Онлајн предавање: Значењето на ботаничките градини

Ботаничките градини се важни за науката, образованието, туризмот, екологијата како и зачувувањето на биодиверзитетот © фото кредит: Филип Димкоски

Ботаничка градина е строго заштитена зелена површина во која раководството дизајнира и создава уредени површини и чува документирани колекции од живи и заштитени растенија.

Тие се важни во областите на научното истражување, образованието, јавното претставување и чувањето а можат да се користат и како туристичка атракција или за производство на производи на база на растенија кои би се користеле за човечко добро.

Слоу Фуд Прилеп, органзира онлајн предавање преку апликацијата Zoom кое има за цел поопширно да ja запознае пошироката јавност со поимот ботаничка градина, со настанувањето, историјата и значењето на ботаничките градини ставајќи акцент на нивната важност во науката, образованието, туризмот, екологијата како и зачувувањето на биодиверзитетот и можноста за зачувување на автохтоните видови растенија.

Низ предавањето ќе не води Филип Димкоски, дипомиран инженер, поет и новинар © фото кредит: Филип Димкоски

Низ оваа тема ќе не води  заменик лидерот на Слоу Фуд-Прилеп, Филип Димкоски,  дипломиран земјоделски инженер во насоката градинарство и цвеќарство преку неговиот дипломски труд „Анализа и споредба на ботаничките градини Локрум, Ајазмо и ботаничката градина во Загреб“.

Покрај општиот дел за историјата на ботаничките градини и за нивните почетоци во Италија, како  и специјалниот дел за секоја од трите градини обработувани во трудот, накусо ќе стане збор и за ботаничката градина на Природно-маематичкиот факултет во Скопје, можностите за нејзино унапредување но и за создавање на нови ботанички градини во државава.

Слушателите ќе имаат можност да го проследат предавањето, да ја погледнат презентацијата и секако, доколку имаат желба да бидат активни учесници во настанот поставувајќи прашања и вклучувајќи се во евентуалната дискусија, со коментари на фејсбук страницата на Слоу Фуд Прилеп или во живо на учесниците преку апликацијата ZOOM.