Македонските специјалитети се одличен пример за тоа како преку одреден производ Македонија може да ја презентира повеќедецениската традиција. Со нивна сертификација земјоделските производители ќе имаат можност да бидат промовирани и на европско ниво
ЗАЧУВУВАЊЕ НА ТРАДИЦИОНАЛНИОТ РЕЦЕПТ
Мариовско биено сирење, дроб-сарма, пашино ќофте, раванија, зелник, млечен специјалитет буламач од Малешевијата и свадбинска алва се само дел од македонските специјалитети што треба да ги зачуваме и приготвуваме според стари рецепти и техники. Малите производители се соочуваат со огромна конкуренција на пазарот и постојано се обидуваат да пронајдат начин со кој на потрошувачите ќе им понудат нешто поразлично. Со глобализацијата на пазарот се нудат различни земјоделски производи, при што конкуренцијата станува сѐ поголема. Кај европските фармери единствено оружје во борбата против ваквата конкуренција е создавање квалитетни производи, кои гарантираат безбедност, постојан квалитет, но и специфичност и уникатност при производството.
Македонските специјалитети се одличен пример за тоа како преку одреден производ Македонија може да ги презентира повеќедецениската традиција и културата на локалното население. За нивно зачувување е потребно спроведување на регулативите за заштитената ознака на потекло, заштитена географска ознака и гарантиран традиционален специјалитет, кои се едни од најефикасните методи за оваа намена што ги користат земјите од ЕУ.
Со сертификацијата на нивните производи земјоделските производители ќе имаат можност да бидат промовирани и на европско ниво, а со тоа да добијат подобар маркетинг и подобра продажна цена.
– Ако сакаме да ги зачуваме нашата традиционална кујна и нашите културни навики, идентитет и традиција и воедно рамноправно да се бориме на домашниот и на странските пазари, мора да посветиме внимание на производството, стандардизацијата и на заштитата на нашите домашни земјоделски и прехранбени производи – изјави Соња Србиновска, професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Таа вели дека квалитетот е многу комплексен и постојано може да се надградува и подобрува, сѐ со цел да се задоволат барањата на потрошувачите, а фармерите треба да сфатат дека со производство на такви производи ќе се издвојат на пазарот.
– Поддршката на производите со специфични особини претставува можност за зголемување на добивката на земјоделските стопанства и влијае против иселувањето и миграцијата на земјоделското население од овие региони. За да го зачува специфичниот и традиционален карактер на одредени производи, Македонија одлучи да ги заштити називите на ваквите земјоделски производи со повисок квалитет и притоа да ги утврди условите под кои тие можат да се употребуваат – рече Србиновска.
На конференцијата „Заштита на квалитетот на традиционалните производи“ што ја организираше здружението „Слоу фуд Македонија“ беше истакнато дека Македонија има голем потенцијал за развој на руралните средини токму преку зачувувањето на типичните, традиционални производи.
– Во Македонија се зголемуваат очекувањата и барањата на потрошувачите за храна и земјоделски производи што носат одреден знак за квалитет, а кој ги детерминира потеклото и традицијата на производство. Промовирањето и зачувувањето на вакви производи, чиј квалитет е базиран на потеклото, може да придонесат за руралниот развој, зголемување на разновидноста на храна и избор за потрошувачите – велат од „Слоу фуд Македонија“.
Оттаму велат дека со спроведувањето на регулативите за потекло, географска ознака и гарантираниот традиционален специјалитет може да се зачуваат производите што имаат долгата традиција, историја и култура на една локална заедница.
Министерството за земјоделство има подготвено национална регулатива за ова прашање, но досега не е пошироко имплементирана во земјата.
Автор: М.Т.
Објавено на: 27/03/2015
Медиум: https://www.novamakedonija.com.mk/