Да прославиме и наздравиме за Станушината

На колена со спуштена капа …
Вака започнува уште една година за лозарите.

„Уште во раните утрински часови се оди на лозје. Кој и да те сретни по пат ќе те убедува да се вратиш назад. Рано е за кроење на лозјата. Уште е ладно. Но, кога веќе си станал, не слушаш никој и одиш на нива. Никој неможе да те спречи. Голем празник е и не се работи, така било речено од Бога. Така кројачот Трифун заминал на лозје и си го пресекол носот, па лозјето останало непоткроено. Затоа овој ден се празнува како закројување на лозјата и почеток на уште една сезона на виното“ раскажува Ристе Чекоров од Слоу Фуд Тиквеш.

Од најстари времиња до денес виното не ја изгубило својата вредност. Не постои ниту еден разговор, ниту една дружба каде виното би било несоодветна тема. Темата „вино“ е секогаш добра за спојување на луѓе, за стекнување на пријателства, добар алат за „кршење на мраз“. Особено денес, кога се слави св.Трифун, заштитникот на лозарите, убаво е да се отвори оваа тема и да се каже нешто убаво. Минатата година во Слоу Фуд, измина во знакот на Тиквешкиот регион, каде меѓу другите активности, се кршеше мразот помеѓу производителите и нивно обединување за основање на еден нов президиум.

Отсекогаш, познавањето на виното, човекот го става во центарот на своето внимание, а се што е добро и вредно не останува незабележано. Како и многу пати, Слоу Фуд од досегашното искуство и работа го препозна квалитетот и издвои Македонското девојче кое сега се подготвува да го “заведе“ светот. Секако, погодувате, тоа е Станушината-автохтона сорта на грозје од Тиквешкиот регион, каде што мајката природа не можела поскапоцен дар да им подари на овие луѓе.

Трансформацијата од грозје до вино е како да израсниш дете во комплетна личност! Поддршувајќи ги производителите, ја израснавме Станушината и годинава ја пуштаме да биде амбасадор на Македонија по светот. Но, само што започнавме, пред нас има уште многу работа.

Виното од Станушина изобилува со мистериозност и доколку не го пробаш незнаеш што може да имаш во своите раце.
Виното ја има моќта да иницира дебати кои се исполнети со страсти и доста емоции. Може уште многу да се пишува за него, но тоа не е создадено за да се пишува туку да се ужива и пие.

Во име на денешниот празник, да наздравиме со Станушина. Новиот президиум на Слоу Фуд во Македонија. Нека е за многу години!

Тескт: Aнита Главевска

фото © Јован Велески