„Навраќање на корените: традиционално производство и одржливиот систем на храна“

Во рамки на проектот  „Практична имплементација на легислативите во објектите за традиционално производство“, кој е поддржан од Мрежата за рурален развој на Република Северна Македонија преку проектот NAGE – Вмрежување и застапување за зелена економија. Тимот на Слоу Фуд Македонија со експертска поддршка изработи документ со став, кој беше дистрибуиран и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Со цел запознавање на пошироката јавност со истиот и позициите на Слоу Фуд во однос на прашањата кои се актуелизираат со овој проект, Ви го пренесуваме и тука.

Каков систем на храна е неопходен?

Глобализацијата, индустрискиот развој, зголемувањето на бројот на населението и урбанизацијата ги сменија моделите на производство и потрошувачка на храна на начин што силно влијае и се одразува врз целокупниот екосистем и исхраната на луѓето.

Човештвото се соочува со бројно поврзани економски, социјални и еколошки кризи кои во најголем дел произлегуваат од сегашните неодржливи модели на потрошувачка и производство, а пред се од неконтролираното трошење на природни ресурси и тоа по глава на жител.

Негативните трендовите се алармантни, истакнувајќи ја несоодветноста на сегашните модели на снабдувањето со храна и самата исхрана. Имајќи предвид дека: (i) сегашното производство, преработка на храна и нејзината дистрибуција не се одржливи поради губењето на биодиверзитетот, деградацијата на природните ресурси, климатските промени, високата потрошувачка на енергија како и сиромаштија; (ii) ранливоста на многу рурални заедници и (iii), особено диеталната ерозија во насока на прекумерна потрошувачка, потребни се итни мерки за промовирање и ширење на концептот на „одржливост“ и тоа во национален, европски и светски контекст.

Со одбрана на правото на „гастрономско задоволство“ и поттикнување на бавен живот, Слоу Фуд во својата наједноставна форма, претставува алтернатива на брзата храна и брзиот живот. Бавната храна е втемелена во традиционалните практики, националните вкусови и домашната кујна.

Сите напори и активности во изминтатите десет години кои Слоу Фуд ги реализира на национално ниво, имаат за цел да дизајнираат, развиваат и спроведуваат прогресивни идеи и политики кои: (i) ги валоризираат карактериситчните традиции и знаења; (ii) ги штитат и поддржуваат локалните заедници; (iii) промовираат директни односи меѓу производителите, фармерите и потрошувачите; (iv) го скратуваат дистирбутивниот синџир на снабдување со храна; (v) ја заштитуваат животната средина; (vi) ги одржуваат врските помеѓу сите конституенти на мрежата; (vii) и промовираат одржливи практики, со цел да се постигне одржлив начин на живот.

Еден од денешните недостатоци на системот за храна на глобално и на локално ниво, е оној на дистрибутивниот систем. Последните педесет години бележат не само напредок на индустријализацијата во земјоделскиот сектор, масовно иселување од руралните области, туку и огромен напредок во однос на конзервираната храна. Денес одредена храна лесно може да патува од едната до другата страна на земјината топка, дури и кога тоа не е потребно. Во глобалниот систем на дистрибуција доминираат само неколку големи оператори кои црпат сила од својата финансиска структура, притоа исполнувајќи го ланецот на производство со безброј посредници, со што се зголемува растојанието (физичкото и културното) помеѓу потрошувачот и производителот.

Затоа, системот на храна што го сакаме е:

  • Еколошки одржлив: го поддржува квалитетот и обновливоста на природните ресурси, го зачувува биодиверзитетот и гарантира интегритет на екосистемите.
  • Економски одржлив: генерира долгорочни приходи и работни места, достигнува еко-ефикасност и обезбедува конкурентно опкружување, каде квалитетот преовладува над квантитетот и цените ја рефлектираат вистинската вредност на храната.
  • Социјално и културолошки одржлив: гарантира фер пристап до основните човекови права (безбедност, здравје, образование, итн.) и создава услови за благосостојба (образование, социјални односи, итн.) во рамките на една заедница; обезбедува можности за развој на внатрешни и надворешни активности кои ја вклучуваат локалната заедницата (руралното население) и ја препознава културната вредност на производот.

