NOVAMAKEDONIJA.COM: Излезе вториот број на детското списание „Полжавче“

Минатата седмица на платформата Зум беше претставено второто издание на списанието за училишни активности на организацијата „Слоу фуд Македонија“. Бидејќи нејзини области на интерес се земјоделството и храната, тие во списанието „Полжавче“ се претставени на начин што е близок за децата и има цел да поттикнува на знаење, креативност и размислување. Тема во фокусот на овој број е почвата како еден од основните фактори за земјоделско производство.
Во списанието ќе ги сретнете известувањата за активностите на дваесет училишта од Македонија што се вклучени во проектот „Училишни градини“. Исто така, застапени се и активности од програмите „Сензорна едукација“ и „Слоу фуд во училишната кујна“, има брзи и лесни рецепти што можат да ги подготват децата, потоа игри, лавиринти, наградени песнички, цртежи и фотографии од распишанот конкурс на списанието. Исто така, одбележана е и Меѓународната година на овошјето и зеленчукот со едукативен текст на Биљана Митреска, магистерка по квалитет на храната. Со поезија инспирирана од природата, од градинарството и од земјата, одбележана е и стогодишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески. Објавен е и разговор со ученикот Павел Милановски, добитник на награда за дигитален цртеж од Светската организација за храна (ФАО), чиј лик се наоѓа на насловната страница на списанието.
На страниците се вклучени и занимливости за киселоста на почвата, за солените почви во Овче Поле, како и за богатството на почвени типови на Македонија, оддавајќи му должна почит на академик Ѓорѓи Филиповски, основоположник на науката за почвите во земјава. Списанието завршува со повик за активно вклучување на децата читатели во креирањето на содржините од програмата за „Училишните градини“.
Ова издание е реализирано во рамките на проектот „Зелен полигон за едукација, алатка за јакнење на еколошката свест“, кој го реализира „Слоу фуд Водно“ – Скопје, финансиски поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Автор: Филип Димкоски