„Одгледувам македоника, одгледувам наше!“

Популацијата на македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) кај нас е идентификувана и потврдена како автохтон подвид. Но, во последните неколку години зачестена е нелегалната продажба на пчелни матици од „увезени“ комерцијални и неавтохтони подвидови на медоносни пчели со што се „контаминира“, односно хибридизира популацијата на автохтоната медоносна пчела.

Хибридизираните пчели се со намалена виталност, потешко презимуваат и не обезбедуваат рентабилно пчеларење на подолг рок. Како најголем и најсериозен проблем од сето ова е нарушувањето на биолошката разновидност. Со ваквите негативни влијанија, пчеларскиот сектор се доведува во незавидна ситуација, со економски штети кои можат да бидат од голем размер.

Македонско здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела „Македонска пчела“ (www.macbee.mk), ја започнува кампањата „ОДГЛЕДУВАМ МАКЕДОНИКА, ОДГЛЕДУВАМ НАШЕ“ со цел подигање на јавната свест за значењето од одгледување на автохтоната медоносна пчела, но и да се поттикнат надлежните институции да посветат повеќе внимание на оваа тема и да ја продлабочат соработката со граѓанските организации.

Активностите кои се дел од кампањата ќе се промовираат и реализираат он-лајн, односно преку веб страната на здружението и социјалните медиуми, потоа преку пишаните и електронски медиуми и преку настаните во организација на „Македонска пчела“-Негорци. За потребите на кампањата изработен е информативен постер, а се планира изработка и на краток промотивен видео спот.

Ги повикуваме сите засегнати чинители за поддршка на кампањата, со што преку една заедничка соработка ќе придонесеме за зачувување, подобрување и промоција на автохтоната македонска медоносна пчела, а со тоа и за одржливо пчеларство и здрава животна средина.

Иако во своето досегашно делување во насока на заштита на автохтоната медоносна пчела ЗГ „Македонска пчела“ има добра соработка со повеќе фондации и граѓански огранизации од целата држава и странство, со дел од регистрираните одгледувалишта на пчелни матици, индивидуални одгледувачи на пчели, повеќе научно-истражувачки центри и државни институции, меѓу кои може да се истакне соработката со Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Слоу Фуд Македонија, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сметаме дека сеуште постои можност за подобрување и развивање на меѓусебната соработка. Само преку сериозен пристап кон оваа тема и преку заедничка соработка на сите засегнати страни и чинители, ќе се елиминираат голем број на несакани појави поврзани со нашата медоносна пчела.

Повеќе информации за работата на Мacbee и кампањата на: www.macbee.mk