Притоа доста важно е да се потенцира дека социјалните аспекти не можат да се разгледуваат одделно од економските аспекти на одржливоста. Тие се силно меѓусебно поврзани и треба да се анализираат со помош на интегриран и холистички пристап на различните аспекти од самото производство па се до потрошувачката на храна.

Дефинираните цели како што се заштита на биодиверзитетот, борба против климатските промени, развој на локалните економии и производство на мали количини храна, зачувувањето и негувањето на локалното знаење, традициите и културата, исто така не треба да се поставуваат одделно. Наместо тоа, секоја цел мора да биде поставена и следена како дел од сеопфатна стратегија и земјоделска политика која ќе ги земе во предвид сите елементи истовремено.

Потребен ни е холистички пристап затоа што храната е жив систем кој еволуира и се прилагодува кон секојдневните човечки активности.

Какви национални политики за поддршка на малите традиционални производители се потребни?

Кога зборуваме за системот на храна во целост, мора да се каже дека не станува збор за еден изолиран систем туку во спротивно станува збор за кохерентен систем во кој влегуваат различни закони, правилници и одлуки кои се однесуваат на земјоделството, производството на храна, трговијата, безбедноста на храната, семенскиот материјал, животната средина, јавното здравство, руралниот развој, правата на работниците и многу други.

Голем број на политики имаат влијание врз храната, но ниту една во целост не го препознава широкиот опфат на храната. Законот за безбедност на храна се однесува исклучиво за безбедноста на храната, а притоа не се обрнува внимание на нејзината нутритивна вредност. Додека пак регулативите кои се однесуваат на подигнувањето на квалитетот на храната не се соодветно поврзани со одржливиот начин за нејзино производство.

Тргнувајќи од таквото разбирање на оваа тематика, досега сме работеле на повеќе проекти кои вклучувале мапирање на различни видови традиционални производи произведени од животински и растителни суровини на кои им се заканува опасност од исчезнување, направени се прегледи на националното и европското законодавство, изработени се повеќе анализи и водичи за значењето на малите бизниси со храна, спроведен е проект за зачувување на домашната балканска коза, изготвена е традиционална листа на производи и многу други кои се во насока на потенцирањето на важноста на одржливите практики на производство со акцент на зачувување на целокупниот биодиверзитет.

Дополнително, со експертска поддршка го започнавме процесот на лобирање и застапување со што по иницијатива на Слоу Фуд во 2018 година, а по налог на директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се донесе решение за формирање на прва работна група составена од претставници од АХВ, универзитетски професори од Факултетот за земјоделски науки и храна и инспектори, со што се направија законски промени на веќе постоечки правилници и се донесе нов Правилник за производство и ставање во промет на мали количини производи од животинско потекло[1], кој нуди доста флексибилни решенија кои се во поддршка токму на малите производители на храна кои користат одржливи практики.

Со стапувањето во сила на новиот правилник, на малите бизниси со храна им се отворија нови можности за унапредување на своето производство, а исто така се создадоа услови да пристапат на пазарот со безбедни и конкурентни производи кои се во насока на одржливот систем на храна, според европските и останатите глобални политики, особено со новата стратегија за биодиверзитет на Европската Унија за периодот до 2030 година[2]

Дополнително на тоа оваа законска регулатива е поврзана со повеќе мерки и национални шеми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој кои ги креира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на кои што малите производители може да конкурираат и да ги унапредат своите бизниси.

Но, мора да се потенцира дека финансиските шеми за поддршка мора да бидат добро креирани и насочени кон конкретни области за поддршка за кои претходно е направена детална анализа. Тоа значи дека мора да биде јасно што се предвидува да се постигне со финансиските мерки и истите треба да бидат квантитативни и мерливи за разлика од веќе постоечките „големи“ и генерални шеми. Генерално, јадрото на националните политики за поддршка треба да се пренасочи од тековните права на субвенции кон фер договори меѓу земјоделците и општеството. Целите на овие шеми треба да ги рефлектираат и целите на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој (2021-2027)[3], но и на европските вредности кои се во насока на зачувување на природата, намалувањето на штетените влијанија врз климата и да ги одразуваат еколошките и социо-економските потреби на руралните области, истовремено земајќи ги предвид влијанијата врз нашиот систем за храна и земјоделство во целост.

