производства во регионот на Маврово и Президиумот на сирења, како и промоција на Македонија како потенцијал за развој на рурален туризам базиран на Слоу Фуд филозофијата.

На крајот од конференцијата присутните имаа можност да се запознаат и да пробаат три производи базирани на квалитетот на малите производства како Босанскиот Слоу Фуд Президиум Сирење од мешина и двата македонски Слоу Фуд брендови, Слаткото од дива смоква и Сирењата од Мавровско Реканскиот регион во Македонија.

Grow е кампања за храната на нашата маса: денес и утре.

Нада Караиванова