НОВА МАКЕДОНИЈА: Полека создаваме домашна пивска сцена

„Пиво, тоа е најдобриот проклет пијалак на светот“, рекол Џек Николсон. На 3 март од 15 до 18 часот во арт-кафето „Кашмир“ е закажан „Крафтинг Македонија – првиот пивски салон на занаетчиските пива“ за да се презентира домашната пивска сцена.

– Домашна пивска сцена? Да, тоа се оние луѓе што произведуваaт пиво во домашни услови, во кујна, во гаража, креативни секој на свој начин и со многу љубов и почит кон овој древен пијалак. Овие пива не може да ги најдете во продажба зашто се во мали количества, за себе и за своите пријатели и затоа ова е ретка и ексклузивна можност да пробате дел од овие мали дела на големите мајстори. Некои се создадени од 100 отсто локални состојки и се еден вид мал експеримент дека и од тоа што може да се најде на ова поднебје може да се создаде добро пиво – пишуваат организаторите. Десетина производители ќе ги изложат своите пива, секој според своите можности и капацитети, значи во строго ограничени количества. Учесници ќе има од Грција, Србија, Естонија, Велес, Куманово, Битола и од Скопје.

Настанот е во организација на порталот „Сакам пиво “, кој се грижи за промоција на пивото и пивската култура во Македонија на едно повисоко ниво, поддржан од конвивиумот „СЛОУ ФУД Водно“ (огранок од мрежата „Слоу фуд Македонија“), како и фејсбук-групата „Домашно пиварство Македонија“.

– Идејата за ваков настан дојде пред сѐ како логичен поглед на настаните што се случуваат на регионалната пивска сцена, која е во енормна експанзија. До пред неколку години можеа да се избројат само неколку занаетчиски микропиварници, за денес оваа бројка речиси секојдневно да расте. Пивата имаат карактер, и постојат илјадници пивски стила собрани во еден заеднички каталог од 2015 година објавен во САД, а се користи во целиот свет. Бранот на лудилото познат како „крафт/занаетчиско “пиварство го зафати и целиот Балкан. Затоа се одлучивме и за организација на ваков настан на локално, а во иднина и на регионално ниво – велат организаторите.  Влезот е со партиципација 200 ден. со што добиваш чаша на вратата со можност за дегустација на сите изложени пива. Доколку сакаш да пиеш цело шише постои можност да си го купиш секако во договор со сопственикот на пивото.

– „Хоумбруинг“ подразбира производство на пиво во домашни услови пред сѐ за лична употреба и во некомерцијални цели. На овој начин пивото се произведувало уште во старите времиња и народи пред 9.000 години пред да влезе и во комерцијалната продажба. Луѓето што се определиле за правење пиво на овој начин го прават тоа од различни причини, а во основа како хоби во кое се дава целосна слобода, креативност и љубов кон финалниот производ. Во одредени земји каде што оваа култура е развиена на повисоко ниво луѓето се здружуваат во клубови и разни организации, организираат разни натпреварувања, собири. Во некои земји домашното пиварство е легализирано и ограничено, кај нас сѐ уште е на почетно ниво – додаваат организаторите.

Објавено на: 28/02/2018
Медиум: https://www.novamakedonija.com.mk/