Навечер кога бериме грозје, ловиме и ѕвезди

Берба 2020 со група на доброволци, љубители на Темјаниката и следбеници на езотеричниот концепт на Сашко © Винарија Ерос

Со ноќната берба на Темјаниката наменета за нивната „Темјаника Стелар“, викендов што измина, винаријата „Ерос“ ја започна бербата на грозјето од реколтата 2020. Нивната филозофија за преточување на ѕвездите во шишињата вино  е пионерски чекор кај нас.

Производството на вино е вистинска уметност, креативен процес во кој винарот ги вклучува своите визии, знаење и искуства во производството и во презентацијата на приказната која сака да ја пренеси преку виното. Пред се треба да се има љубов и почит кон виновата лоза и природата, за да може винската приказна вистински да се живее. Секој кој ги поседува овие особености, може да работи, да твори и да егзистира од производството на вино е ставот на кои ја темели својата работа младиот винар, Сашко Андов од винаријата „Ерос“.

Грозјето се бере исклучиво ноќе, додека лозата „спие”. Подготовки за „ноќната берба“ © Винарија Ерос

Вино со ѕвезди

Сместена во село Марена, Кавадарци, оваа винарија веќе четврта година  ја применува техниката на „ноќна берба“ која кај нас не е пошироко позната, но со децени се применува на други места низ светот.  Грозјето се бере исклучиво ноќе, додека лозата „спие” нема размена на материи и сите ароматични компоненти се задржуваат во зрната. Предноста е што се избегнуваат високите температури кои за време на бербата негативно влијаат на квалитетот на грозјето. Ноќната берба придонесува вината да ги зачуваат ароматските карактеристики на сортата и да постигнат повисок квалитет на виното.  Па така и Темјаниката „Стелар“  на Ерос е со висок ароматски интензитет и нагласени,  конкретни вкусови и мириси.

„Ноќната берба“ дава вино со висок ароматски интензитет и нагласени,  конкретни вкусови и мириси © Винарија Ерос

„Идеата ја видов на интернет, многу земји во светот од поодамна ја практикуваат техниката на „ноќна берба“, која овозможува не само зачувување на квалитетот на грозјето како суровина за вино, туку ги скратува трошоците за разладување на грозјето и се избегнуваат дневните горештини, така што за берачите ова е берба во која тие уживаат во работата“ ќе рече Сашко.

Оваа година, веќе воспоставената традиција, премина во своевидна атракција, бидејќи за самата берба се пријавија доброволци, љубители на Темјаниката и следбеници на овој езотеричен концепт на Сашко. Нивното доживување не го криеа и со споделување на нивните импресии со фотографии и коментари на социјалните мрежи.

Новата генерација на винари

Младиот Сашко припаѓа на новата генерација на винари, кои се појавуваат последниве години и кои се фокусирани на семејните производства. Првобитно неговите планови во животот не биле поврзани со енологијата, иако израснал во лозјата и семејната винарија со која години раководeше татко му. Но заради потребата од  човек што ќе се посвети целосно на работата во винаријата  и кој ќе ја продолжи семејната традиција се запишува на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, на студии по лозарство и енологија и својата наобразба и животна определба ги посветува на виното. Она што неговиот татко Душко Андов го започнал,  Сашко денес успева не само да го задржи туку и да го развива на едно повисоко ниво. Така тој внесува голем број новитети во производството и маркетингот на нивните вина.

Збогатување на понудата на органски вина, се дел од стратегијата на винаријата © Винарија Ерос

Богата винска понуда

Тие 2018 година влегуваат во процес на сертификација за органско производство и оваа година поседуваат статус трета година во преод. Наредната година веќе излегуваат од преоден период и треба да добијат органски статус на лозовите насади насади,што е основа за производство на оргаски вина од сортите Вранец, Темјаника, Жилавка, Шардоне.

Имаат и специјална касна берба на грозје од сортата шардоне, која се случува  од  15-18 октомври, при  што грозјето достигнува повеќе од  30 шеќерни единици, што резултира со  17,5 % алкохол во виното.

Станушината „Ева“ е уште една етикета, која е дел од президиумот „Станушина“ на Слоу Фуд Македонија, чија цел е е зачувување и промоција на оваа сорта на грозје.

Произведуваат и други производи како гроздовиот сок, по кој е претпознатлива винаријата и маџунот, кој се повеќе се враќа на трпезите во Македонија.

Приказната за Сашко и винаријата „Ерос“ е само едно од камчињата во водата кое предизвикува бранување и во периодот кој следи ќе ни донесе уште многу вакви успешни приказни, имајќи ги во предвид созреаните услови за семејно винарство и идеите на новата генерација.

Автори: Цветанка Колева (Биовита, Кавадарци), Николче Николовски (Слоу Фуд Македонија)