Во дизајнирањето и спроведувањето на финансиските шеми, во сите фази на процесот треба на партиципативен начин да бидат вклучени сите засегнати страни  почнувајќи од земјоделците па се до локалните власти, останатите институции и секако невладините организации.

Со поддржувањето на фармерите кои користат одржливи практики на производство, напоредно треба да се постави амбициозен и кохерентен систем кој ќе ги стимулира веќе поддржаните земјоделци да го унапредат своето земјоделско стопанство.  Ваквите промени во директните плаќања претставуваат важна еволуција во земјоделството и политиката, бидејќи чистата агрономска продуктивност повеќе не би била единствениот индикатор за успех. Ваквата национална шема за поддршка и развој на земјоделството, не треба да вклучува само еднократни директни плаќања за поттикнување на одредени земјоделски практики и култури, туку и давање на поддршка во конкретни инвестиции, обуки и советодавни системи кои ќе го олеснат преминот од конвенционално во  одржливо земјоделство.

Што треба да се направи?

Кога станува збор за креирањето на земјоделските политики од голема важност за секоја земја е реалното согледување на состојбата на терен во поглед на примената на конкретни закони и регулативи како и потребата од нивно дополнување, промена или креирање на нови законски рамки.

Оттука, Слоу Фуд во периодот кој следи ќе се заложи што почесто да се преземаат следните чекори и активности со цел:

  1. Да се утврди кои прашања и проблеми ги решава земјоделската политика, дали тие проблеми се вистински и оправдани;
  2. Да се утврди, какви цели конкретната политиката си поставува и дали ги поставува во рамки на решавање на проблемите;
  3. Да се анализираат мерките кои политиката ги употребува за решавање на проблемите и остварување на целите и да се оцени, дали некои други алтернативни мерки би биле поефикасни;
  4. Да се проценат ефектите на спроведените политики од аспект на ефикасност и други општествено релевантни критериуми (поддршка на руралните заедници, социјална и економска исплатливост итн.).

Иако процесот на дополнување и изменување на законска регулатива е долгорочен, може со сигурност да се каже дека е потребно да се следи процесот на имплементирање и спроведување на одредбите на подолг временски период.

Новиот правилник стапи во сила на 15 јули 2019 година, но состојбата на терен укажува слаба заинтересираност на производителите да ги регистрираат своите производни капацитети, иако станува збор за минимални хигиенски услови кои истите треба да ги исполнат.

Оттаму, си земаме за право да дадеме предлог до надлежните институции, во конкретниот случај до Агенцијата за храна и ветеринарство да го засили процесот на информирање за придобивките од регистрација на производните капацитети на малите производители и дополнително да се зацврстат соработките со Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството како институција која што треба да биде во улога на информатор и поддржувач на фармерите во целост и да се воспостават канали за комуникација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Секако неопходна е и експертска поддршка на терен кон самите производители кои сакаат да ги унапредат своите производни капаците, со што се поставува повторно важноста од организирање на обуки директно насочени кон производителите за да можат да ги применат минималните хигиенски барања.

Изготвувањето на водичи за конкретните производства на производи од животинско потекло од мал обем е доста корисна, што би требало исто така да се спроведе во соработка со експерти од областа и консултантски поткрепи од невладиниот сектор.

И за крај, Слоу Фуд верува дека иднината останува на младите, што значи дека треба со особено внимание и посветеност да се работи со сите млади ентузијасти кои ги ценат вистинските вредности на одржливото производство а се насочени кон зачувуање на биодиверзитетот. Тоа секако ќе се постигне со креирање на програми за директна поддршка насочена кон младите земјоделци кои дополнително ќе создадат услови за одржлив економски развој.